за

Mercedes-Benz лани продал 2,4 милиони автомобили и ванови

Кризата не е криза секаде. Mercedes-Benz лани постигна рекордна продажба на електрични автомобили и на врвните модели од својата понуда.

Mercedes-Benz во минатата година продаде 2,4 милиони патнички автомобили и ванови. Недостигот од полупроводници се покажа најсилно во последниот квартал, кога беа испорачани 475.968 возила или за 24,7% помалку од истиот период преклани. Шефовите во Штутгарт вешто го изменаџираа бизнисот и ја завршија годината со позитивен биланс.

Првото што го објавуваат големите автомобилски куќи при пријавувањето на продажбата за минатата година е напомената дека интересот за нивните автомобили и натаму е на високо ниво, но тесното грло во снабдувањето со полупроводници спречи тие да постигнат нова серија рекорди. Mercedes-Benz сепак постави рекорди во неколку подрачја.

Mercedes-Maybach, Mercedes-AMG и G-Class лани се продале во рекорден број примероци. Тоа докажува колку е моќен имиџот на највредната луксузна марка во автомобилската бранша во време на криза.

Сега и AMG има модел што вози чисто на струја

Рекордна продажба постигнаа и електричните и приклучните хибридни автомобили на Mercedes-Benz. Лани се испорачани вкупно 227.458 примероци или за +69,3% повеќе од преклани. Чисто електричните автомобили учествуваат со 48.936 примероци од марката Mercedes-EQ (+154,8%). Кога на тоа ќе се придружат и продажбите на smart и на Mercedes-Benz Vans, вкупната продажба на батериски електрични автомобили надминува 99.000 примероци.

Од почетокот на продажбата на EQS во август лани, за електричниот знаменосец досега се регистрирани 16.370 нарачки. Големите пазари во САД и во Кина стартуваа со продажба дури во декември, така што во претстојниот период се очекува нагло зголемување на бројот на нарачки.

Од патничките автомобили на Mercedes-Benz од јануари до декември се продадоа 2.093.476 примероци, што е за пет проценти под резултатот од преклани. Падот се должи првенствено на тесното грло во снабдувањето со полупроводници, што доведе до намалување на испораките во последното тромесечје од 2021 година за околу една четвртина.

Mercedes Швајцарија

Знаменосецот S-Class постигнал раст во продажбата од 40%, со вкупно 87.064 примероци, од коишто 35,5% се продадени во Кина. G-Class има историски рекорд со 41.174 возила. Рекорд и за Mercedes-AMG со 145.979 примероци (+16,7 %). Во случајот на Mercedes-Maybach, рекордот е постигнат со 15.730 возила (+50,7%). За тоа е најмногу заслужна Кина, со просечно 900 нарачки за Mercedes-Maybach на месечно ниво.

Електромобилноста напредува моќно и кај транспортерите. Mercedes-Benz Vans лани испорачал 9.000 доставни возила со чисто електричен погон, двојно повеќе отколку преклани. Расте уделот на компании што ги нарачуваат електричните eVito и eSprinter во своите возни паркови.

>>> Mercedes-Benz вложува 60 милијарди € во електричен погон

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Електричната Kia EV6 во САД чини 33.400$ со субвенции

Volkswagen е CO2-чист пред Комисијата на ЕУ