за

Прв поглед во внатрешноста на новиот Mercedes EQE SUV

Новиот Mercedes EQE SUV го наоѓа своето место како повеќенаменска изведба на електричната E-Class и луксузниот EQS, од којшто ја презема технологијата.

Со најмногу простор за нозе и најширока кабина во својата класа, електричниот Mercedes EQЕ SUV ќе ја доживее својата премиера на 16-ти октомври.

Платформата за новиот EQE SUV е истата што ја користат електричниот крстосувач EQS и неговата изведба за сите намени EQS SUV, како и самиот EQE, што во основата претставува електрична верзија на E-Class. Целосната дигитализација на кокпитот важи и за најновиот модел. MBUX-хајперскринот по целата должина на таблата е достапен како опција. Трите дисплеи со висока резолуција се поставени под заедничко стакло и изгледаат како да се еден дисплеј.

Во техно-мазната атмосфера на џиновскиот дисплеј стануваат уште повпечатливи големите отвори за воздух, во препознатливиот изглед на турбина. Тоа е воедно и целта на дизајнерите, преку отворите за воздух да се прикаже контрастот меѓу фина механика со висока технологија и дигиталните диплеи што изгледаат моќно како монолит. Средишната конзола исто така е дел од големиот дисплеј.

Како што масивниот дисплеј се издвојува просторно од таблата, така и рачките за вратите и копчињата за седиштата се поставени на сјајно лакиран панел, што „лебди“ над облогата во предните врати.

Посебност во кабината оддава спојот од напредни и традиционални материјали и бои. Може да се избира меѓу пет комбинации од бои, коишто го нагласуваат просторното чувство. EQE SUV нуди свет на прогресивни и луксузни бои од топли и студени тонови. Дизајнерите како пример посочуваат комбинација од топла и модерна балао-кафена боја, со техноидна нева-сива и бискајско сино-црна боја.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Преградата што е изведена во легнатиот дел од средишната конзола, изведена е со поклопец што дизајнерите го нарекуваат „хибриден украс“ и којшто топлината на дрвото ја спојува со техничкото студенило на чист алуминиум. Шарата so ѕвездите на Mercedes во поклопецот е изработена со примена на напредна технологија, односно со најпрецизно ласерско „сечење“ на материјалот, до постигнување на потребната дебелина. Заднинското осветлување создава посебен ефект и ги издвојува ѕвездите на Mercedes во поклопецот.

Детал што се забележува на првите фабрички слики од внатрешноста на Mercedes EQE SUV е необично светлата боја на горните површини на кокпитот, коишто поради нивната директна изложеност на сонце, вообичаено се изработуваат од темен материјал, чијшто состав овозможува заштита од топлината и од УВ-зрачењето. Кај СУВ-варијантата на електричната E-Class, тој дел е изработен од светол материјал. Кога ќе се погледне одблизу, се забележува дека и материјалот е различен. Пред два месеци објавивме за Benova Eco Protect, новиот суперматеријал за автоиндустријата. Прашањето дали EQE SUV прв го користи тој материјал, останува отворено до премиерата во октомври.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Интервју со Славче Таневски, дизајнер на Mercedes-Benz EQS SUV

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Toyota работи на стандард за празни батерии да се заменуваат со полни

Suzuki со рекорден промет во последното тромесечје