Кога ќе се погледнат сите функции и сите екстра желби што ги исполнува Mercedes S-Class, лесно е човек да биде убеден дека од тоа нема повеќе. Сепак има. Maybach нуди повеќе од сé што може да понуди S-Class.
Без разлика дали станува збор за просторноста, опремата или моторите, Maybach S-Class нуди повеќе од сé. Тоа важи и за надворешната појава на крстосувачот долг 5,47 метри. Прво се забележува препознатливата и дебело хромирана маска на Maybach, со натпис во средина и со тенки вертикално поставени ламели. Хаубата исто така е различна од S-Class и во средината ѝ минува тенка хромирана лајсна.
Исто како кај претходникот, кој од 2015 година се продаде во повеќе од 60.000 примероци, отстрана се препознава дека станува збор за Maybach по хромираниот средишен столб. Разлика има и во препознатливиот триаголен прозорец во задниот столб, што е својствен за Maybach.
Во споредба со стандарната S-Class, со нејзините 5,18 метри должина, Maybach е подолг за 29 сантиметри и мери вкупно 5,47 метри меѓу браниците. Дури и продолжената изведба на S-Class е покуса за 18 сантиметри. Овој дополнителен простор оди во корист првенствено на патниците на задната клупа. Благодарение на раскошното меѓуоскино растојание од 3,40 метри и на директорските фотелји назад, што се вградуваат стандардно, Maybach е автомобил чиишто сопственици избираат да седат назад. Според Mercedes, просечната возраст на купувачите на Maybach е 46 години. Пред да се унапредат во Maybach, 40 проценти од нив возеле S-Class.
Спектаклите се во редовната програма на Maybach. Тоа важи на пример за задните врати што се задвиживани од електромотор. Притоа може да се избира меѓу седум начини на отворање, односно затворање на вратите.
За секој звук што продира во кабината има „противзвук“, за внатре да владее целосна тишина
Уште една импресивна новина е поништувањето на звуците. Станува збор за напредна техника, што ги користи звучниците за бас на 4D-Surround озвучувањето од Burmester. Преку овие звучници се емитуваат звучни бранови со спротивна фаза од нискофреквентните звуци што треба да се поништат.
Генерално се посветува многу внимание за патниците во Maybach S-Class да се чувствуваат релаксирано. Претходникот веќе важеше како најтивка лимузина во светот. Во новиот Maybach за таа цел се користи термо и акустично изолациско стакло, а како опција може да се нарачаат гуми што ги апсорбираат звуците.
Внатрешноста е апсолутен врв во поглед на комфорните и луксузните ставки. Новина е масажата на листовите на нозете, што е стандард со директорските фотелји. Омилените перници за врат сега ги грејат вратот и рамењата. Системот MBUX од втората генерација доби нови функции наменети за патниците на задната клупа. Функциите се вклучуваат со помош на две камери што се вградени во таванот и ги препознаваат движењата на рацете на патниците. Пример: Кога патник на задната клупа ќе посегне по бравата за ременот, Maybach ја препознава намерата и со помош на електромотор ја приближува бравата до патникот.
Во втората половина на 2021 година ќе биде достапен Drive Pilot, кој ќе овозможи лимузината на одредени делници од автопатот да вози целосно автоматски. Тоа ќе биде од голема помош при застој на патот или при сообраќаен метеж. Оваа функција сепак ќе биде повеќе корисна за возачот, затоа што сопственикот и без тоа седи назад и посветен е на други работи.
Пријатна вест е тоа што Maybach S-Class и натаму ќе биде достапен со мотор V12. Веројатно станува збор за познатиот 6,0-литарски V12 со битурбо натполнење и 630 КС. Германците моментно не откриваат детали околу моторите што ќе се нудат во крстосувачот. Единствено се наведува дека понудата на мотори ќе се движи во дијапазон од 6 до 12 цилиндри. Стандард се резервоар од 76 литри, погон на сите тркала, менувач 9G-Tronic и пневматско подвозје Airmatic. Со доплата може да се добие и врвното активно подвозје E-Active Body Control.
Цените уште не се објавени. Претходникот во ценовникот на Мак Аутостар фигурира со 168.990 евра за изведбата Maybach S450, односно 266.000 евра за топ-изведбата S650.