Страјкер: Новиот врвен модел на Дачиа погодува точно во целта

Дачиа ги објави првите фотографии и соопшти поединости околу новиот знаменосец, којшто доаѓа во форма на комби и го носи името Страјкер.

Дачиа ја потврди изведбата на Страјкер со погон на сите тркала, со електромотор назад и хибриден погон

По воведувањето на Бигстер, Дачиа уште еднаш ја проширува понудата од модели во истата насока, со комбито Страјкер што ќе биде најскап модел на марката, покрај Бигстер, замислен како лајфстајл-возило.

Страјкер се разликува од комби-моделите што романската марка на Рено ги имала отсекогаш во својата понуда. Комбито е долго 4,62 метри и со тоа е незначително подолго од СУВ-знаменосецот Бигстер.

Моделот треба да ги привлече купувачите, коишто бараат просторно семејно возило со широка применливост, со зголемено растојание од подлогата, за излети надвор од асфалтот.

Страјкер е кросовер меѓу комби, комбилимузина и СУВ

Формата на каросеријата се разликува од класичната шема. Страјкер се одликува со релативно долг и рамен покрив, што покрај зголемениот клиренс создава впечаток за динамика.

Предните светла ја следат графиката што е позната од останатите модели, со ЛЕД светла во форма на чатал, исто како кај Дачиа Дастер. Меѓу задните светла е поставен црн панел. Страјкер се препознава како модел на Дачиа, и во стилот на марката, не изгледа премногу накитено.

За разлика од големиот семеен ван Џогер, комбито нема да биде достапно со изведба со седум седишта. Повеќе нагласок се става на просторноста и на искористливоста на багажникот. Дачиа не наведува податок за големината, меѓутоа може да се очекуваат 500 литри.

Комбинацијата од релативно долго меѓуоскино растојание и каросерија што е повисока во споредба со обично комби, ветува просторна кабина и многу простор за нозе назад.

Како топ-модел, Страјкер ќе располага со електрика за седиштата и за вратата на багажникот, како и со сончев покрив, што нема да се отвора.

Кокпитот нуди современ инфо-забавен систем со голем средишен дисплеј, вклучувајќи дигитални инструменти. Од системите за асистенција стојат на располагање систем за задржување во лента и приспособлив темпомат.

Страјкер сепак не ја напушта основната мисија на Дачиа и нема за завлегува во подрачја на опрема и ставки што би влијаеле премногу врз цената. Повеќе нагласок се става на функционалноста.

Понудата од мотори е иста како кај Бигстер

Како основа за Страјкер служи платформата ЦМБ-Ф на групацијата Рено. Тоа е истата платформа како кај Дастер и Бигстер. Во почетокот ќе се нуди класична хибридна изведба со 155 КС, со 1,8-литарски бензинец.

Од погонските единици ќе биде на располагање и 48-волтен благ хибрид. Моќноста ќе се движи меѓу 130 и 155 КС. Традиционално за Дачиа, ќе биде понудена и изведба со погон на автогас.

Производителот потврди дека и за Страјкер ќе биде понудена изведба со погон на сите тркала, којашто користи електромотор за задната оска, без потреба од користење карданско вратило. Такви изведби веќе се нудат кај Дастер и Бигстер.

Откривањето на сите поединости околу Страјкер е планирано за јуни. Новите информации околу моделот беа соопштени при презентацијата на стратегијата на Дачиа за следниот период. Продажбата се очекува да стартува кон завршетокот на годинава.

Се очекува дека цената на новиот модел ќе биде под Бигстер, којшто во моментов стартува на македонскиот пазар од 25.950 евра.

Претходна објаваБи Уај Ди вградува батерија што се полни за 12 минути
Следна објаваКога С-Класата би била ван: Мерцедес-Бенц ВЛЕ е Гранд Лимузина

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here