за

Во автомобилите на Nio не се полни батеријата, се заменува со полна

Во Nio се добива полна батерија за 500 километри за исто толку време за колку што се полни резервоар во обичните автомобили. Тајната е во замената на празната батерија со полна. Кинеската марка доаѓа на европскиот пазар.

Кај електричните автомобили на Nio нема потреба да се влечат кабли до полначот, нема потреба ниту од полнач, и најважно, нема чекање додека се наполни батеријата. Во специјалните станици на Nio се врши замена на испразнетата батерија со полна, и тоа трае само пет минути.

Не може да биде поедноставно. Големиот и солиден СУВ-модел на кинескиот производител Nio се запира попреку пред станицата на кинескиот производител на автомобили Nio, што е голема колку гаража за два автомобили. Потоа, на дисплејот во кокпитот се притиска врз полето на коешто пишува „Start power swap“ и автомобилот со своите пет метри, целосно самостојно вози наназад кон влезот во станицата. По пет минути, празната батерија се заменува со нова и целосно наполнета батерија. Nio ES8 е подготвен за следните 500 километри возење. Толку време е потребно и за резервоарот на обичните автомобили да се наполни со гориво за 500 километри пат.

Во Кина веќе работат близу 900 станици од овој вид, коишто Nio ги нарекува „Power Swap Stations“. Секој ден во овие станици во просек се заменуваат околу 30.000 батерии. Досега се извршени вкупно 7,7 милиони замени со полна батерија.

Не е изненадување тоа што кинеската марка од почетокот на годинава е присутна и во Норвешка, вклучувајќи и станица за замена на батериите, којашто се наоѓа во гратчето Лиер, западно од Осло. Основната моделска изведба на Nio ES8 во Норвешка чини 519.000 круни, што одговара на околу 55.500 евра. Во цената на возилото не е вклучена батерија, затоа што се плаќа месечна претплата за нејзино користење.

Цената за наемот на батеријата се движи од 150 до 210 евра месечно, зависно од големината на батеријата – првата цена е за батерија од 75 kWh, втората за 100 kWh. Услугата се води како „Battery as a Service“. Во месечната рата се вклучени две бесплатни замени на батеријата. Цената на замената изнесува 0,20 евра по kWh, плус десет евра за услугата. Тоа значи дека полна батерија од 75 kWh се добива за 25 евра со сите трошоци – секако, на тоа се додава и самата месечна рата за користењето на батеријата.

При замената, прво се подигнува возилото околу 5 сантиметри, по што роботи ги одвртуваат десетте завртки и ја откачуваат батеријата. Во втората половина од станицата се наоѓаат 13 батерии што се полнат со моќност од 40 kW и се одржуваат на температура од 20 степени Целзиусови. Потоа, нормално, следи повторно прицврстување на батеријата и автомобилот може да продолжи. Од станицата се излегува практично исто како од автоматска перална. Една станица може дневно да изврши до 312 замени на батерија.

Идејата со замена на батеријата не е нова. Renault, на пример, имаше проект со една израелска компанија, но не успеа. Nio е прв што реално ја нуди услугата. Една станица покрива површина од околу 65 метри квадратни, што значи дека таа може да се постави речиси секаде.

За целата постапка да мине беспрекорно, се користи врвна технлогија. Еден ласерски радар и 37 инсталирани камери се грижат завртките да се зафатат правилно и да се одвртат и завртат без да се оштети навојот. Услугата е флексибилна, односно може во станицата да се дојде со батерија со 100 kWh и да се замине со батерија со 75 kWh, или обратно.

Планот на Nio е до 2025 година да изгради мрежа од 4.000 станици, од коишто 1.000 станици надвор од Кина. Во меѓувреме се проширува и понудата од модели. Покрај електричниот СУВ-модел ES8, наскоро стартува лимузината ET7.

Линк до дигиталната NIO House во Осло, Норвешка

https://roundme.com/tour/789687/view/2491431/

Со електричен Seres 3 од изворот на Треска до Скопје

Во нашиот онлајн каталог Автосалон МК можете да ги погледнете сите батериски електрични автомобили што се во редовна понуда на македонскиот пазар

Inventory

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volvo испрати нов софтвер „по воздух“ до 190.000 автомобили

Фабриките на Toyota во Јапонија во мај ќе мируваат најмногу шест денови