Mercedes-Benz го заокружува обновувањето на својата најважна моделска серија, и по лимузината и комбито од новата E-Class, дојде ред и за изведбата All-Terrain.
Mercedes-Benz E-Class All-Terrain секогаш излегува од фабрика со погон на сите тркала 4Matic, со зголемено растојание од подлогата, но исто така со пневматска амортизација Airmatic и со програма за возење по терен. Принципот тука е јасен: All-Terrain може, но не мора да вози надвор од асфалтот, и тоа пак има многу смисла.
Меѓу посебностите со коишто располага E-Class All-Terrain, што се базира врз комбито T-Modell, спаѓа посебниот приказ во средишниот дисплеј кога се вози по терен и „проѕирната хауба“.
Постојат разлики во изгледот со отмената лимузина и благородното комби. Маската се разликува, браниците се сосем други, под носот и опашот се наоѓа оптичка заштита на подвозје со финиш на хром и облоги на арките на крилата во темносива мат боја. Испораките на моделот ќе почнат во првиот квартал од 2024 година.
Должината од 4.950 mm и ширината од 1.904 mm не се разликуваат многу од „цивилните“ модели, но затоа има разлика во висината, каде што All-Terrain досега 1.497 mm. Стандардната големина на гумите е 235/55 R18, може да се нарачаат и тркала со големина од 20 инчи.

Во споредба со моделот од претходната генерација, ширината е зголемена за 28 mm. Корист од тоа најмногу имаат патниците на задната клупа, каде што кабината во висина на лактите е широка 1.519 mm. Меѓуоскиното растојание исто така порасна за 22 mm.
Багажникот нуди простор со зафатнина од 615 до 1.830 литри (хибридите 460-1.675 литри. Соборувањето се врши со прекинувачи на левата и десната страна на клупата. Електрично отворање на багажникот е стандард. Прекривката и мрежата се во иста касета.

При брзина над 120 km/h, подвозјето во програмата Comfort се спушта за автоматски за 15 милиметри, заради намалување на отпорот на воздух. Пневматската амортизација користи усовршена сензорика и алгоритми, благодарение на што може само едно тркало да реагира при нерамнина на подлогата, без тоа да се пренесе на целата оска или на каросеријата.
Бензинец E 450 со трилитарски 6-цилиндарец со 381 КС, дизел E220 d со 197 КС и приклучен хибрид E 300 de со 313 КС и 700 Nm

Може да се избира меѓу еден бензинец и еден дизел – двата во изведба на благ хибрид, со стартер-генератор со 17 kW и 205 Nm – и еден приклучен хибрид. Последниов располага со електромотор со 95 kW (129 КС) и 440 Nm, и досег од преку 100 km, пред All-Terrain да продолжи да вози со хибриден погон. Електромеханички засилувач на силата на сопирање придонесува при сопирање да се врши уште поголем повраток на енергијата.
















