
Мерцедес-Бенц подолго од 130 години работи на унапредување на моторите со внатрешно согорување. Дизелите и бензинците од фабриките за мотори на штутгартскиот производител денес се вбројуваат меѓу најдобрите во светот. „Системот на владеење со погонската спрега, направи марката да биде силна“, кажува шефот за развој Маркус Шефер. Со новиот Е-Камп, тоа треба да успее и во светот на електромобилноста.
Во неодамна отворениот објект во центарот за погон во Штутгарт-Унтертиркхајм, Мерцедес ги соединува на едно место сите надлежности околу истражувањето на батеријата, како основа на секој електричен автомобил. „Се работи за ќелијата, за различните хемии, но и за контролата и за софтверот, што тука самите го пишуваме“, објаснува Шефер. Најважното е сите процеси да може да се доведат до индустриско рамниште, вклучувајќи и производство во мала серија.
Батеријата со цврст електролит веќе е во постапка на тестирање
Првите резултати ќе бидат видливи во новата генерација компактни модели, што ќе ја доживее својата премиера напролет во 2025 година. Во ЦЛА ќе се користи нов вид ќелии, што располагаат со зголемен удел на силициум во анодата и со тоа имаат повисока енергетска густина. Во исто време е смалена примената на суровини што наидуваат на проблеми, како што е кобалтот.
Благодарение на подобрениот менаџмент на топлината, ЦЛА и во зима ќе може да постигне досег од 750 километри. „Со тоа сме далеку напред“, самоуверено кажува Шефер. Електромоторот и целосната погонска спрега исто така се развиени во Мерцедес.
Се истражуваат и други хемиски состави на батериите. Кај основните модели ќе се користат батерии од литиум железен фосфат. Тие имаат пониска енергетска густина, а со тоа и помал досег, но затоа се значително поевтини. Наесен првите прототипи на Мерцедес ќе бидат опремени со батерии со цврст електролит, што се развиени во соработка со партнерот Факториал Енерџи од САД. Шефер уште не открива кога тие ќе почнат да се применуваат во сериско производство. Доколку тие се докажат на тестовите, понатаму ќе биде брзо. Шефер цени дека секој сегмент посебно ќе добие различна технологија на батериски ќелии.
Процесите се исто толку важни колку хемијата
Освен на моќноста и брзото полнење, работата во најголем дел е насочена кон намалување на трошоците. За да се постигне ист паритет на трошоци со модел со мотор со внатрешно согорување, батеријата не смее да чини повеќе од 50 евра по киловатчас, напоменува Шефер. Трошоците во моментов се движат малку под 100 евра.
Со помош на самостојниот развој на хемијата, батериите во Мерцедес во следните години ќе поевтинат најмалку за 30 проценти, најавува Шефер. Притоа е важно да се има директен пристап до суровините, за на тој начин да се смали зависноста од промените на цените на светската берза.
Покрај хемијата на ќелиите, важна улога имаат и процесите во производството. Колку побрзо носечките фолии се движат по машините, толку е поевтино. Исто и во сушењето може да се заштедат многу време и пари со нови процеси. „Хемијата и процесите се нераздвојни. Кога мирува производството, тоа чини пари“, објаснува Шефер. Целта е да се држи чекор со најдобрите конкуренти од Кина или Кореја.

Побарувачката е значително под очекувањата
Во поглед на потребата од ќелии, Мерцедес покрај забавеното напредување на електромобилноста прави нови пресметки. Додека пре две години уште се поаѓаше од претпоставката дека во 2030 година ќе бидат неопходни осум гига-фабрики со капацитет од 200 гигаватчасови, за годишно да се снабдуваат два милиони возила, сега плановите се поместени.
Мерцедес поаѓа од предвидувањето, дека на завршетокот на десетлетието само 50 проценти од продажбата ќе отпаѓа на електрични автомобили или приклучни хибриди. Тоа значи дека ќе биде потребна само половина од потребата од батерии што се калкулираше порано.
„Со нашите партнери постапуваме чекор по чекор“, кажува Шефер. Батериите за следната генерација компактни модели, на пример, ќе доаѓаат од АЦЦ, што е заедничка компанија меѓу Мерцедес, Стелантис и Зафт, посестринска компанија на Тотал Енерџис. Мерцедес таму поседува 30 проценти. Производителот во почетокот ќе се снабдува од првата фабрика во Франција. Останатите фабрики, едната во Кајзерслаутерн, другата во Термоли, Италија, ставени се на мраз поради малата побарувачка. Тоа не е проблем. Мерцедес ќе се снабдува со батерии и од КАТЛ, од нивната нова фабрика во Унгарија. „Можно е да има уште повеќе партнери“, кажува Шефер, без да наведе конкретни имиња.

Додека Мерцедес во следните години ќе инвестира масовно во електричната погонска спрега, поинаку е кај моторите со внатрешно согорување. Компанијата неодамна реши дека ќе развие уште една целосно нова генерација на С-Класа и со тоа нема да се јавува потреба од нова платформа за големи електрични автомобили. „Но, инвестициите за Еуро 7 и за новите норми во САД и Кина практично се завршени“, објаснува Шефер. Сите дизели и бензинци се префрлени на 48 волти. Со тоа, моторите се „свежи и модерни“ за уште многу години.
















