Голема концентрација на моќност во мала каросерија, врвни возни својства, ексклузивен и со големо име. Mini John Cooper Works GP со своите 306 КС и пет секунди спринт до темпо сто ги убеди читателите на магазинот за спортски автомобили Sport Auto да го дадат својот глас.
Читателите на влијателниот магазин Sport Auto, специјално издание за спортски автомобили на исто така прочуениот auto motor und sport, како и секоја година гласаа за најдобрите автомобили во одделните класи во изборот. Тоа што посебно го привлече вниманието е победата на Mini John Cooper Works GP во класата на малечки автомобили од увозни марки.
Станува збор за досега најбрзиот сериски модел што носи знак на Mini, за двојно „специјализиран“ модел. Со името John Cooper Works, овој ексклузивен модел е прво еден степен над Cooper S, додека со додавката GP оди уште еден чекор погоре. Дури 42,8 проценти од гласовите во класата му припаднаа на Mini JCW GP.
Годинава близу 13.000 читатели на магазинот гласаа за своите фаворити во изборот за Најспортски автомобил на 2020. Се избираше во 18 категории за сериски модели и уште 10 посебни категории за тјунирани возила. Вкупно се натпреваруваа 230 модели. Sport Auto по 28-ми пат ги избираше најдобрите автомобил на годината. Претходно, Mini John Cooper Works четирипати во низа победуваше во класа.

Тоа што прави MINI John Cooper Works GP да биде посебен е подвозјето што е дотерано за врвна странична стабилност и лесна управливост. Дволитарскиот турбо мотор постигнува 306 КС и 450 њутнметри. Спринтот до темпо сто трае 5,2 секунди, крајната брзина исто така е имресивна со 265 km/h.
За моќноста да се пренесе оптимално на патот помагаат 8-степен менувач Steptronic, во комбинација со механичка блокада на диференцијал, спортски сопирачки, зајакната каросерија и ковани тркала од лесна легура, од 18 инчи. Посебен стилски детал се карбонските проширувања на крилата, што помагаат многу за аеродинамичноста.
Моделот е произведен во само 3.000 примероци.
>>> Mini John Cooper Works GP е вистински големец на тркачката патека
