Хрватскиот автомобилски пазар отсекогаш се посочувал како пример за здрав и одржлив пазар на Балканот. Во февруари во земјата се регистрирани 3.439 нови патнички автомобили.
Февруари донесе помал пад во продажбата на нови автомобили на хрватскиот пазар (-4,2%), во споредба со првиот месец од годината. Volkswagen останува лидер со удел од 15,6%, пред традиционално силната Skoda, со слично висок удел (13,1%). Fiat е на третото место, со двојно пониска продажба и соодветно помал пазарен удел (6,90%). Голем скок има Hyundai, како четврта најпродавана марка во февруари, наспроти 13-то место во јануари. Renault и Dacia, со слични бројки од продажбата како марките пред нив, се во благ минус, но тие по правило секогаш се во хрватскиот Топ 10.
Kia во Хрватска не е меѓу најпродаваните 3 марки, како што е во Македонија, но затоа со 7-то место во февруари, за четири места повисоко отколку во јануари, на гарант-марката ѝ останува уште место за напредок. Осмото место на Suzuki исто така не е изненадување, ако се споредува со македонскиот пазар. Уделот од 4,7% во февруари е сличен со македонскиот Suzuki. Тоа се само примери дека автомобилските марки не се продаваат „сами од себе“, туку успехот бара работа.
Peugeot е на деветтото место, со мала предност пред Toyota, чијшто удел (4,20%) во Хрватска е речиси двојно понизок отколку во Македонија. Уште еден пример во смисла на претходно кажаното. Opel и Citroen заостануваат далеку, прашање на време е кога ќе бидат престигнати од премиум марките BMW и Mercedes, кои се 16-та и 17-та најпродавана марка во Хрватска во февруари, со само едно возило разлика.

Во конкуренција на модели, Skoda Octavia е февруарски и „годишен“ шампион, со 227 продадени примероци во февруари и вкупно 372 примероци во првите два месеци. Огромниот скок на Fiat Panda, со +1.691,70% скок е своевиден феномен, зад којшто веројатно стои стратегија на FCA да ги продава моделите со ниска емисија на СО2 по дисконтна цена на избрани пазари (вклучувајќи и учество на тендери со тие цени), за на тој начин да се балансира продажбата на модели со повисока емисија на СО2, на „побогати“ пазари. Сето тоа е дел од „играта“ на производителите, да се избегне плаќање скапи пенали кон ЕУ во случај на надминување на лимитите за СО2. Истото важи и за Jeep Compass, на 9-то место, со скок од 2.400 проценти!
Три СУВ-модели во Топ 5 јасно го покажуваат расположението на хрватските возачки и возачи. По Volkswagen T-Roc следи Dacia Duster, веднаш следи Hyundai Tucson. Од десет најпродавани модели, само три не се СУВ или кросовери. Kia Stonic се држи одлично, добар е и Yaris на 12-то место, по Golf. Убаво изненадување е Suzuki Vitara како 15-ти најпродаван модел, кого речиси во чекор го следи S-Cross. „Сузи“ кај нас постигнува уште поголем пазарен удел.
















