за

Џон Елкан очекува во енергетската транзиција да се роди нова Tesla

Предводникот на италијанскиот клан Ањели, Џон Елкан, цени дека се создава простор за тековното преоѓање на светот кон чиста енергија да поттикне создавање на нова Tesla.

Џон Елкан, внук на Џани Ањели и предводник на кланот Ањели, во тековниот бран на енергетска транзиција гледа потенцијал да се создаде некоја „нова Tesla“. Холдингот Exor што ѝ припаѓа на фамилијата, во моментов вложува во стартапи, вклучувајќи и бизнис потфати што се посветени на чисти извори на енергија.

Во интервјуто со Џон Елкан (46), направено во средата во неговата канцеларија во зградата на Фондацијата Ањели, во Торино, тој вели дека „Енергетската транзиција носи голема возбуда, не само во автомобилската бранша, и очекувам дека со текот на времето од тоа ќе произлезе компанија вредна трилиони долари“.

Енергетската транзиција е тема што веќе го привлекува вниманието на фамилијата Ањели. Во приближно 70-те инвестиции во стартап компании, холдингот се обложува на сé, почнувајќи од нова генерација генератори на нуклеарна енергија до тргување со гас за да се обезбеди енергија за трансакција со биткоин.

Exor во изминатите пет години вложи 1 милијарда евра во стартапи, со цел Ањели да го прошири својот бизнис надвор од традиционалните автомобилски холдинзи: Тие располагаат со најголем удел во Stellantis и имаат контрола врз Ferrari.

Exor, со нето капитал проценет на 31 милијарда евра на крајот на јуни, во почетокот на годината за околу 9 милијарди евра ја продаде својата компанија за реосигурување PartnerRe на францускиот Covea

Холдингот сега планира да го прошири бизнисот во здравје и луксуз, како и во технологија, којашто и Елкан цени дека не е алтернатива на останатите индустрии, туку е едно од главните подрачја за фокусирање.

„Додека секторот на мобилноста ја започнуваше својата најрадикална трансформација по повеќе од еден век, ние пред пет години влеговме во техно-индустријата, а присутни сме и на пазарот на ризичен капитал“, изјави Елкан.

Во интервјуто, Елкан потврди дека милијардерската фамилија останува посветена на Италија, посебно ставајќи тежиште на поддршката на младите претприемачи. Првиот човек на кланот Ањели гледа потенцијал за стартапи и технологија во Италија, каде што фамилијарниот Fiat своевремено доминираше во тешката индустрија.

Во делот на трговијата со недвижнини, холдингот во почетокот на годината вложи 100 милиони евра во италијанската дигитална компанија Casavo, којашто нуди брзи решенија за купувачи и продавачи на недвижнина.

Exor вложува многу и во тековната енергетска транзиција, со неодамнешното вложување на холдингот во стартап-компанијата за нуклеарна енергија Newcleo од Лондон. Компанијата бара начини за намалување на трошпоците за развој и производство на нуклеарна енергија, за таа да добие поголем удел при транзицијата од фосилните горива

Уште еден бизнис потфат на полетона транзицијата е денверската Crusoe Energy Systems, којашто соработува со компаниите од енергетиката и откупува вишок гас, што понатаму се користи за производство на електрична енергија, неопходна за напојување на компјутерските центри и за бизнисот со криптовалути.

Транспортот сепак останува важен дел во бизнис портфолиото на Exor. Холдингот во 2020 година плати 200 милиони долари за преземање удел во Via Transportation. Таму се развива софтвер за системи за превоз, што се користи за алтернативни видови превоз по барање на клиентот, во замена за превозот по утврдена линија.

Ањели ја обезбеди и иднината на историската фабрика Мирафиори во Торино, со тоа што Stellantis ја претвори фабриката во центар за електрични возила, во којшто воедно се произведува и мошне популарниот Fiat 500 во електрична изведба.

Историски модели на Fiat, Lancia, Abarth добија цела фабричка хала во Торино

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Електричниот Mercedes EQS SUV по терен ги има гените на G-Class

Двата нови модели ќе му донесат на Mitsubishi продажба како во 2019