за

Mini John Cooper Works GP е вистински големец на тркачката патека

Mini John Cooper Works GP
Mini John Cooper Works GP

Mini John Cooper Works GP досега се има појавено двапати, првиот пат во 2006, потоа во 2013 година, за сега да се врати во издание ограничено на 3.000 примероци. Единствено името на овој мини-болид е заедничко со претходниците.

Во моделското семејство на Mini, коешто е сé освен малечко, се знае дека ознаката John Cooper Works им припаѓа само на најсилните и најбрзите моделски изведби. Комбито Clubman и кросоверот Countryman во оваа верзија моментно располагаат со 306 КС и тоа е најмногу што Британците понудиле во сериски модел досега. Наспроти нив, „изворната“ каросериска изведба на Mini со три врати, во својата топ-изведба John Cooper Works испорачува „само“ 231 КС. За и најмалечкото Mini да вози со 306 КС, куќното одделение John Cooper Works подготви нова изведба со додаток GP, лимитирана на 3.000 примероци. Испораките ќе стартуваат во март.

Дволитарскиот твин-турбо суштински се разликува од оној во Mini John Cooper Works без додатокот GP. Главните промени: Зајакнато коленасто вратило со поголем пречник на главните лежишта, специјални клипови, клипници без чаури… секако дека се користи и нов турбополнач. Заради зголемениот притисок на натполнење, компресијата е смалена од 10,2 на 9,5.

„GP“ не е различно од класична подготовка на автомобил за трки, впрочем и името го навестува истото

Во стил на традиционалното „фризирање“ зголемени се вшмукувачките и издувните канали. Горивото исто така се впрскува под повисок притисок, под 350 бари. Од мајката BMW пристига Valvetronic за променлив од на вентилите, заедно со варијабилна работа на двете брегасти вратила. Картерот исто така е модифициран, за маслото да не се собира странично кога се вози со екстремни брзини во свијоци.

Избор од нашите содржини: Mini што вози 200 km на струја и неколку километри на бензин

https://photos.app.goo.gl/ReA9kvEBLkCPf8cD7

Максималниот вртежен момент од 450 Nm стои на располагање уште при 1.750 вртежи и останува на тоа ниво до 4.500 вртежи. Моќноста од 306 КС се поститнува меѓу 5.000 и 6.250 вртежи. Спринтот до темпо сто трае 5,2 секунди, крајната брзина изнесува 265 km/h.

Како што е ред кај возило што произлегува од највредни искуства во мотоспортот, соодветно е изведен и издувот, кој завршува со две издувни цевки со пречник од 90 милиметри, интегрирани во браникот

Во Mini John Cooper Works GP работи нов 8-степен Steptronic, кој е посебно дотеран за врвната моделска изведба. Механичката блокада на диференцијал што е интегрирана во автоматскиот менувач се грижи за правилна распределба на вртежниот момент меѓу предните тркала при возење во свијоци. Во екстремен случај може да се постигне блокада до 31 проценти.

https://photos.app.goo.gl/3WVwQYp4s4RFguT9A

Значајни преправки се извршени и во самата каросериска структура, конкретно во подот. Под хаубата се забележува и попречна шипка што дополнително го скрутува кошот за мотор. Дотерувањето на подвозјето е резултат од обемни тестирања по Нордшлајфе. Трагата е проширена наспроти Mini JCW и каросеријата е спуштена за 10 милиметри. Амортизерите и пружините се посебни за GP, а со посебна изведба на лежиштата се постигнува и поголем „нагиб“ на предните тркала. Последново важи и за задната оска.

Возачот може да вклучи GP-програма, во којашто се одложува реакцијата на системите за стабилност, односно се дозволува повеќе простор за возачот со својата вештина да го стабилизира возилото или да провоцира лизгање по желба или потреба

Предните сопирачки клешти се изработени од алуминиум и со своите четири клипови гризат во дискови со димензии 360 х 30 mm. Стандардно во Mini John Cooper Works GP се вградуваат ковани алу-бандажи од 18 инчи, кои тежат под девет килограми, со гуми 225/35 R 18.

https://photos.app.goo.gl/mJ9UAdV1nk2rLmJG7

Надворешниот изглед на GP се разликува по бројни детали од стандардниот JCW, кои се изведени првенствено заради подобрување на аеродинамичкиот баланс. Највпечатлив белег секако дека е големиот заден спојлер со двојна контура, заедно со проширувањата на крилата што се изработени од полимер зајакнат со карбонски влакна. Во посебна постапка, на предните крила се нанесува и бројот на возилото во серијата од 3.000 примероци.

https://photos.app.goo.gl/MHJthfi1jWXi7pJw5

Целата серија е лакирана во ексклузивна „тркачки сива“ металик боја, со покрив и капи на ретровизорите во сребрена боја. Задната клупа е отстранена, исто како што е отстранет и добар дел од изолацијата, заради намалување на тежината.

Сите три генерации на Mini John Cooper Works GP

https://photos.app.goo.gl/W5WQWJyw5TKEFGaR7

https://www.instagram.com/p/B5F20MBHMAA/

https://www.instagram.com/p/B5AtN7soVtd/

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Honda Civic 2020

Honda Civic е подготвена за новото моделско годиште

Калифорнија ќе дозволи само пет марки автомобили

Калифорнија ќе дозволи само пет марки автомобили