за

Вака изгледа веганска кабина на автомобил

Одржливоста во автомобилската кабина е следниот предизвик за индустријата. Новиот материјал Benova Eco Protect е долготраен, пријатен на допир и остава впечаток за квалитет.

Најновиот и најнапреден материјал за вградување во кабината на автомобилите е именуван Benova Eco Protect. Неговите предности се долготрајноста, квалитетот, а секако и погодноста за животната средина. Материјалот за површинско обложување веќе се произведува во Германија, а наскоро стартува и производство во Вирџинија, САД.

Хит-материјалот на автомобилската сцена, Benova Eco Protect, добар е за обложување на седиштата, исто како и за арматурната табла, за вратите, за средишната конзола и за потпирачите за глава. Без разлика каде се вградува, материјалот создава меко чувство при допир и остава впечаток за квалитет. Вистинската предност е во тоа што материјалот не старее и не бледнее. Материјалот е производ на Continental.

Benova има одлична постојаност на топлина и на УВ-зраци, односно е отпорен на посебните влијанија од животната средина врз кабината. Оттаму произлегува и високата долготрајност. Материјалот е постојан дури и при подолготрајна изложеност на температура од 120°C.

Благодарение на неговите својства, Benova Eco Protect дозволува примена на светли материјали во кабината, што може да повлече и нови трендови во внатрешниот дизајн

Погодноста за животната средина, односно одржливоста на материјалот, се базира врз отсуството на агресивни омекнувачи и разредувачи, како и отсуство на материјали од неодржливи извори. Benova Eco Protect нема силен мирис и се одликува со низок карбонски отпечаток. Материјалот ги исполнува сите барања, односно не содржи суровини што производителите ги забрануваат и ги задоволува одредбите на GADSL (Global Automotive Declarable Substance List) и на REACh-одредбата за хемикалии во ЕУ.

New item by Automedia MK / Google Photos

Benova Eco Protect е полесен за околу 20 проценти и не содржи материјали од животинско потекло. Погодноста кон животната средина се одразува и преку ниската потрошувачка на енергија при изработката. При сушењето не испаруваат растворувачи и нема потреба од третман на гасовите во производствените хали.

Дебелината на Benova Eco Protect се движи меѓу 0,9 и 4,3 mm, со носечка основа што се состои од текстил, полиуретанска пена, сендвич пена и слој за раздвојување.

New item by Automedia MK / Google Photos

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крстосување со олдтајмери е омиленa рекреација за Opel

Нема ванкел, но пак е Mazda и вози на струја