Пет електрични камиони Mercedes-Benz eEconic работат во служба на компанијата за комунален отпад Urbaser A/S во данскиот град Орхус. Компанијата во целата држава во моментов користи 20 електрични камиони eEconic, меѓу другото и во Копенхаген.
Во данскиот градот Орхус, на источниот брег на Јитланд, пет електрични камиони Mercedes-Benz eEconic за комунална примена го собираат отпадот, без притоа да загадуваат со штетни материи и без бучава што инаку ги вознемирува жителите кога наутро се собира отпадот.
Батериите на петте камиони Mercedes-Benz се полнат преку ноќ во депото на компанијата Urbaser A/S. Истите возила веќе се користат во Копенхаген и Вајле. Вкупно се нарачани 50 електрични камиони, коишто сега се испорачуваат на повеќе наврати. Со тоа, бројот на нарачки за овој модел во цела Данска достигна 100 возила.
Стефан Олин, извршен директор во Urbaser A/S, има само позитивни искуства со електричниот камион: „Досегот е доволен за осум часа работа, вклучувајќи ги и долгите, невообичаени интервенции со преку 100 километри, што е повеќе од доволно за празнење на близу 500 контејнери. Нашата компанија се реши да го избере eEconic поради комбинацијата од прочуениот концепт на низок пристап, висока безбедност, и секако, долгиот досег.“
Нископодниот камион Mercedes-Benz eEconic со дозволена вкупна тежина до 27 тони и интегрална погонска оска со два електромотори, се базира врз електричниот eActros за дистрибуција на стока.
Батеријата се состои од три батериски пакети, секој со капацитет од по 112 kWh, односно корисни 97 kWh по пакет. Камионот е проектиран за да може вообичаената дневна работна рута во собирање отпад да ја мине без потреба од полнење преку ден.
Електричниот погон дотолку повеќе одговара за возило за собирање отпад, затоа што при секое запирање се полни батеријата. Возачот постојано има увид во наполнетоста на батеријата, за преостанатиот досег, како и за моментната и просечната потрошувачка.
Батеријата се полни со моќност до 160 kW. За трите батериски пакети на eEconic да се наполнат од 20 до 80 проценти, на брз полнач, потребно е малку повеќе од еден час.
Меѓу предностите на eEconic е ветробранот што завршува ниско и на тој начин дава одлична прегледност. Уште една предност на ниската кабина е лесниот и едноставен пристап, со место за четворица.
















