за

Триесет години од премиерата на Opel Frontera

Кога поимот СУВ уште беше непознат на европската автомобилска сцена, Opel во 1991 година ја претстави Frontera на салонот во Женева.

Претставен како „автомобил за рекреација со погон на сите тркала“, Opel Frontera имаше улога на втемелувач на најуспешниот вид возила во последните децении во светски рамки.

Opel Frontera уште пред 30 години нудеше спој на теренски возило, со добри возни својства и со симпатична појава. Сето тоа придонесе моделот да биде пробласен за најдобар теренски автомобил за 1991//92 година. Веќе во следната година, Opel Frontera се проби на врвот на продажните статистики и долги години потоа беше најпродаван теренец во Европа. Opel произведе повеќе од 320.000 примероци од моделот.

Автомобилот со погон на сите тркала беше развиван заедно со тогашната сестринска компанија на Opel, со специјалистот за теренски возила Isuzu. Од крајот на 1991 година, Frontera беше достапна во две каросериски изведби. Frontera Sport беше изведбата со кусо меѓуоскино растојание и со две врати, со дволитарски бензинец со 115 КС. Кај верзијата со пет врати и со долго меѓуоскино растојание можеше да се избира меѓу 2,4-литарски бензинец со 125 КС и 2,3-литарски турбодизел со 100 КС. Моќта кај сите модели се пренесува на задната оска преку петстепен мануелен менувач и двостепен разделен преносник со теренска редукција. За вклучување на погонот на предната оска мора да се ракува со кусата рачка во средишната конзола.

New item by Automedia MK / Google Photos

Дури во 1998 година, со појавувањето на втората генерација, беше воведен електронскиот систем со којшто префрлувањето меѓу заден и погон на сите тркала можеше да се врши со притискање копче за време на возењето. Понудата од мотори ја сочинуваа 2,2-литарски турбодизел со директно впрскување DTI со 115 КС, основен бензинец 2.2 16V со 136 КС, и ексклузивно за Opel Frontera Limited, шестцилиндарец од 3,2 литри со 205 КС.

New item by Automedia MK / Google Photos

Теренецот на Opel првпат можеше да се нарача со четиристепен автоматик (за DTI 16V и 3.2 V6). На располагање и натаму беа куса каросериска изведба Sport со три врати и долга изведба со пет врати и долго меѓуоскино растојание. Frontera до крајот на 2003 година се произведуваше во англискиот Лутон, северно од Лондон. Денес таму се произведуваат Opel Vivaro и Opel Zafira Life.

Двете генерации важат за издржливи и долготрајни, така што постои солидна понуда од возила на онлајн-берзите, со примероци кои имаат поминато далеку над 300.000 километри. Посебно се ценети шестцилиндарските модели од последните години. Frontera Sport од 1990-те е оригинален и по можноста да се вози без покрив.

>>> Новата Opel Astra ќе вози со техника од Peugeot

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Топ 20 Најпродавани модели во Хрватска во февруари

Електричната Dacia Spring чини 12.403 € во Франција