за

Nio во нова фабрика во Кина ќе произведува евтини електрични автомобили за Европа

Додека помамата за електрични возила во Кина слабее, по укинувањето на високите субвенции, Nio цели на европскиот пазар, со евтини автомобили на струја.

Кинескиот производител на електрични возила Nio планира да изгради фабрика, во којашто ќе се произведуваат евтини автомобили од нова марка. Овие возила ќе бидат наменети првенствено за европскиот пазар, каде што продажбата ќе стартува веќе во почетокот на следната година.

Планот за проширување на портфолиото од модели што ги произведува, како и да го прошири своето присуство на светскиот пазар, следи како чекор откако продажбата на електрични автомобили во Кина, најголем пазар во светот, забележа огромен пад. Причина за тоа беше укинувањето на масивните државни субвенции за возила со електричен погон.

Според изјавите од луѓе што се упатени во плановите, и коишто не сакаат нивното име да биде објавено, затоа што станува збор за приватни разговори, Nio планира да лансира нова марка, којашто ќе биде специјализирана за поевтини електрични автомобили. Тајните проекти се развиваат под шифрите „Firefly“ и „Alps“.

Новата фабрика ќе се гради во Чуџоу, град во источниот дел на Кина, во провинцијата Анхуеј. Во фабриката ќе се произведуваат автомобилите што се развиени под проектот „Firefly“. Тоа ќе бидат автомобили од пониските класи, што ќе се извезуваат во Европа, каде што моделите од градската и компакт класата го сочинуваат главниот пазар.

Nio веќе има изградено две фабрики за монтажа на возила во Хефеј, главен град на провинцијата Анхуеј

Цените на возилата за Европа ќе се движат меѓу 50.000 и 91.000 евра, во зависност од досегот на батеријата, како и од изборот на купувачите, дали да ја купат батеријата во возилото или да плаќаат месечна наемнина за тоа.

Засега нема коментари од компанијата, исто како и од надлежните институции за економијата во регионот.

Кинеските производители на електрични возила, од коишто повеќето уште не остваруваат профит, ги зајакнуваат напорите за да го зголемат својот пазарен удел. Продажбата на електрични возила и натаму е на високо ниво во споредба со светот, за што сведочи и податокот дека повеќе од една четвртина од сите продадени автомобили во јануари, биле целосно електрични или приклучни хибридни возила.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by NIO (@nioglobal)

Додека Tesla се потпира на само два модели во Кина, како стратегија што помага да се смалат трошоците, повеќето кинески марки нудат целосна гама од модели, со цел да привлечат колку е можно поширок круг купувачи.

Nio нуди шест модели и планира во текот на годинава да лансира уште пет нови модели, под матичната марка. Позиционирањето на Nio де во премиум сегментот, каде што им конкурира на BMW, Mercedes и Audi.

Претседателот на Nio, Вилијам Ли, денес најави и дека компанијата ќе го забрза проширувањето на мрежата од станици за замена на празните батерии со полни во Кина.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Австрискиот огранок на ДХЛ годинава вклучува 20 електрични Kia EV6

BMW деветта година е највреден извозник од САД