Mercedes-Benz од денес прима нарачки за најновиот електричен модел во својата понуда и втор модел со погон на струја во гамата компактни модели. Mercedes EQB доаѓа кусо по EQA и исто така вози под знакот на специјализираната подмарка за електрични автомoбили Mercedes-EQ.
Ценовникот што Mercedes-Benz го објави денес за германскиот пазар го вклучува електричниот СУВ од компакт-класата EQB, со цена за основниот модел од 55.311,20 евра. Бидејќи Германија веќе со години го поттикнува преоѓањето на електричен погон, за новиот Mercedes EQB следи субвенција во висина од вкупно 7.500 евра. Бидејќи моделот спаѓа во ценовната категорија над 40.000 евра, субвенцијата за него не изнесува 9.000 евра, туку 7.500 евра. Во таа сума, производителот учествува со 2.500 евра, и таа автоматски се одбива при купувањето на возилото, додека за „државните“ 5.000 евра се поднесува барање, што е сосем извесно дека ќе се добие, затоа што таму не функционира принципот прв дојден-прв услужен.
Според тоа, кога од нето цената ќе се одбие германското ДДВ во висина од 19 проценти и кога од таа сума ќе се одземат 7.500 евра, па потоа ќе се оданочи возилото, се добива цена од 46.386,20 евра. Германските возачки и возачи, електричниот Mercedes со субвенцијата го купуваат 8.925 евра поевтино отколку без неа.
Долгиот СУВ со техника што се базира врз A-Class и стилски цитати од G-Class, може да се нарача и во изведба со седум седишта. Доплатата за тоа во Германија изнесува 1.416,10 евра.
Понудата од моделски изведби ја сочинуваат EQB 300 4MATIC со 168 kW (228 КС) и EQB 350 4MATIC со 215 kW (292 КС). Посилната изведба во Германија стартува од 57.988,70 евра, без пресметана субвенција. Со купувањето на возилото следува едногодишна претплата на услугата Mercedes me Charge, за пристап до полначите за коишто производителот плаќа право на користење. Мрежата опфаќа повеќе од 600.000 полначи ширум светот.
Вообичаено за Mercedes, при пазарниот старт на новиот модел ќе биде достапна специјална серија Edition 1 (доплата 8.520,40 евра). Возилата од оваа лимитирана серија располагаат со Night-пакет со стилски елементи на AMG, вклучувајќи и тркала од 20 инчи од AMG, но и кожени седишта.
Основни податоци за Mercedes EQB
EQB 300 4MATIC | EQB 350 4MATIC | ||
Погон | На сите тркала | ||
Електромотор напред / назад | Тип | Асинхронен мотор (ASM)/ Синхронен мотор со постојана побуда (PSM) | |
Моќност (max) | kW | 168 | 215 |
Вртежен момент (max) | Nm | 390 | 520 |
0-100 km/h | s | 8,0 | 6,2 |
Брзина | km/h | 160 | |
Капацитет на батерија (NEDC) | kWh | 66,5 | |
Потрошувачка просек (NEDC) | kWh/100 km | 16,2 | 16,2 |
Потрошувачка просек (WLTP) | kWh/100 km | 19,4-18,1 | 19,4-18,1 |
Цена, Германија | евра | 55.311,20 | 57.988,70 |