Името Грандис порано се користеше за миниванот што престана да се произведува во 2009 година. Новиот модел ја користи техниката од неодамна лансираниот Рено Симбиоз.
Новиот Грандис е значително покус со своите 4.410 милиметри во должина, во споредба со последниот Грандис, со 4.736 милиметри. Тој доаѓа на местото на Еклипс Крос, откако Мицубиши одлучи да не презема скапи модификации врз моделот, што беа неопходни за да се исполнат новите и построги стандарди за безбедност ГСР2 на ЕУ.
Името Еклипс Крос останува во понудата на Мицубиши и ќе се користи за електричниот компактен СУВ со техника од Рено, што ќе биде претставен наесен.
„Грандис значително ќе го прошири пазарот што го покриваме,“ порачува во соопштението извршниот директор на Мицубиши Европа, Франк Крол.
Користејќи ја како основа платформата ЦМФ-Б, Грандис ќе ја добие најновата хибридна погонска единица што првпат беше вградена во Симбиоз, со 1,8-литарски бензинец, два електромотори и батерија од 1,4 кВч. Претходната хибридна изведба на Симбиоз користеше 1,6-литарец и батерија од 1,2 кВч.
Системската моќност изнесува 160 КС, забрзувањето до темпо сто трае 8,5 секунди.

Основната мноделска изведба доаѓа со благ хибрид со 1,3-литарски турбо бензинец со 140 КС. Може да се избира меѓу мануелен и менувач со двојна спојка.
Разликите во изгледот се сведуваат на „динамичната маска“ на Мицубиши и на дизајнот на опашот, што повеќе е во насока на дизајнот на останатите модели на јапонската марка.
Во кокпитот пречекува инфо-забавен систем на база на Гугл, со средишен дисплеј од 10,4 инчи и опција за дигитални инструменти.

Во нивоата со повисока опременост се нуди сончев покрив со електрохроматско стакло, електрика за вратата на багажникот и пакет од системи за асистенција МИ-Пилот. Задната клупа може да се повлече 160 милиметри понапред, за багажникот да се зголеми на 434 литри.
Грандис ќе почне да се произведува во последното тромесечје во фабриката на Рено во Ваљадолид, Шпанија. Враќањето на Грандис е дел од пошироката стратегија на Мицубиши за враќање на европскиот пазар. Откако марката во 2020 година најави заминување од Европа, една година подоцна беше откажан тој план и се постигна договор со Рено, како основа да се користат моделите на францускиот партнер во сојузот, заради скусување на трошоците.
Колт, којшто е на база на Рено Клио, и А-Ес-Икс, на база на Рено Каптур, веќе се појавија во европските салони. Со Грандис, Мицубиши планира да го засили своето враќање, преку зголемување на продажбата во најголемиот сегмент на европскиот пазар, што им припаѓа на компактните СУВ-модели.
До мај, на еврпскиот пазар се продадоа 1.001.743 компактни СУВ, што е зголемување од 18 проценти во споредба со првите пет месеци лани.
Грандис е базиран врз успешен модел на Рено
Симбиоз се покажа како голем погодок на Рено, откако започна продажбата во 2024 година.
До мај се продадени 33.535 примероци од моделот, што е главниот носител на зголемувањето на уделот на Рено на европскиот пазар на 11 проценти, со вкупно продадени 314.974 возила за пет месеци.

Симбиоз е 11-ти најпродаван СУВ во компактниот сегмент и трет најпродаван модел на Рено до мај.
Мивубиши не ги соопшти цените за Грандис. За ориентир, Симбиоз во Шпанија почнува од 27.523 евра со благ хибрид и 30.019 евра со класичен хибрид.
















