за

Mercedes EQB е електричен СУВ за големи семејства

Mercedes го најавува новиот EQB како „електромобилност во семејно пакување“. Основата доаѓа од седумседот GLB, ова е веќе трет модел на EQ годинава.

Со седумте седишта, електричниот Mercedes EQB нуди доволно место за бројни семејни примени, а во други ситуации ќе се покаже и како добар транспортер. На двете седишта во третиот ред можат комотно да се сместат патници високи до 1,65 метар, а може да се постават и детски седишта.

Новиот Mercedes EQB е долг 4,69 метри, широк 1,84 и висок 1,67 метар, а благодарение на долгото меѓускино растојание на GLB од 2,83 метри, кабината се одликува со исклучителна просторност. Кога просторот се користи за превоз на крупни предмети или многу товар, тогаш на располагање стојат вкупно 1.710 литри простор. Потпирачите за грб во вториот ред стандардно се местат во повеќе степени, а со доплата може да се добие можност за клупата да се поместува 14 сантиметри по должина.

Додека првите примероци од спортски ориентираниот EQA 250 моментно се на пат кон нивните сопственици низ Европа, а сцената уште говори за самостојниот елеткричен крстосувач EQS, којо е пандан на S-Class, Mercedes ја претстави електричната верзија на GLB. Премиерата на третиот електричен модел од семејството EQ годинава се случува на салонот Ауто Шангај. На големиот кинески пазар ќе се нуди посебно приспособена изведба на EQB, што се произведува локално во Пекинг.

Продажбата на Mercedes EQB во Кина почнува со посебна изведба на AMG со моќност од 215 киловати; Европската верзија ќе доживее премиера малку подоцна

Варијантата наменета за европскиот пазар ќе доживее премиера подоцна годинава, а продажбата на моделот во САД ќе стартува в година. Во моделската изведба EQB 350 4MATIC, моделот за европскиот пазар постигнува просечна потрошувачка меѓу 19,2 и 18,1 kWh/100 km, односно со полна батерија може да вози до 419 километри.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Mercedes EQB е прв автомобил што користи само погон на струја, произведен во фабриката во Кечкемет, Унгарија. Таму моментно се произведуваат верзиите со приклучен хибриден погон од купе-лимузината CLA и од спортското комби CLA Shooting Brake – модели дизајнирани од Македонецот Славче Таневски. Во фабриката наскоро ќе започне и производството на верзиите од A-Class со приклучен хибриден погон. Тоа ќе биде дополнителна продукција на хибридната A-Class, покрај нејзиното производство во Раштат / Германија, од кадешто излегува и Mercedes EQA, базиран врз СУВ-моделот GLA.

Понудата во гамата на EQB ќе ја сочинуваат повеќе моделски изведби со преден или со погон на сите тркала, во неколку степени на моќност – вклучувајќи верзии со моќност над 200 kW, односно 272 КС – како и со големина на батерија почнувајќи од 66,5 kWh нагоре. Се планира и верзија со екстрадолг досег.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Дизајнерскиот правец на подмарката EQ што Mercedes ја нарекува „прогресивен луксуз“, кај EQB се препознава по типичната црна маска со средишно поставена ѕвезда. Следни обележја на Mercedes-EQ се светлечките ленти по целата ширина на предниот и задниот дел.

За секојдневието со EQB да биде колку е можно поедноставно, придонесува стандардната навигација со „Electric Intelligence“. Таа го пресметува најбрзиот пат до одредиштето, притоа земајќи ги предвид најбрзите полначи попат и најкусото времетраење на полнењето на батеријата, доколку има потреба за тоа. Покрај тоа, навигацијата се грижи батеријата да има оптимална температура пред возилото да се приклучи на полнач, за времетраењето на полнењето да биде колку е можно покусо.

Mercedes преку најразлични соработки се грижи електричната енергија за полнење на батеријата да биде неутрална во однос на емисијата на СО2, односно истата да биде од обновливи извори. Во мрежата на Mercedes me Charge се опфатени повеќе од 200.000 јавно достапни полначи.

>>> Mercedes EQS во бројки: 350 сензори, милион пиксели, 600 грами јаглен, 150 фудбалски полиња

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Првото товарно моторно возило во светот го изработи Дајмлер во 1896 година

Toyota bZ4X Concept

Електричен СУВ на Toyota стартува со продажба в година