за

Mercedes постигнува двоцифрен раст годинава

Mercedes ја зголемил продажбата во првите три месеци за 22,3 проценти. Главни мотори на продажбата се кинескиот и американскиот пазар. Се продаваат и електричните.

Mercedes EQA: Тука почнува електричното возење под ѕвездите

Концернот Daimler значително ја зголемил продажбата на своите автомобилски марки Mercedes и Smart, со 590.999 возила во првиот квартал од годинава. Тоа претставува раст од 22,3 проценти во споредба со истиот период лани, но и тој е релативен, затоа што пазарот лани уште беше под силен удар од пандемијата.

Растот во продажбата на Mercedes од 22,3 проценти во првите три месеци од годинава може и да не звучи толку спектакуларно, имајќи предвид дека лани во истиот период речиси запре продажбата на автомобили на голем дел од главните пазари. Меѓутоа, споредбата со првиот квартал од 2019 година пак покажува позитивен тренд, со 30.000 повеќе возила.

Главниот поттик за продажбата и натаму доаѓа од Кина, каде што Mercedes во трите месеци продал за 60% повеќе автомобили. По подолго време, клучниот пазар САД исто така постигна раст и донесе зголемување за 15,5 проценти во продажбата. Пазарот во Европа е стабилен, единствено на домашниот, германскиот пазар, постои намалување на продажбата за 15,4 проценти.

Полека се забрзува и офанзивата со електричните модели на концернот. Уделот на приклучни хибриди и чисто електрични автомобили достигна околу 10 проценти. Вкупно 16.000 продадени автомобили од јануари до март се електрични, од кои 9.729 примероци се од марката Smart.

Еден од секои четири продадени автомобили на Mercedes во Европа користи електромотор во погонската спрега

Во Европа, еден од секои четири продадени автомобили на Mercedes-Benz и Smart е со погон xEV (така Mercedes ги означува заеднички сите видови на погон со електромотор во погонската спрега). Добри резултати постигнува и електричниот EQA, кој стартуваше во јануари и ја дели основата со класичната A-Class. „Близу 20.000 нарачки за EQA се одличен фидбек од напите клиенти и ветувачки старт во 2021, којашто е година на Mercedes-EQ”, изјави директорката за продажба на концернот Daimler, Брита Зегер.

Внатрешноста на електричниот EQS воведува сосем ново поглавје, главниот носител на промените се трите дисплеи под заедничко стакло долго 141 сантиметри

По стартот на EQA, годинава ќе следат уште електричните модели EQB, EQS и EQE – тоа се верзии со погон на струја од B-Class, од S-Class и од E-Class. Посебно се големи очекувањата за EQS. „Убедена сум дека EQS ќе биде вистински Game Changer во поглед на чувството во возење и во вмрежените услуги и ќе ги одушеви нашите клиенти ширум светот“, додава Зегер.

Главниот дел од продажбата на возила со електрифицирана погонска спрега сепак отпаѓа на приклучните хибриди. До крајот на годинава, Mercedes ќе нуди 30 моделски изведби со овој вид погон. Поради големиот интерес има долг рок на чекање за СУВ-моделите со приклучен хибриден погон во гамата на GLE и GLS.

Проблемот со недостигот од полупроводници влијаеше и врз продажбата на германскиот концерн. Се очекува тој да продолжи и во вториот квартал. Добро се продаваат и доставните возила. Со 76.328 примероци од Sprinter, Vito и други, продажбата е за 18,2 проценти повисока отколку во првиот квартал лани.

>>> Mercedes EQS во бројки: 350 сензори, милион пиксели, 600 грами јаглен, 150 фудбалски полиња

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Seat Ibiza и Arona добиваат освежен изглед и преработена кабина

Камион Mercedes претворен во центар за вакцинирање во Германија