за

Првото товарно моторно возило во светот го изработи Дајмлер во 1896 година

Пронаоѓачот Готлиб Дајмлер постојано добиваше нови идеи да го вгради својот мотор. По мотоцикл, дресина и противпожарно возило, моторот проработе и во товарно возило.

Првиот камион во светот беше многу едноставен и во основата претставуваше само кочија со мотор. Двоцилиндарецот од 4 КС и зафатнина од 1,06 литар потекнуваше од автомобил и беше вграден назад. Преку ремен, моќноста се пренесуваше на задната оска. За товарот да не се растресува премногу, затоа што тркалата беа железни, задната оска имаше спирални пружини.

Управувањето на предната оска со листеста пружина се вршеше преку синџир. Возачот седеше напред, исто како на кочија. Потрошувачката на гориво изнесуваше околу шест литри на сто километри. Во тоа време, за потрошувачката се кажуваше дека изнесува „0,4 килограм по КС на час“.

Две години подоцна, Готлиб Дајмлер и Вилхелм Мајбах го преместија моторот познат како Феникс под предното седиште, заедно со четиристепен ременски преносник. Нешто сепак недостигаше. Подоцна во 1898 година, „камионот“ го доби изгледот што го разликуваше од патничките возила. Во новата верзија на камионот, моторот достигна 10 КС и беше вграден пред предната оска. Погонот беше на задната оска.

Дајмлер продолжи да го усовршува моторот. Место палење со зажарена цевка, двоцилиндарецот од 2,2 литри ја палеше смешата преку нисконапонско магнетно палење од Bosch. Ладилникот исто имаше нова конструкција.

Возилото се тестираше долго, Дајмлер не сакаше со иновативното возило веднаш да се појави на пазарот. Петтонскиот камион со месеци се користеше во секојдневието на циглана во Хајденхајм и на тој начин се тестираше возилото.

Првиот купувач на првиот камион беше од мајката на индустријата, од Англија. Сепак требаше да минат уште неколку години, за Англичаните да се уверат дека камионот со мотор со внатрешно согорување е подобар од камионите со погон на пареа, кои се користеа во земјата. Во 1901 година во Ливерпул беше извршено првото споредбено тестирање. Вистинскиот пробив на сцената се случи во Париз, откако Дајмлер со својот камион учествуваше на автомобилската изложба во градот.

Дајмлер заедно со прочениот производител на клавири Steinway продаваше мотори и камиони во САД

Daimler Manufacturing Company (DMFG) во периодот од 1898 до 1907 година беше америкaнскa фирма. Претходно, меѓу 1888 и 1898, фирмата беше позната како Daimler Motor Company (DMC), основана во партнерство меѓу Готлиб Дајмлер, од Daimler-Motoren-Gesellschaft (DMG), и Вилијам Стајнвеј, од познатиот производител на клавири Steinway & Sons. Седиштето беше во Квинс, Њујорк Сити, во близина на седиштето на Steinway во Асторија. Фирмата продаваше стационарни и бродски мотори, како и автобуси и камиони.

Како Вилхелм Мајбах трајно го реши проблемот со ладењето на моторите пред 120 години

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Во овие станици не се полни батеријата, се заменува со полна

Mercedes EQB е електричен СУВ за големи семејства