за

Двата нови модели ќе му донесат на Mitsubishi продажба како во 2019

Од новите модели на Mitsubishi, што се базирани врз Renault Captur и Clio, се очекува да ја подигнат продажбата на марката во Европа, на ниво како пред пандемијата.

Откако ја поништи одлуката да си замине од Европа, Mitsubishi Motors верува дека со помош на партнерот од алијансата, Renault, ќе ја врати продажбата во регионот на приближна вредност како пред пандемијата.

Mitsubishi има поставено цел во 2024 година да продаде 130.000 возила. Тоа го изјави Френк Крол, шефот на европскиот бизнис на Mitsubishi, за индустриското гласило Аутомотив Њуз. Тоа би одговарало на пазарен удел од 1 процент.

Оваа цел е двојно повисока од продажбата што е планирана за 2022 година и не е далеку од 148.248 возила, колку што марката продаде на европскиот пазар во 2019 година.

Најголемиот дел од растот во продажбата ќе произлезе од новите модели на Mitsubishi коишто се базирани врз Renault. Новата генерација на Colt ќе го користи како основа Renault Clio, додека новиот ASX е базиран врз успешниот СУВ-модел Renault Captur.

Целната годишна продажба за Colt во Европа се 40.000 примероци, односно 35.000 примероци за ASX. Продолжува продажбата на докажаните модели, како Eclipse Cross, којшто во моментов се нуди на најголемите пазари во Европа, во изведба со приклучен хибриден погон.

Нашето наследство се темели врз СУВ, така што ASX ни е важно возило, но поголем е сегментот за Colt

Френк Крол, извршен директор на Mitsubishi за Европа

Директорот Крол исто така потврди дека Space Star ќе остане во продажба, покрај двата нови модели што се базирани врз Renault. Во првите седум месеци, Eclipse Cross беше 10-ти најпродаван модел со приклучен хибриден погон во Европа.

Mitsubishi Colt

Mitsubishi Outlander долги години беше неприкосновен лидер на пазарот на модели со приклучен хибриден погон, меѓутоа производителот лани ја запре продажбата на големиот СУВ во Европа и реши неговиот наследник да не го нуди во регионот.

Иднината на Space Star зависи од тоа дали Mitsubishi ќе одлучи да вложи во хомологирање на моделот со мошне достапна цена, за да се исполнат барањата на нормата GSR2, што ќе биде задолжителна за сите нови автомобили што ќе се продаваат во Европа по јули 2024 година.

Мак Аутостар на македонскиот пазар има испорачано 79 примероци од Mitsubishi Space Star, вклучувајќи шест возила само во август. Слична динамика на продажба има Citroen C3, со вкупно 84 продадени возила до август. Тоа се непотврдени податоци од увозниците и според тоа претставуваат само оригиентациски вредности.

Во почетокот на следната година ќе биде познато дали Mitsubishi ќе вложува и во други модели, во зависност од тоа што ќе го предвидува новиот тригодишен план.

Извршниот директор на Mitsubishi Motors, Такао Като, на презентација во јануари изјави дека електричните возила ќе бидат клучни за враќањето на Mitsubishi во Европа. „За да опстанеме во Европа, дефинитивно ни е потребна платформа за електрични возила и мошне е голема веројатноста дека ќе го направиме тоа“, изјави Като.

Mitsubishi во 2020 година објави дека ќе ги замине од европскиот пазар, бидејќи не можеше да оствари профит во регионот, меѓутоа ја повлече одлуката веќе во следната година, откако Renault се сложи да произведува два нови модели за јапонската марка во своите фабрики во Европа.

До крајот на 2022 година, Mitsubishi ќе го смали бројот на пазари во коишто е присутен во Европа, на 17 пазари, во споредба со 32 земји во 2019 година. Марката се повлекува од пазарите во Европа во коишто остварува помал профит. Можно е Грција и Хрватска да бидат дел од тие пазари, на коишто Mitsubishi повеќе нема да биде присутен. Во 2020 година, јапонската марка ја прекина продажбата во Велика Британија и Белгија.

Во првото тромесечје од финансиската година, меѓу 1-ви април и крајот на јуни, компанијата работела профитабилно во Европа.

Мак Аутостар најдобар дистрибутер за Mitsubishi во Европа

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Џон Елкан очекува во енергетската транзиција да се роди нова Tesla

Кинески Geely купи акции во Aston Martin