Електричен погон, привлекување нов круг купувачи и работење во служба на своите клиенти се главните точки во новата стратегија на Mini. Британците неодамна ја најавија новата генерација електрични модели. Сега следи уште еден детал од најавата: Кабриолетот и во иднина ќе биде составен дел во понудата.
Mini Cabriolet ќе постои и во ерата кога возилата на британската премиум марка ќе возат само на струја. Отворената каросериска изведба на идниот Mini ќе биде претставена во 2025 година. Шефот Бернд Кербер зборува за значењето на оваа изведба: „Mini Cabrio има голем и посебно верен круг купувачи. Тоа се потврди и со големиот интерес за најновиот модел, кој беше освежен неодамна.“
Моделското освежување на кабриолетот зафати и во изгледот и во техниката. Исто како сите останати каросериски изведби на градскиот-мобил, дизајнот сега е поедноставен, но и поекспресивен. Посебно за кабролетот е дизајнирана новата Zesty Yellow-боја. Маската е зголемена, сменета е формата на предните светла, кои сега стандардно работат со диодна техника – детал што претходно беше својствен само за електричниот Mini Cooper SE, нашиот електро-шампион, кога лани извозевме цел круг низ Македонија само со погон на струја.
Отворената изведба на Mini беше претставена пред јавноста во 1992 година, уште во времето на „класичниот“ Mini. Откако публиката реагираше одушевено на прототипот прикажан на салонот во Бирмингем, Британците не се двоумеа понатаму, дали кабриолетот да го вклучат во понудата.
По преоѓањето на Mini во групацијата BMW, традицијата секако дека продолжи, со претставувањето на отворената изведба на Mini од „бе-ем-ве ерата“ во 2004 година. Mini Cabrio на моменти беше и најпродаван кабриолет во светот.
Сегашниот Mini Cabrio има ексклузивен статус, како единствен кабриолет во класата на градските автомобили. Може да се избира меѓу три мотори, а посебно се нуди и варијанта под знакот на John Cooper Works со 231 КС.
Моделот ужува најголема популарност во Германија, а потоа во САД и Велика Британија. Mini очекува дека веста за продолжувањето на традицијата на кабриолетот по влегувањето во целосно електричната ера ќе предизвика вистинска еуфорија токму на овие пазари. Од секои пет продадени возила Mini во Германија лани, едно било кабриолет.
















