Знаменосецот на Мерцедес-Бенц и бранителот на честа на марката од Штутгарт доби речиси целосно нов мотор во освеженото моделско годиште на С-Класата, во изведбата С 580. Речиси целосно, затоа што коленастото вратило е сосем различно. Накусо, принципот потекнува од мотоспортот и стандард е во Ферари. Сега, тоа важи и за Зондеркласата.
Ако се гледа лаички, моторот М 177 Ево во новата С-Класа, во нејзината изведба С 580, располага со 34 КС и 50 повеќе во споредба со претходниот М 177. И, тоа би било доволно за да се задоволи гладот на сцената, за новите модели да бидат посилни и побрзи. Меѓутоа, промената е во сосем различната конструкција на коленастото вратило, практично во срцето на секој мотор.
Место ракавците на коленастото вратило – на коишто се прицвртени клипниците, што го поврзуваат вратилото со клиповите – да бидат поставени под 90 степени (кросплејн), кај М 177 Ево, ракавците се под 180 степени, односно ако коленастото вратило се гледа по должина, сé е во иста рамнина. Тој принцип жаргонски се нарекува „флетплејн“.
Ваквите коленасти вратила се полесни и дозволуваат моторот побрзо да ги качува вртежите. Се подобрува и размената на гасови, односно издувните гасови струјат полесно, а се постигнува и карактеристичен, груб звук, што е одлика на тркачките осумцилиндарци. Причината е тоа што палењето на смешата во цилиндрите се одвива наизменично, на едната, па на другата половина на Ве-8 моторот. Во основа, тоа е тркачки мотор.
Мерцедес се изрекламира дека преку половина од компонентите во освежената С-Класа се нови, но вистинската сензација е токму во М 177 Ево
АМГ досега има практикувано вакви зафати, на пример кај ГТ Блек Сериес, каде што и моќноста порасна драстично. Тоа сепак е зафат во срцето на моторот.
Инженерите во Штутгарт се соочуваа со огромни предизвици и спротивставени цели при конструирањето на М 177 Ево. Од една страна, моторот требаше да се подготви за Еуро 7, односно да постигне уште почист издув, додека од друга страна, мораше да се додаде и во моќноста. Сепак се работи за гордоста на марката со сребрената ѕвезда.
За да се исполни претстојната Еуро 7, новиот мотор не се префрлува на „мрсна смеша“ при силно оптоварување, односно мора да работи со Ламбда 1 во целото работно подрачје, за горивото да согорува целосно во сите услови. Инженерите пресметаа дека преоѓањето на флетплејн ќе донесе корист и во поглед на смалувањето на емисијата.
Користа доаѓа од тоа што издувните гасови се испуштаат симетрично, де од едната, де од другата страна на Ве-8 моторот. Тоа го подобрува струењето во двојниот издувен систем. Вистина, Штутгарт повеќе се реши за „рамното“ коленасто вратило заради почистата емисија. Коморите за согорување вака се празнат подобро и нема остатоци – во интерес на смалувањето на емисијата на штетни материи.
Уште една новина кај М 177 Ево е воведувањето милеров циклус на работа. Брегастото вратило ги затвора вшмукувачките вентили уште пред клипот да дојде до долната мртва точка. На тој начин се подобрува ефикасноста, но се смалува масата на воздухот во коморите за согорување, а тоа значи пониска моќност. За тоа да се надомести, притисокот на натполнење е зголемен на 2,2 бари.
Уште еден трик е т.н. хај-рамбл постапка, односно горивото се движи во вртлог. Целта е да се спречи смешата да допре до ѕидовите на цилиндарот при мало оптоварување, односно да се насочи најпрецизно кон свеќичката за палење. Така се смалуваат топлинските загуби.
Моторот е навален влево и како што кажува ознаката, се базира врз М 177, мотор што го развиваше Мерцедес-АМГ. За преработката во М 177 Ево, сепак беа задолжени инженерите во Цуфенхаузен. Производството на моторот остана во седиштето на АМГ, во Афалтербах.
Тоа што многумина ќе сакаат да го слушнат, кога Мерцедес-Бенц ќе почне да ја испорачува новата С-Класа во јуни, секако е звукот на С 580 со М 177 Ево. Тоа е сосем различен свет, во поглед на звуците од моторот. Но, за да се доживее спектаклот, потребни се вртежи. При ниско оптоварување, не се случува голема драма.
Кај класичниот Ве-8, значи кај кросплејн под 90 степени, палењето на цилиндрите секогаш се одвива наизменично, по два цилиндри од едната страна, па потоа по два цилиндри од другата страна. Кај флетплејн, пали еден цилиндар од едната, па друг цилиндар од другата страна на Ве-моторот.
Кај досегашната С 580, редоследот на палење е 1-5-4-2-6-3-7-8. Тоа го создава нерамномерниот и препознатлив звук на кросплејн, класичното брборење. Сега, редоследот е 1-5-4-8-3-7-2-6. За претстава, може да послужи звукот на мотор на Ферари. Кај С-Класата, моторот сепак не врти толку високо и звукот е многу покултивиран.
Тоа што М 177 Ево е благ хибрид, ретко некого засега, иако станува збор за корисна техника. Во основа, електромотор со функција на стартер-генератор, тежок 23 килограми, вграден е во 9-степениот автоматски менувач. Со вртежен момент од 205 њутнметри, овој електромотор сепак е доволно делотворен за тешката лимузина да ја задвижи, пред да се разбудат двата турбополначи. Моќноста порасна од 503 на 537 КС, вртежниот момент од 700 на 750 њутнметри.
За да се поддотера звукот, техничарите и тука се послужија со трикови, односно се произведуваат вешташки звуци преку аудио системот во кабината, за звучното доживување да биде поинтензивно. Надвор, С-Класа звучи како што ѝ доликува.
Ево-флетплејн во иднина ќе се вградува и во моделите на АМГ.
















