Новитет во салонот на Мак Аутостар: Електричeн Мерцедес е луксуз на изборот

Во Мерцедес-Бенц ништо не е случајно, па така и избраната моделска поставка во најпретставителниот дел од салонот, во стаклената ротонда. Лево е ГЛЕ во моделската изведба 350 де, десно е ГЛЕ Купе. Тие ја придружуваат главната носителка на вниманието во салонот, Е-Ку-Е СУВ 350. И така станува многу јасна целата поента околу електромобилноста во луксузните марки. Сé е работа на луксузот на изборот.

Човек најмалку помислува колку изнесува досегот со полна батерија и дали во земјава има една, две или стотици брзи станици за полнење електрични возила, кога ќе се најде пред електричната Е-Ку-Е СУВ во салонот на Мак Аутостар. Овој автомобил е најдобрата „реклама“ за електричниот погон досега на македонска почва. Тој прво е Мерцедес, а второ е достоен да биде Мерцедес.

Сé е толку убедливо. Изгледот намерно се разликува, затоа што луѓето што ќе седнат во ваков автомобил сакаат да бидат видени дека нивниот автомобил е електричен. Разликата е во тоа што тие се главно отмени луѓе, па нема да кажат толку просто, дека им значи кога луѓе на улица го забележуваат електричниот автомобил. Сé се продава под предзнак на аеродинамичност, којашто е важна заради енергетска ефикасност и постигнување колку е можно подолг досег, меѓутоа причината е таа – електричните автомобили треба да изгледаат различно.

Е-Ку-Е СУВ барем не изгледа грдо и исплакнато како Тесла, туку изгледа како автомобил што е излезен од дизајнерските центри на Мерцедес-Бенц. Главна во изгледот е маската, во којашто нема решетка и целосно е затворена, и повеќе има функција на визуелна замена за маската, затоа што луѓето се навикнати на изглед со маска.

Начинот на којшто е изведена маската, дава идеја за водилките со коишто е развиван овој електричен СУВ. Таа е изработена од квалитетен вештачки материјал што свети „непластично“, повеќе како акрилна смола што занаетчиски е доведена да сјае. Главниот момент се илјадниците ситни трикраки ѕвезди во сребрена боја, што радијално се шират околу „штернот“.

Различната конструкција на електричните автомобили овозможува и разлика во каросериската контура

Носот изгледа како да е кус, меѓутоа впечатокот потекнува од тоа што предниот каросериски превис е исклучително кус. Нема потреба од балансирање со тежината на моторот и менувачот врз оската, нема масивен ладилник, затоа предниот каросериски превис е толку кус.

Назад се забележуваат поемотивни форми, секси заоблувања, на прв поглед обична ознака Е-Ку-Е, дополнета со 350, без премногу драма со наведување дека автомобилот е електрик, електро, е-пауер и сл. Повторно светлата се тие што ја прават драмата. Кога ќе засветат, графиката потсеќа на жаречко волфрамово влакно на стара светилка. Таа асоцијација е генијална.

Отстрана сé е пропорционално, раководено според долгото меѓуоскино растојание од преку три метри. Во црниот триаголник пред страничните прозорците пишува Е-Ку-Е, со посебен фонт. Буквата Е посеќа на магнет од цртани филмови. Уште една симболика што укажува на тоа дека инженерите биле поведени од забава при работата на оваа електрична крстосувачка.

Техниката е во најголем дел идентична со лимузината Е-Ку-Ес и нејзината СУВ-изведба – секогаш со додавка дека тоа е модел дизајниран од Славче Таневски. Тоа значи дека платформата нема ништо заедничко со класичната С-класа и со Е-Класа или ГЛЕ.

Како прв електричен Мерцедес-Бенц во македонскиот салон, Е-Ку-Е СУВ солидно си ја извршува историската задача. Моделот е во изведбата 350 4Матик, што е средина од понудата во гамата, покрај изведбите 300, 350+, 500, АМГ 43 и АМГ 53. Вообичаено за марката, салонскиот примерок носи дополнетилна опрема и ставки вредни веројатно колку една основна А-класа.

Изгледот е облагороден со избор на опции АМГ Лајн и Најт Пакет, со различен преден и заден браник од стандардниот, секако со тркала АМГ, со црн стаклен покрив, многу отмено. Вистинското светло се покажува во внатрешноста. Благородните детали доаѓаат уште повеќе до израз во белата кабина: Раскошно амбиентално осветлување во која било боја, скапо изработена дрвена плоча во средишната конзола, озвучување Бурместер, хром и сребро во најразлични финиши, секако бела кожа, дури и на воланот. Импресивно и ретко.

Двата електромотори произведуваат моќност од 215 киловати, односно 292 КС, вртежниот момент достига 765 њутнметри. Оттука се сосем очекувани 6,6 секунди за спринт до темпо сто. Крајната брзина е ограничена на 210 километри на час.

Е-Ку-Е СУВ 350 4Матик тежи 2.485 килограми, носивоста е 555 килограми. Производителот дозволува да се влече приколка тешка до 1,8 тон. Багажникот нуди 520 литри стандардно, односно 1.765 литри со соборена клупа.

Според фабрика, потрошувачката се движи меѓу 18,3 и 21,8 киловатчасови на сто километри, што дава досег меѓу 479 и 566 километри во просек, односно 556 и 667 километри доколку се вози низ град.

Батеријата располага со капацитет од 90,6 киловатчасови, техниката дозволува полнење со максимално 170 киловати. При полнач од 110 киловати, наполнетост од 80 проценти се постигнува за 32 минути.

Зошто електричниот погон е луксуз на изборот? Затоа што тоа е избор за којшто можат да решат купувачите. „Можењето“ е луксуз. Не е штедење, не е посебна грижа за животната средина, чисто можење како луксуз. Цена, 90.000 евра.

Технички податоци за салонскиот Мерцедес-Бенз Е-Ку-Е 350 4Матик во нашиот онлајн-каталог со сите нови автомобили на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК

Mercedes-Benz EQE SUV 350 4Matic

Претходна објаваКиа во октомври продаде близу 260.000 возила, Соренто прв во Кореја
Следна објаваКористените автомобили нема да поевтинат, вели статистиката на мобиле.де

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here