за

Mitsubishi Space Star најпродаван, Corolla втора, Suzuki со 101 возило за три месеци

Трите имиња во насловот се стандардна постава меѓу најпродаваните марки и модели. Продажбата во март ја води Space Star, се одигра и „дерби“ меѓу Sportage и Tucson.

Како и низ сите години досега, официјални податоци за продажбата на нови автомобили на македонскиот пазар нема. Во редакцијата на Аутомедиа користиме повеќе извори за да се добие приближна претстава за пазарниот сооднос и за динамиката на продажба. Во март биле продадени 484 нови патнички и доставни возила, односно вкупно 1.128 возила од почетокот на годинава, од двете категории.

Најпродаваниот модел на македонскиот пазар во март не е непознат на врвот на табелата. Како што тоа и увозникот Мак Ауто Стар го има соопштувано во своите профили на друштвените мрежи, Mitsubishi Space Star и претходно има избивано на првото место. Тоа беше случај и во март, со 23 продадени примероци. Станува збор за вешт деловен потфат, кога менаџментот за марката Mitsubishi за македонскиот пазар, уште во екот на ковид-кризата резервираше солиден број примероци од моделот. Храбриот потег се исплатеше, испораките течат редовно. Според актуелните информации, Mitsubishi Space Star е распродаден до септември. Тоа значи, доколку јапонското мини се нарача во моментов, возилото би било испорачано во октомври или подоцна. Вкупно 44 примероци се продадени во првите три месеци.

Од Тојота Авто Центар имаме потврда за веродостојноста на 22-та примероци од Toyota Corolla, што се продадени во март (+69,2% во споредба со март ’21). Бестселерот го продолжува своето сигурно возење на македонскиот пазар. Во првиот квартал, Corolla има постигнато 59 продажби, вклучувајќи и прво место во февруари.

Toyota Corolla 2019 Hybrid Sedan test

Трет најпродаван модел е Citroen C3 со 21 примерок, односно вкупно 38 примероци до март. Традицијата на моделот на француската марка секако дека влијае. Наследникот на шампионскиот Saxo и на две генерации на C3 пред него, во март напредуваше значително, по 7-то место во февруари.

Duster е 4-ти најпродаван модел. Романскиот СУВ редовно се пласира високо во продажбата, меѓутоа раздвојување на продажбата на возила за приватни купувачи и за компании, секако дека би дало пореална слика за успехот на моделот на македонскиот пазар, и тоа не важи само за Duster. Дваесет примероци од лимузината Peugeot 301 во март има продадено и Еуроимпекс. Фановите на марката со лавот ќе ги радува и фактот што Peugeot била 4-та најпродавана марка во Македонија во март, со вкупно 31 возило – исто колку Opel, „втората“ автомобилска марка на Еуроимпекс. Тука, школото е важно, штом двете марки напредуваат со иста динамика.

Најверодостојните и најкомплетни податоци во статистиката ги имаме за марката Suzuki. Увозникот Миркат не се потпира на еден модел, туку целата гама се движи. Пазарот ја познава марката и верува во Suzuki, затоа сите модели учествуваат во „правењето бројки“. Најпродаван модел со големото S во маската е Vitara, со 9 примероци (вкупно 38 за три месеци од 2022). Веднаш по него следи универзално применливиот и шармантен Jimny, со 8 примероци во март. Овој автомобил што не може да се пропушти на улица, дури е најпродаван модел на Suzuki годинава, со 36 примероци. Тоа е уште една мајсторија на македонските увозници, да се обезбедат примероци од моделот, за којшто до пред извесно време ширум Европа се нудеа двапати повисоки цени од редовната, само да се дојде до примерок.

Suzuki Swift го држи залетот, со 6 возила во март, вкупно 24 за три месеци. Благ хибриден погон, штедлив и комотен за град, заедно со имиџ на издржлив автомобил и симпатична појава, тоа е рецептот за успех. Пријатно изненадување се вкупно 9-те примероци од новата генерација на S-Cross (два во март). Вештите зафати во дизајнот на новиот модел очигледно носат ефект. Ignis со 4 возила за три месеци ја заокружува вкупната продажба на Suzuki на 101 примерок. И тоа има убава симболика: Не „само“ сто, туку и уште едно над сто.

S-Cross во својата трета генерација не случајно се појавува во време кога сцената ги пречекува новите Kia Sportage и Hyundai Tucson. Во „дербито“ победува Kia, со 18 примероци во март, наспроти 7 примероци од Hyundai. За три месеци, двете марки имаат продадено ист број примероци од своите компактни СУВ-модели од новата генерација, односно по 31 возило. Реално, продажбата на Sportage важи за месец и пол, затоа што Киа Македонија го претстави моделот на македонскиот пазар во средината на февруари. Sportage ја има и титулата на најпродаван модел во Македонија за цела 2021 година, наследена од претходникот.

Уште едно, буквално убаво освежување во македонскиот авто-топ е Opel Mokka, 8-ми најпродаван модел во март, со 16 примероци. Двојката со Corsa е неразделна, таа следи со 9 продадени примероци во март и вкупно 24 примероци до март.

Најпродаван модел од марките на Порше Македонија во март бил Volkswagen Polo. Тој постигнал 15 продажби во март. Skoda Octavia има девет продажби, вкупно 28 годинава.

Најпродавани модели на македонскиот пазар во март 2022 година

Март ’22

2022

Mitsubishi Space Star 23 44
Toyota Corolla 22 59
Citroen C3 21 38
Dacia Duster 20 44
Peugeot 301 20 24
Fiat Panda 18 нема податок
Kia Sportage 18 31
Opel Mokka 16 нема податок
Hyundai i30 15 35
Volkswagen Polo 15 нема податок
Volkswagen T-Roc 10 28
Suzuki Vitara 9 28
Opel Corsa 9 24
Skoda Octavia 9 28
Suzuki Jimny 8 36
Hyundai Tucson 7 31
Suzuki Swift 6 24
Suzuki S-Cross 2 9
Suzuki Ignis нема податок 4

Забелешка: Тоа што моделите на Suzuki се во завршетокот на табелата не значи дека тие се и помалку продавани, затоа што во статистиката недостигаат уште голем број марки и модели што се имаат продадено во помалку примероци. Некои марки воопшто не ја пријавуваат продажбата и не фигурираат во статистиката.

На ниво на марки, мартовската продажба ја предводи Toyota, со 49 возила:

Toyota: 49 возила

Volkswagen: 36 возила

Opel: 31 возила

Peugeot: 31 возила

Hyundai: 28 возила

Меѓу доставните возила се најпродавани марките:

Citroën: 18 возила

Fiat: 14 возила

Iveco: 11 возила

Европски пазар: Golf прв, Peugeot трипати во Топ 10, Yaris Cross 3-та најпродавана Toyota

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

2 коментари

Одговори

2 Pings & Trackbacks

  1. Pingback:

  2. Pingback:

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Audi e-tron GT е најдобар спортски автомобил во светот, со „тапија“

Rolls-Royce ги прогласи своите најдобри дилери во светот