Кои се 50-те најголеми дилери на автомобили во Европа

Повеќето од 50-те најголеми дилери во Европа го прифатија напливот од кинески автомобили и ги додадоа во своето портфолио од марки, покажува најновото истражување.

„Најголемите 50 дилери во просек имаат по една марка повеќе отколку пред една година“, кажува Стив Јанг, директор на консултантската компанија ИЦДП. Некои од нив додале по три или четири кинески марки.

„Причината за тоа во еден дел е искористување на можноста за заработка, а во друг дел е менаџирање на ризикот,“ објаснува Јанг. „Доколку Кинезите напредуваат, тоа ќе биде на нечија сметка.“

Најновото рангирање што го објави ИЦДП за најголемите независни дилери во Европа, според остварениот промет во 2024 година, покажува дека водечката групација Емил Фреј, со седиште од Швајцарија, денес ги застапува кинеските марки Чери, Шаопенг и Грејт Вол Моторс. Исто и шведската Иа Хедин Бил, трет најголем дилер во Европа, ги нуди Би Уај Ди, Хонгчи и Шаопенг.

Дури и групацијата Пенске, што е насочена кон премиум марки и се наоѓа на второто место, главно благодарение на одличната продажба преку дилерите во Обединетото Кралство, неодамна објави дека ќе го отвори осмиот дилерски центар на Џили и Чери во ОК. Групацијата со седиште во САД ќе ги додаде евтините кинески марки во своите салони за користени автомобили Сајтнер Селект, коишто првично беа замислени како експеримент со мало вложување.

„Поентата е да подадеме рака и да видиме што ќе се случи“, изјави Ентони Пордон, шеф за корпоративен развој, за време на автомобилскиот симпозиум на 3-ти ноември. „Ние буквално го закачуваме знакот на Чери или Џили пред објектот. Ако се покаже дека тоа има смисла и постигнеме раст, тоа е одлично. Во спротивно, ние сепак немаме инвестирано многу во тоа.“

Кинезите го удвоија пазарниот удел

До септември, кинеските марки го зголемија својот удел на европскиот пазар и достигнаа 5,3 проценти, што е двојно повеќе во споредба со уделот пред една година. Само во септември, кинеските марки имале пазарен удел од 7,4 проценти.

„Големите дилерски групации сакаат да го следат пазарот,“ вели Јанг. „Ако на Кинезите отпаѓаат 10 проценти од пазарот, тогаш дилерите не сакаат да бидат ограничени на 90 проценти од пазарот.“

Водечките три дилерски групации во Европа ги задржаа своите места во 2024. Но, на останатите места се случија големи промени, како резултат од неодамнешното преземање на две големи дилерски групации од Обединетото Кралство.

Литија Драјввеј, со седиште во САД, се проби на 4-то место, од 12-то место во 2023 година, откако ги презеде Пендрагон и Џардин Моторс од ОК.

Најголемите дилери во Европа

Емил Фреј остана на врвот како најголема независна дилерска групација, врз основа на прометот во 2024 година. Во меѓувреме, Литија се искачи на 4-то место, откако презеде два големи дилери.

Глобал Ауто Холдингс, огранок на канадската Алфа Аутокар, во 2023 година го презеде 10-то место, по купувањето на Лукерс од Обединетото Кралство.

Компаниите од Северна Америка беа привлечени од ниската валуација на групациите од ОК, коишто традиционално владееја со европскиот пазар, благодарение на нивната широка распространетост. „Тие добија многу повеќе за парите,“ вели Јанг.

Тренд во 2025 ќе биде намалениот број на тие групации што прават големи преземања, затоа што сега сакаат да го унапредат бизнисот и да се ослободат од дилерите што продаваат послабо, предвидува Јанг.

Груп 1, компанија од САД, коајшто лани ја купи британската групација Инчкејп, најави дека ќе се откаже од своите дилерства за Џагјуар Ланд Ровер.

Во меѓувреме, директорите во шведски Хедин најавија рационализирање на портфолиото на компанијата, којашто поседува 850 салони, откако купи групации во Холандија, ОК и Германија. Хедин има помалку салони единствено од Емил Фреј, со нивните 1.049 салони.

„Во 2025 очекуваме извесен број на релативно помали промени, како резултат на измени во порфолијата“, вели Јанг.

Уделот на 50-те најголеми дилерски групации во продажбата на автомобили во Европа во 2025 година повторно се зголеми на 15 проценти од пазарот, во споредба со 10 проценти во 2013 година, покажуваат податоците на ИЦДП. Компанијата предвидува дека околу четвртина од вкупната продажба на автомобили во Европа во 2030 година ќе се сведува на најголемите дилерски групации, што ќе претставува значајна отстапка од фрагментацијата што традиционално е одлика на продажбата на автомобили во Европа.

Претходна објаваФолксваген е прва марка што освоила четири Златни Волани во еден цуг
Следна објаваМока ГСЕ е 22-от модел на Опел што освојува Златен Волан

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here