Товарен е-велосипед носи 180 kg и хит е во Германија

Клубот АДАК обично се поврзува со сите теми во и околу автомобилизмот, но во меѓувреме и велосипедите станаа голема тема. Уште повеќе од тоа. На своите членови, клубот по повластени услови им нуди можност за месечна претплата за е-велосипед. Новина се товарните електрични велосипеди, чисти, тивки и моќни за работа, благодарение на електричниот погон.

Под името ADAC e-Ride, „германскиот АМСМ“ уште од 2019 година има во понуда електрични и други видови велосипеди. Членовите на клубот можат да користат велосипед со претплата, значи без да го поседуваат истиот. Тоа може да се оствари во период меѓу 6 и 24 месеци. Достапни се и користени велосипеди, исто како и модели од премиум марки. Сето тоа се одвива во рамки на членство во клубот.

Овој тренд, за којшто е исто така многу веројатно дека нашава домашна сцена ќе го пропушти, продолжува и кај товарните велосипеди. АДАК оствари соработка со огранокот за микромобилност на германската компанија Metz и сега во понуда го има и градскиот товарен велосипед со електрична помош, E-PACKR.

Тоа што остава најсилен впечаток е бројот од 120.000 електрични велосипеди што во текот на минатата година се продадени во Германија. Во споредба со 2019 година (54.000 е-велосипеди), продажбата пораснала за повеќе од двојно.

Главните одлики на компактниот товарен е-велосипед на Metz се кусото меѓуоскино растојание и малиот круг на вртење. Електричниот мотор е вграден средишно и располага со вртежен момент од 85 Nm. Тоа е веќе на рамниште на помал автомобилски мотор. Товарот може да се пренесува на предната и задната платформа, а вкупната дозволена тежина, заедно со возач, изнесува 180 килограми. Со тоа, велосипедот е универзално применлив. Конструирањето и изработката на товарниот велосипед е комплетно во Германија. Со тоа во значителна мерка се намалува зависноста од глобалните добавувачи, што во денешните услови е клучна предност.

Членовите на АДАК при онлајн-купување добиваат попуст во висина од 250 до 500 евра, зависно од моделот. Покрај тоа, во бројни општини, градови и региони во Германија, товарните велосипеди уживаат високи субвенции.

На примерот за градот Регенсбург, субвенцијата за електрични товарни велосипеди изнесува до 50% од продажната цена, односно најмногу до висина од 1.250 евра.

Metz E-PACKR чини 3.198 евра, односно по субвенциите (се одзема од цената без ДДВ), конечната цена за германските компании и приватни корисници би изнесувала нешто повеќе од 1.700 евра. Сето тоа, секако не е само во „козметички“ цели, туку функционира во вистински обем.

Технички податоци за електромоторот

Вртежен момент 75/85 Nm

Врвна моќност на погонски запченик 450/475 W

Тежина 2,8 kg

Тивка работа

4 степени на помош (Eco, Sport, Power, Ultra)

Поврзување со педали ISIS

Помош при туркање

Напон 36 V

Поддршка до 25 km/h

Технички податоци за батеријата

Литиум-јон 500 Wh

Капацитет 13,3 Ah

Отстранлива

Напон 36 V

Времетраење на полнење ca. 4 часа

Made in Germany

Реален досег во еко-модус 100 km

Десет видови велосипедски шлемови: Секој за својата намена

Претходна објаваДетска количка Mercedes AMG, благородништво уште од мали тркала
Следна објаваРаботниците од Крагуевац привремено во странство, подготовки за електричниот Fiat