Некогаш фејслифт, денес луксузно воздигнување: Mercedes GLE во Мак Аутостар

Промените во техниката кај новото моделско годиште на Mercedes-Benz GLE и GLE Coupe важат главно во погонот, заради смалување на емисијата на СО2. Новите дизели користат 48-волтен стартер-генератор и работат како приклучни хибриди, има и нови приклучни хибриди. Додадени се корисни функции за терен, како проѕирна хауба, MBUX стана уште попаметен. Во целина, автомобил за семејство и за излети преку викенд, исто како за патувања низ светот и како тегнач за 3,5 тони.

Mercedes-Benz ја пушти тековната генерација во 2018 година и сега на половината од моделскиот век направи зафати во изгледот, кабината, техниката и опремата. Сите погонски изведби користат електромотор во погонот, на еден или друг начин, од благи хибриди до приклучни хибриди од најноива генерација. Повеќето модели сега се посилни. Најголем пораст има кај GLE 400 e 4MATIC, таму плусот е 30 киловати.

Во целиот патен екипаж од помошници за безбедност и комфор, унапредени се делотворноста на активниот темпомат со контрола на растојание Distronic, на активниот асистент за управување при опасна ситуација, како и на асистентот за сообраќајни знаци.

Парк-пакетот со камера во 360 степени помага и при надолжно паркирање. Новина е проѕирната хауба, што „исчезнува“ кога ќе се префрли во теренски модус и тогаш во дисплејот се покажува точно просторот под предниот дел од возилото.

Бидејќи е голем кругот на корисници што честопати излегуваат на терен со својот скапоцен Mercedes-Benz GLE, Штутгарт одново го скрои пакетот за терен. Тој сега е подостапен и главно се состои од заштита на подвозје, а во комбинација со пневматска амортизација Airmatic се добиваат и екстра 30 милиметри растојание од подлогата.

Зафатите во надворешноста се суптилни, но пак се забележливи. Новиот преден браник создава уште попретставителна појава на GLE и GLE Coupé. Во маската се наоѓаат две хоризонтални ламели со хромиран додаток. Решетката на отворите за воздух долу има хромирана хоризонтална перка.

Својствено за Mercedes-Benz e т.н. светлечки факел во предните светла. Кај стандардните светла LED High-Performance, две светлечки точки го дополнуваат дневното светло, додека со доплата за MULTIBEAM LED следат четири точки. Промени има и во графиката на задните светла. Кај GLE, графиката ги дели светлата хоризонтално, додека светлата кај GLE Coupé графички се поделени вертикално.

AMG Line Exterieur е стандард кај GLE Coupé. Тоа ги опфаќа дијамантската маска со шарата составена од малечки трикраки ѕвезди што се хромирани, AMG предниот браник со хромирани уѕкраси, AMG прагови и лакирани облоги на арките на крилата, како и AMG заден браник со изглед на дифузор.

Во изборот од бои се нови содалит-сина и ексклузивна алпска сива уни-боја. Кај GLE може дополнително да изберат два нови аеро-дизајни на бандажи од 19 или 20 инчи, со пет двојни краци. Кај AMG Line Exterieur има нов дизајн на тркалата од 21 инчи. Новина претстставува и надворешното осветлување на просторот околу возилото при отклучување и заклучување, со проекција на ѕвездите на Mercedes-Benz.

Внатрешност со благородни детали од Mercedes-Maybach GLS и од Mercedes S-Klasse

Новитет кај GLE SUV и GLE Coupé се воланите со сензорски полиња, за ракување со предниот и средишниот дисплеј. Посебен детал е хромираната изведба на отворите за воздух, кои досега беа обрабени со црна рамка. Тоа е по пример на Mercedes‑Maybach GLS.

За боите во внатрешноста може допочлнително да се избере комбинација каталански беж со црна и бахија кафена со црна. За спортски ефект, ексклузивно за купето е достапна црна-црвена комбинација.

Mercedes-Benz вложува многу во аудио-системите, па со доплата за Burmester Surround Soundsystem следи и Dolby Atmos. Системот се состои од 13 звучници, 13 засилувачи, со системска моќност од 590 вати.

За воздухот да биде планински чист може да се доплати за ENERGIZING AIR CONTROL. Овој систем го следи квалитетот на воздухот и го пречистува во два степени. Зависно од чистотота на воздухот, автоматски се префрлува во режим без доток на воздух однадвор.

Сите мотори се комбинирани со електромотор

Гамата на GLE SUV и GLE Coupé сега е целосно електрифицирана, со додавањето благ хибриден погон со 48-волтен стартер-генертатор кај дизелите. Приклучните хибриди сега користат техника од 4-та генерација.

Во приклучните хибриди се вградува електромотор со 100 kW. Системската моќност достигнува 280 киловати, системскиот вртежен момент досега 750 Nm. Досегот при возење на струја е зголемен на 109 километри. Нова програма овозможува GLE сега да се вози на стрија и по терен. Во овие модели е вграден сопствен полнач со моќност од 11 kW. Како опција може да се користи и брз полнач со 60 kW.

Гамата ја сочинуваат:

GLE 450 4MATIC SUV
GLE 300 d 4MATIC SUV
GLE 300 d 4MATIC Coupé
GLE 450 d 4MATIC SUV
GLE 450 d 4MATIC Coupé
GLE 400 e 4MATIC SUV
GLE 400 e 4MATIC Coupé
GLE 350 de 4MATIC SUV
GLE 350 de 4MATIC Coupé

Од стартот на првата генерација на Mercedes-Benz ML со американската фабрика во Таскалуза, во 1997 година, до денес се произведени четири милиони примероци од GLE и нејзините претходнички. Само во 2021 година се произведоа 260.000 примероци од серијата.

Се чека и „реакцијата“ од AMG.

 

Претходна објаваВиетнамски Vinfast по стартот на берзата вреди повеќе од Ford и GM
Следна објаваРаспеани Кинези: BYD ќе нуди караоке во своите возила

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here