
Нисан додаде ван со седум седишта во својата понуда од модели на пазарот во Индија, понудувајќи еден од најдостапните автомобили во земјата. Автомобилот се произведува во фабриката на Рено и Нисан во Ченај, од каде што веќе излегува и моделот Рено Трајбер.
Ванот со име Гравајт е технички близнак со моделот на Рено и ја користи модуларната платформа ЦМФ-А+ на концернот. Оваа платформа е наменета за најдостапни модели и меѓу другото се користи кај електричниот модел Дачиа Спринг, што е познат и на европскиот пазар.
Гравајт е ван долг четири метри и висок 1,64 метар, со зголемено растојание од подлогата и со приспособлива внатрешност за превоз на патници и товар. Возилото е тешко 950 килограми.
Основата е техника од групацијата Рено
Разликата меѓу Нисан Гравајт и Рено Трајбер се сведува во предницата, со светла во форма на потковица, црна маска и поинаку изведен браник кај јапонската марка. Поопремените изведби располагаат и со диодни предни и задни светла.
Внатрешноста целосно е посветена на приспособливоста на просторот. Третиот ред седишта е отстранлив и во тој случај се добива огромен простор за товар. Со пет патници, багажникот нуди зафатнина од 625 литри, со шест патници остануваат 320 литри, односно 84 литри кога сите седишта се зафатени.

Во тропски услови е важно клима-уредот да биде делотворен. Разладен воздух се донесува до третиот ред седишта. Касетата пред совозачот исто така е разладувана.
Опременоста е дури пристојна
Во средината на кокпитот се наоѓа дисплеј од 8 инчи, а телефон се поврзува без кабел. Возачот има екран од седум инчи. Опременоста опфаќа безжичен полнач, пристап без клуч, паркинг сензори напред и назад, автоматски светла.
Со безбедносната опрема, што опфаќа шест воздушни перници, контрола на стабилност и на тракција, задржување при поаѓање на нагорнина, АБС и предупредување за неврзан појас, индискиот Гравајт може да се понуди и во Европа.
За цената меѓу другото придонесува и основната моторизација. Тука работи 1,0-литарски трицилиндарец со 72 КС и 96 њутнметри, со мануелен менувач. Постои и изведба со роботизиран менувач.
Основната изведба чини 565.000 индиски рупии, што одговара на околу 6.200 евра. За поопремената изведба треба да е издвојат 7.200 евра, додека врвната изведба со ниво Текна чини 8.700 евра.
На Индискиот Потконтинент во 2025 година се продадени 26,8 милиони возила, вклучувајќи патнички и товарни возила, мотоцикли и трицикли. Патничките автомобили постигнале продажба од 4,5 милиони возила. Пазарен лидер е Марути, со 44,2 проценти удел на пазарот. Потоа следат Махиндра со удел од 12,6 проценти и Тата со 12,4 проценти.
Најзастапена увозна марка е Хјундаи со 10,5 проценти, а потоа Тојота со 8,5 проценти. Пазарот бара главно СУВ-модели, коишто учествуваат со 52 проценти во продажбата. Далеку најпродаван модел е малечката лимузина Марути Сузуки Дзире со 214.000 возила.















