за

Мини Ејсмен ветува многу простор на мала должина

На сликата од маскиран Мини Ејсмен се забележува дека светлата имаат остри агли.

Батерискиот електричен СУВ-модел Мини Ејсмен ќе ја исполни целта на британската марка, да се понуди најголемиот можен простор на најмалата можна должина на возило, објаснуваат од Мини.

Ејсмен ќе биде долг само 4.075 милиметри, меѓутоа ќе нуди простор за пет патници и за нивниот багаж.

Мини објави слики од маскираниот малечок СУВ пред да го претстави моделот пред јавноста на 24-ти април, на салонот во Пекинг.

Ејсмен е помала алтернатива на новиот СУВ-модел Кантримен, којшто постои веќе во трета генерација. Тој порасна на 4.433 милиметри и со тоа се пресели во сегментот на компактните модели.

Ејсмен во почетокот ќе се произведува во Кина, врз нова платформа што е развиена од Спотлајт Аутомотив. Тоа е заедничка компанија меѓу БМВ и Грејт Вол. Автомобилот е дизајниран заедно со новиот електричен Купер.

Мини најави дека Ејсмен ќе користи батерија од 54,2 кВч, каква што има и изведбата на Купер со продолжен досег.

Не се наведува податок за досегот, меѓутоа за Купер е кажано дека има максимален досег до 402 километри. Во изведбата со помалата батерија, Купер располага со досег од 305 километри.

Ејсмен ќе биде третиот целосно електричен модел на Мини, по лансирањето на електричните изведби на Купер и на Кантримен. Мини не ги соопштува цените, меѓутоа се очекува Ејсмен на домашниот пазар да се движи меѓу 30.000 фунти (35.170 евра) за електричниот Купер и 42.080 фунти за електричниот Кантримен.

Ејсмен ќе биде достапен само во изведба со целосно електричен погон и со тоа ќе се разликува од Купер и Кантримен, коишто се нудат и во изведби со мотори со внатрешно согорување.

Новиот модел ќе биде директен соперник на електричната изведба на Џип Авенџер, којшто во Британија чини 34.800 фунти и Волво Е-Икс 30, што старгува од 33.795 фунти.

Мини во 2026 година ќе почне да ги произведува Ејсмен и електричиот Купер во фабриката во Оксфорд, во којашто во моментов се произведува верзијата на Купер со обични мотори.

Во фабриката во Оксфорд се вложуваат 600 милиони фунти, за истата да се префрли на производство на електрични возила. Фабриката по 2030 година ќе произведува единствено електрични модели.

Двогодишното одложување на домашиот старт на производството ќе му овозможи на БМВ да ја постигне заштедата што е потребна за да се намалат производствените трошоци во Англија, до нивото што во моментов се постигнува во Кина.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ламборгини има полни книги со нарачки, богатите не престануваат да купуваат

Фолксваген ангажира ветеран да развива електрични автомобили за Кина