Просечната емисија на СО2 од сите патнички автомобили што Volkswagen ги има продадено во Европа лани е 5,5 тони под законските цели. Значителното намалување на емисијата на СО2 е постигнато преку зголемување на продажбата на електрични и хибридни автомобили.
Според првичните пресметки, просечната емисија на СО2 од сите патнички автомобили, што марката Volkswagen ги има продадено во текот на минатата година на европскиот пазар, се наоѓа под пропишаниот лимит на ЕУ. Конкретно станува збор за емисија на СО2 што е за 5,5 тони под законскиот лимит. Целната вредност што Комисијата на ЕУ ја одреди за Volkswagen, зависна меѓу другото и од тежината на моделите, за минатата година изнесува 119 грами СО2 на километар. Волфсбург успеа да постигне просек од 113 грами на километар.
Дополнителен предизвик за производителите лани беше менувањето на начинот на пресметување на СО2 од старата и нереална норма NEDC, во новата норма WLTP што е поблиску до реалноста, и со тоа прикажува и повисоки вредности на СО2. Volkswagen и во текот на 2020 година беше под СО2-лимитот на ЕУ. Во случај на надминување на лимитот, казната за производителите се пресметува за секој грам што е над лимитот, по секое продадено возило. Казната може да достигне стотици милиони евра.
За примерната емисија на СО2 придонесе значителниот раст во продажбата на електрични возила. Лани, марката Volkswagen продала 369.000 електрични автомобили или за 73% повеќе отколку преклани. Во вкупната бројка, приклучните хибриди учествуваат со 106.000 примероци (+33%), а батериските електрични автомобили со 263.000 примероци, односно речиси двојно повеќе (+97%) отколку во 2020 година.

Продолжуваат масивните вложувања во марката. Во следните пет години ќе се вложат 18 милијарди евра, од коишто дури 14 милијарди се наменети за електромобилноста, за развој на нови модели и за трансформација на фабриките. Една милијарда евра оди на сметка на хибридизацијата.
Фабриките во Емден и Чатануга (САД) годинава стартуваат со производство на ID.4. Покрај тоа, пристигаат и нови модели, меѓу кои ID.5, неговата спортска изведба ID.5 GTX и комбито ID. BUZZ.
Целта е до 2030 година најмалку 70% од продажбата на Volkswagen во Европа да отпаѓа на чисто електрични автомобили. Тоа се повеќе од еден милион возила. За Северна Америка и Кина, целта е удел од најмалку 50 проценти на е-автомобилите.