за

T-Mоdell од новата E-Class е последното комби од Mercedes

Mercedes почнува уште едно продолжение на T-Modell, на серијата модели со комби каросерија, од E- и C-Class. Штутгарт не планира следен комби модел.

Традиционалната комби-каросерија, којашто пред СУВ-владеењето, на германскиот и други големи пазари, постигнуваше поголем удел во продажбата во споредба со класичната лимузина, повеќе нема голема иднина. Mercedes-Benz сепак си ја почитува традицијата и го пушта комбито T-Mоdell од новата E-Class.

Луѓето со голем „багаж“, што изобилството простор во своите комби-автомобили го користат или за работа или за семејството, а упорно остануваат непогодени од СУВ-манијата, ќе имаат можност уште еднаш да управуваат нов T-Modell од E-Class.

Новата лимузина од E-Class уште не е пристигната во салоните, но во вообичаениот манир, Mercedes-Benz го користи полувремето за да го прикаже комбито T-Modell и воедно да го најави почетокот на продажбата за наесен.

Дизајнерите во Штутгарт веќе рутински владеат со вештината, да создадат комби-модел, што ќе биде и убавица и ќе оддава престиж, и во исто време ќе биде практична и функционална за секојдневието.

Двата дополнителни сантиметри во меѓуоскиното растојание во споредба со претходничката значат повеќе простор за патниците на задната клупа, но има и повеќе простор за багаж. Под масивниот заден поклопец се отвора простор со зафатнина од 615 до 1.830 литри, што е далеку повеќе и од претходничката, којашто веќе е шампионка во тој поглед.

Верно на вишата класа на којашто припаѓа, E-Class T-Model доаѓа со електрично задвижување на задниот поклопец, со пневматска амортизација како стандардна опрема, секако вклучувајќи и самостојно нагодување на висината според оптовареноста, како и мрежи, шини и ластици за прицврстување на багажот. Двојниот под и преградната решетка исто така се стандард.

Главната новина е во дигиталниот и електронскиот свет. Штутгарт со претставувањето на новата генерација на E-Class постигна голем напредок во „софтверот и хардверот“, со двата супер-скринови за возачот и совозачот, и со функции што веќе задираат во вештачката интелигенција. При возењето може да се гледа филм на дисплејот пред совозачкото седиште, да се прават видео повици и да се организираат видео состаноци, па дури може да се побара автомобилот да направи селфи на своите патници.

Осветлувањето во кабината го следи тактот на музиката, со отворите за воздух се управува преку електрика. Доколку се поседува iPhone или Apple Watch, може клучот од возилото спокојно да се остави дома и место тоа да се користи електронски уред од Apple.

Прв модел во серијата е легендарниот W 123, којшто во комби-изведбата T-Modell се појави во 1977

Моделското семејство во почетокот го сочинуваат бензинец E 200, дизел E 220 d, приклучен хибрид E 300 e. Посебноста на приклучниот хибрид е во тоа што со енергијата во батеријата може да извози чисто на струја до 100 километри, пред возењето да продолжи со хибриден погон. Останатите моделски изведби користат благ хибриден погон, односно стартер-генератор.

Наскоро ќе се придружат и верзиите со шестцилиндарски мотори, единствено е под знак прашање дали ќе се вклучи AMG со ексклузивна изведба на E-Class T-Modell.

Возачите што планираат и теренско искуство со своето бизнис комби, од година ќе имаат на располагање изведба All Terrain, со зголемено растојание од подлогата и со заштитни панели за каросеријата и подвозјето.

Mercedes-Benz E-Class, генерација W214: Бројките не се случајни

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Peugeot ангажираше 15 уметници да зборуваат за својата инспирација

Suzuki ќе произведува летечки автомобили заедно со SkyDrive