за

Nvidia има компјутер за автомобили што врши 254 трилиони операции во секунда

Најновиот компјутер на Nvidia за автомобили ќе се натпреварува со Mobileye и Qualcomm за да стане мозок на следната генерација инфо-забавни системи.

Производителот на чипови Nvidia покажа автомобилски компјутер со високи перформанси, што е наменет да врши напредни процеси во инфо-забавниот систем и во системите за автоматско водење на возилото.

Новата технологија на Nvidia доживеа премиера синоќа на настанот што компанијата го организираше во Сан Хозе, Калифорнија. Аналитичарите ценат дека компјутерот ќе ѝ обезбеди предност на Nvidia, пред конкурентот Intel, односно неговиот огранок за автомобилски процесори Mobileye.

Drive Thor, како што Nvidia ја нарекува својата најнова технологија, може да ги контролира автономното возење, системите за асистенција, инфо-забавните функции, дигиталните инструменти, а може и да ги нагледува патниците – сето тоа со само еден компјутер. Тоа овозможува повеќе функции на возилото да бидат собрани во систем што се базира врз еден чип, место функциите да се распоредуваат по неколку електронски контролни единици. На тој начин се овозможува намалување на трошоците, а воедно се обезбедува и простор за усовршување на системот.

Годинава дебитираа уште неколку напредни технологии на Nvidia, меѓу кои се графичката процесорска единица наречена Hopper и централната процесорска единица наречена Grace. „Тоа што го направија со Thor е земање на Grace и Hopper и нивно поставување во единствен SOC (single system on chip), заедно со технологија од следната генерација, којашто уште не е објаснета детално“, изјави Сем Абуелсамид, аналитичар во Guidehouse Insights.

Drive Thor располага со процесорска брзина од 254 трилиони операции во секунда. За споредба, последниот автомобилски компјутер на Mobileye, наречен IQ Ultra, постигнува 176 трилиони операции. Qualcomm уште ја нема објавено процесорската брзина на својата последна Snapdragon Digital Chassis.

„Очекувам Qualcomm да го објави тоа за многу скоро време, а Snapdragon Digital Chassis ќе го доживее своето прво вградување во сериски автомобил веќе годинава“, открива Абуелсамид.

Како што производителите на автомобили се движат кон централизирана архитектура на возило, така тие ќе се потпираат врз системи сé во едно, какви што се системите на Nvidia, Mobileye и Qualcomm.

„Производителите на автомобили можат да користат повеќе оперативни системи на еден чип во исто време“, додава Абуелсамид. Тоа на производителите ќе им овозможи да изберат различни оперативни системи за функции како што се инфозабавните системи или системите за асистенција на возачот.

Thor е компатибилен со автомобилските оперативни системи, како QNX, Linux и Android, способен да користи повеќе оперативни системи и апликации во исто време

„Автомобилските производители можат да ја искористат нашата скалеста архитектура и своите проекти што се во развој да ги префрлат на Drive Thor, откако тој ќе биде готов,” изјави Дени Шапиро, заменик претседател на огранокот за автомобилиска индустрија на Nvidia.

Производството на компјутерот Thor веќе е започнато, потврдија од Nvidia. Кинеските производители на автомобили Zeekr и Xpeng потпишаа договори за вградување на Thor во нивните модели што ќе се појават на пазарот во 2025 година.

Производители на чипови: Авто-концерните се виновни за кризата

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Новиот Mitsubishi ASX изгледа многу познато, фановите се радуваат

Магазинот уште не е умрен, вели BMW и печати 150.000 примероци