За домашниот автомобилски пазар и натаму важи истото. Тоа што се случува со автомобилите и сé околу нив, не може да биде подобро од тоа што се случува(ше) со економијата, здравството, образованието, македонското име. Ниту некој има зацртано цел кон којашто треба да се движи вкупниот возен парк од автомобили во државата, ниту пак некој се наоѓа засегнат да спречи возниот парк да се движи во насоката во којашто тргнал.
Многу е јасно зошто автомобилите не успеале да дојдат на дневен ред. Неколку клучни зборови во насловите само во последниве денови: Балансерот, Радев, уставни измени, ЕУ, Конти. Нормално дека не останува простор, за некој што е на повисоко рамниште од автоплац за искористени луксузни автомобили за евтина глума на аристокрација, да провери што навистина се случува со автомобилите во државата.
Во последните неколку месеци, сепак, се забележува зголемување на продажбата на нови автомобили на македонскиот пазар. Дали луѓе одеднаш се збогатиле откако се смени власта, или можеби тие од обезгласената претходна дружина конечно се најдоа слободни да ги потрошат позајмените пари од народот, па купуваат автомобили, меѓу другото? Иронија, патем.
По рекордно кус период од само деценија и пол, откако македонскиот пазар беше пуштен да опстојува и божем да се развива, по забраната за сите ограничувања околу увозот на користени автомобили, најверојатно е дека дојде до тоа, народот сам да се освести дека изборот на голем и ислужен автомобил од луксузна марка, не може да биде замена за нормален нов автомобил, каков што отсекогаш се возел во наша најубава Македонија, измачена од историски грешки и несреќни ликови.
Во списокот на 10-те најпродавани модели на македонскиот пазар, не се среќаваат марки звучни како Ауди, БМВ, Мерцедес, Јагуар, Рејнџ Ровер, од плацевите со користени автомобили – со важната напомена, со увезени користени автомобили – туку нормални марки за народот, како Шкода, Дачиа, Ситроен, Опел, Рено, Пежо, Киа, Тојота.
Тоа се марките што го изградија македонскиот возен парк, во времето на Пунто и Поло, на 206 и евтини Шевролети, на Фелициа и Спарк, на пазар што броеше најмалку десет илјади нови автомобили секоја година, и со возен парк, што како резултат од нормалниот тек на развој, почна да го спушта старосниот просек и да дојде до 15 години. Државната статистика престана да објавува податоци за возниот парк во 2022 година, кога просечната старост достигна 19,5 години. Напредокот.
Македонскиот автомобилски пазар не треба да се бори за нешто што го нема достигнато претходно
Во браншата полека се буди свеста, дека македонскиот автомобилски пазар не треба да се бори да достигне нешто што досега го нема достигнато, туку да се врати нивото што некогаш го имало. А, тоа е 2010 година, односно годината кога 50.000 возачи-борци, се заканија дека ќе ја блокираат државата со своите автомобили ставени на бугарски таблици, откако Илинденска ги замоли да ги платат давачките што дотогаш ги имаше предвидено државата и да ја почитуваат истата како Македонци. Тоа е почетокот на падот на македонскиот автомобилски пазар.
И, тоа е најкусиот можен вовед во постоечките состојби што владеат на македонскиот автомобилски пазар и на сé врз што истиот влијае. Значи, македонски Топ 10 за месец август 2024 година.
Увозниците долги години бараат МВР да им обезбеди податоци, дури било понудено и самите да го покриваат финансиски уредот што ќе се занимава со водење и објавување на статистиката за продажбата на нови автомобили, но оттаму нема одговор и во време на инфо-клаудови и на авто-пилоти
Најпродавана марка според неофицијални податоци – оти надлежните органи стравуваат дека државата ќе се распадне ако ги објават податоците – е Шкода, со 65 возила во август. Порше Македонија, патем, се оградува од сите неофицијални податоци околу продажбата, затоа што станува збор за компанија којашто работи според многу повисоки стандарди, впрочем исто како и секоја друга сериозна компанија во браншата.
Втора по продажба е Тојота со 51 возило, следат Фолксваген со 35, Киа со 28 и Хјундаи со едно возило помалку. Августовскиот пазар брои вкупно 502 возила, од кои 414 се патнички автомобили, останатите 88 се доставни возила. Во споредба со истиот месец лани, годинава е напредувано за 44,7 проценти.
За првите осум месеци, продажбата брои вкупно 5.024 возила, со 4.302 патнички автомобили и 722 доставни возила. Растот тука изнесува 40,9% во споредба со истиот период во 2023 година.
Големото изненадување е 7-то место на Донгфенг/Фенгон Глори 500, со продадени 13 возила во август, за првото појавување на модел од кинескиот производител во Топ 10. Компактниот СУВ во почетокот се продаваше под марката ДФСК (заедничка компанија на Донгфенг и Сокон). Тоа е најдоброто сведоштво, дека пазарот, ако од ништо друго, тогаш сам по себе, но на штета на граѓаните што изгубија стотици милиони евра на користени автомобили за еднократна употреба, се враќа во нормала, кога новото, па нека било и од непозната марка, повторно вреди повеќе од старото од трофејна марка.
Најпродавани марки патнички автомобили во август 2024 година во Македонија
Шкода: 65 возила
Тојота: 51 возила
Фолксваген: 35 возила
Киа: 28 возила
Хјундаи: 27 возила
Шкода Скала е најпродаваниот модел во август, со 22 примероци. Голем дел од испораките е многу веројатно дека се службени возила, меѓутоа во непостоечка статистика, сé останува на претпоставки. Чешкиот компакт вкупно е испорачан 136 пати годинава.
Пикапот Форд Ренџер се појавува на 2-то место и тоа е несомнено тендер. Дачиа Дастер на 3-то место не е изненадување: 20 примероци во август, вкупно 185 примероци и наслов на втор најпродаван модел до август. Непостоечката статистика не ги двои примероците од претходната и новата генерација на Дастер.
Најпродавани марки товарни возила во август 2024 година во Македонија
Форд: 22 возила
Ситроен: 13 возила
Дачиа: 13 возила
Фиат: 13 возила
Ситроен Ц3 уште се држи високо на 4-то место, со продадени 17 возила во август и 157 возила за осум месеци. Се очекува увозникот наскоро да го објави почетокот на продажбата на новиот модел, за којшто проструија гласини дека цената ќе почнува под 18.000 евра.
Исто толку примероци има и од вечната Корола, којашто ја заокружува годинава со 100 продадени возила. Двојно повеќе испораки од почетокот на годинава има направено од Киа Споргаж. Неговата августовска бројка: 14 возила.
Најпродавани модели на македонскиот пазар во август 2024
| Модел | Август ’24 | 2024 | |
| 1 | Шкода Скала | 22 | 136 |
| 2 | Форд Ренџер | 21 | n/a |
| 3 | Дачиа Дастер | 20 | 185 |
| 4 | Ситроен Ц3 | 17 | 157 |
| 4 | Тојота Корола | 17 | 100 |
| 6 | Киа Спортаж | 14 | 200 |
| 7 | Донгфенг Глори 500 | 13 | n/a |
| 7 | Шкода Камик | 13 | 179 |
| 7 | Тојота РАВ4 | 13 | n/a |
| 7 | Фолксваген Т-Рок | 13 | n/a |
| n/a | Опел Корса | 12 | 184 |
| n/a | Хјундаи Тусон | 11 | 150 |
| n/a | Шкода Октавиа | 11 | 165 |
| n/a | Пежо 2008 | 9 | 149 |
| n/a | Рено Клио | 8 | 175 |
Веднаш потоа следи Донгфенг/Фенгон 500, автомобил што секако дека се има појавено на тест возење во Аутомедиа. Увозникот АБЦ Брадер настапува мошне убедливо и организирано, што очигледно вродува со плод. По новите Фенгон 600, Фортинг Т5 со хибриден погон, електричниот Фрајдеј, луксузниот ван Ју-Турн, и секако ценовниот шампион Еолус Шајн, до завршетокот на годинава се очекуваат електричен Нами Бокс и Фенгон Глори 600 со приклучен хибриден погон, којшто во тој случај ја носи ознаката Е5. Нема да биде изненадување кога за некој месец и Еолус Шајн ќе се пријави за место во Топ 10.
















