Германската статистика за автомобилскиот пазар во земјата е прочуена по деталноста и јасноста. Еден кус увид во најпродаваните моделски серии на Мерцедес-Бенц на домашниот пазар.
Мерцедес-Бенц во првите десет месеци од годината испорачал 221.132 возила на германскиот пазар, што на премиум марката ѝ носи пазарен удел од 8,9 проценти.
Прв по продажба е СУВ-моделот од средната класа ГЛЦ, со 42.852 возила, а тоа значи дека еден од секои пет продадени Мерцедеси во земјата е од оваа моделска серија.
Бидејќи целата понуда од мотори во ГЛЦ е електрифицирана, полињата во статистиката што им припаѓаат на обичните бензинци и дизели остануваат празни. Но, затоа, во полињата со бензинци и дизели со благ хибриден погон (МХЕВ) стојат 13.300 дизели со благ хибриден погон и 7.167 бензинци со благ хибриден погон. На тоа се надоврзуваат 6.585 дизели со приклучен хибриден погон и 4.025 бензинци со приклучен хибриден погон (ПХЕВ).
Но, големото изненадување се 11.772 регистрирани примероци од електричниот ГЛЦ, којшто е од нова генерација, конструиран врз сосем друга платформа од традиционалниот модел и со различен изглед. Уделот на електричниот ГЛЦ во продажбата на електрични модели на марката изнесува 22,2 проценти – еден од секои пет новорегистрирани електрични Мерцедеси се од ГЛЦ.

Понатаму, статистиката наведува дека 40,9 проценти од вкупната продажба на модели на Мерцедес-Бенц со погон на сите тркала отпаѓа на ГЛЦ.
Втората најпродавана моделска серија е ЦЛА, којашто се состои од две каросериски изведби, купе-лимузина и купе-комби Шутинг Брејк, со 30.368 возила и удел од 13,7 проценти во вкупната продажба на Мерцедес-Бенц. Тука се појавуваат 713 возила со дизел мотор, но тоа се примероци од претходната генерација, веројатно заостанати примероци во залихите кај дилерите.
Кај ЦЛА е веќе сосем различна приказна. Новата генерација на моделот е развиена првенствено во изведба со електричен погон, а посебно е изведена варијанта со благ хибриден погон. Вторава учествува со 9.339 возила до октомври, додека електричниот ЦЛА брои 20.231 возило – што сочинува 38,1 процент во продажбата на батериски електрични модели (БЕВ) на ниво на марка. Со погон на сите тркала се 6.650 возила.

Трета најпродавана серија е заштитниот знак на марката, Е-Класата, со 23.960 продажби до октомври и удел од 10,8 проценти. Бензинци со благ хибриден погон бројат 3.547 возила, дизели со благ хибриден погон 9.213 возила, но следат и бензинци ПХЕВ со 4.385 возила и дизели ПХЕВ со 4.294 возила.
Од електричната Е-Класа, поранешната Е-Ку-Е, што денес се води како Е-Класа со технологија Е-Ку, регистрирани се 2.519 возила. Вкупно со погон на сите тркала се 8.981 возила од Е-Класата.
Веднаш по Е-Класата следи Ц-Класа, со 18.796 продажби и удел од 8,5 проценти. Кај Ц-Класата важи истиот случај како кај ЦЛА, со класична Ц-Класа и со нова Ц-Класа што е развиена исклучиво во електрична изведба. Бензинските МХЕВ постигнале 6.838 продажби, дизелските МХЕВ имаат 8.078 примероци, бензински ПХЕВ бројат 1.539 регистрации, дизелските ПХЕВ 1.519 возила.

Електричниот модел од новата генерација стартуваше неодамна со испорака и брои 821 регистрација до октомври, но за силната динамика со којашто ќе се пробива овој модел сведочи податокот дека само во октомври биле регистрирани 657 возила. Од Ц-Класите, 4Матик се 3.094 возила.
Петта најпродавана моделска серија на домашниот пазар на Мерцедес-Бенц е ГЛА, трет модел каде што годинава паралелно се присутни моделите од претходната генерација и од новата генерација, со истата техника како ЦЛА, односно со целосно електричен и со благ хибриден погон.

Најчесто се избирала ГЛА со бензински МХЕВ, на којашто ѝ припаѓаат 8.417 возила во вкупната продажба од 17.087 примероци од серијата. Дизелите во претходната генерација постигнале 2.511 регистрации. Бензинските приклучни хибриди, исто така од претходната генерација, бројат 1.563 примероци, додека целосно електричниот модел од новата генерација следи високо со удел од 8,6% и регистрирани 4.556 возила. Со погон на сите тркала се 3,4 проценти, односно 3.519 примероци од ГЛА.
















