
Инженерите се послужија со низа трикови за досегот на електричниот автомобил да го продолжат за околу 40 проценти, на 487 километри. Тоа му дава предност на моделот што пред 15 години беше еден од зачетниците на електричните автомобили со достапна цена.
Продажбата на новиот Лиф ќе почне наесен, прво во САД и Канада, а потоа се на ред Европа и останатите региони, соопшти Нисан. Меѓу технолошките новини се батерии со зголемена моќност, смален електромотор и помудро раководење со топлината.
Дури и силуетата на Лиф што личи на кросовер е изведена со цел да се зголеми ефикасноста.
Со оптимизирана аеродинамичност, каросеријата се пробива низ воздухот со коефициент 0,26, наспроти 0,29 кај сегашната генерација на Лиф, со класична комбилимузинска каросерија. Верзијата за Европа ќе има уште подобра аеродинамичност, со коефициент 0,25, во дел благодарение на потенките гуми.
Под каросеријата се крие новиот пристап во конструирањето на батеријата, којшто се води под името „голем модул“ и има за цел повеќе батериски ќелии да се сместат во просторот. Енергетската густина конкретно е подобрена за 17 проценти. Со соединувањето на електромоторот, инверторот и редукторот во заедничка единица, заштедени се 10 проценти во просторот.
„Техноогиите за третата генерација на Лиф ги развивме со нагласок на ефикасност, ефикасност, ефикасност,“ кажа главниот инженер Хироки Исобе на 9-ти јуни, на брифинг во седиштето на Нисан. „Возилото е многу порационално, гледано во целина.“

Во Нисан Мотор се надеваат дека со технолошкиот напредок што е постигнат кај Лиф ќе се надминат стравот околу досегот и сомнежите кај купувачите во САД и на други пазари, каде што Лиф дозволи да биде престигнат од соперниците. САД ќе бидат прв пазар на којшто ќе се продава Лиф, а дури кон завршетокот на годината ќе започне и продажбата во Јапонија и Европа.
Нисан има големи амбиции со Лиф
САД сепак нема да бидат најголемиот пазар за Лиф, што во најголем дел се должи на неизвесноста околу субвенциите за ЕВ и на фактот што Лиф е увозен автомобил, во време кога САД воведуваат зголемени увозни царини.
Нисан заврши со производство на втората генерација на Лиф во свите погони за монтажа во Смирна, Тенеси.
Третата генерација ќе се произведува во фабриката на Нисан во Сандерленд, ОК, и во фабриката Точиги, во Јапонија. Батериите ќе ги испорачува АЕСЦ од Јапонија и Европа.
Новиот Лиф е во стил на кросовер, напуштајќи го застарениот каросериски концепт на моделот од втората генерација
Европа треба да биде најголем пазар за Лиф, со 60 проценти учество во светската продажба на моделот, изјави главниот стратег за производи Кеиџи Ендо. Јапонија ќе учествува со 20 до 30 проценти во продажбата, зависно од побарувачката во САД.

Ендо не ја наведе продажната цел, меѓутоа напомена дека продажбата на Лиф треба да ја надмине продажбата на ЕВ-знаменосецот Нисан Арија. Тој се произведува на истата лента со Лиф, во Точиги, и во минатата фискална година постигна продажба од околу 50.000 примероци.
„Уште не го знаеме крајниот исход од царините во САД,“ кажа Ендо. „Ние и натаму очекуваме Лиф да биде нашиот најпродаван ЕВ во светот, единствено не ги знаеме точните бројки.“
Како Нисан го подобри досегот во третата генерација на Лиф
Новиот Лиф има помало растојание од подлогата, ветробранот е подисправен и подигнат е опашот. Каросеријата е покуса, кругот на вртење исто така е смален и има повеќе товарен простор. Кросоверот има и целосно сменет изглед на носот, заедно со значително скусен преден испуст на каросеријата.
Нисан првпат користи впуштени рачки во вратите со коишто се подобрува струењето на воздухот. Целиот под е обложен, насочувачите на струењето на воздухот околу тркалата се поделотворни, тркалата имаат рамни раткапни и предната маска е целосно затворена.
Подобрениот систем за управување со топлината ги обединува системот за греење и климатизација со батеријата и погонската спрега, со цел да се подобри ефикасноста.
Системот се поврзува и со навигацијата во возилото, за да го избере најдобриот режим на ладење или греење зависно од патот. Кога навигацијата ќе препознае дека е лето и дека на претстојниот пат има поголемо оптоварување, како на пример искачување преку планински превој, системот автоматски го нагодува ладењето на батеријата, за да се сочува енергијата и да се продолжи досегот.
Батеријата на новиот Лиф е зголемена на 75 кВч за поскапата изведба, во споредба со 60 кВч кај сегашниот модел, додека основниот модел располага со 52 кВч, во споредба со 40 кВч. Нисан не соопшти колкав е досегот со помалата батерија.
Од трите варијанти што се нудат со батеријата одф 75 кВч, изведбата со продолжен досег располага со автономија од 487 километри (според ЕПА). Најтешката верзија, Платинум+, постигнува досег од 341 километри.
Според нормата ВЛТП, досегот изнесува најмногу 598 километри. Нормата во САД, ЕПА, предвидува построги услови на возење во споредба со ВЛТП, што важи во Европа и Јапонија.
Врвната изведба останува на моќност од 160 кВ, додека во основните изведби работи електромотор со 130 кВ, наспроти 110 кВ кај моделот во заминување.















