Уште една титула на „прв во светот“ за Mercedes-Benz. Во луксузниот S-Class и во неговата електрична придружничка EQS ќе може да се избере опција за Drive Pilot, систем за автономно возење од SAE-Level 3. Тоа во почетокот ќе биде можно само во Германија, а во план се и САД.
Mercedes-Benz од 17-ти мај ќе прима нарачки за опцијата DRIVE PILOT за германскиот пазар. Доплатата за овој систем изнесува 5.000 евра за S-Class и 7.430 евра за електричниот EQS. Кај батерискиот модел, заедно со Drive Pilot се испорачува и екстра пакет од системи за асистенција. Цените се без „мервертштоер“.
Во 2021 година, Mercedes Benz стана прв производител на автомобили во светот, со меѓународно важечки сертификат за високоавтоматизирано возење. Drive Pilot се нуди како опција за фабричко вградување, при нарачката на возилото. Намената на Drive Pilot е да го растовари возачот при сообраќаен метеж или при застој, на одредени делници од автопатиштата во Германија. Постојат бројни услови, за системот да може да се вклучи, но повеќе станува збор за ограничувања поради правните односи, отколку поради ограничувања на техниката.
Откако ќе се вклучи Drive Pilot, системот самостојно ги регулира брзината и растојанието, одржувајќи го возилото во лента. Автопилотот ги зема предвид и сообраќајните знаци, но реагира и при ненадејна ситуација или пречка на патот, со избегнување на истата, при што возилото останува во сопствената лента, или со сопирање. Системот работи до 60 km/h, затоа што законите предвидуваат толку.
Техниката се состои од сензори, радар, од лидар и камери, но има и ултразвучни сензори, како и сензори за влажност. Mercedes-Benz очекува дека системот кон крајот на годината ќе може да се понуди и во Калифорнија и Невада.
Безбедноста, како и секогаш досега, ужива највисока важност. Сите системи што учествуваат во автономното возење, поставени се двојно. Во основа, тоа значи дека се проверува повеќепати, дали одредени податоци се веродостојни. Тоа важи за сопирачките, управувањето, напојувањето со струја, но исто важи и за сензорите и за процесорите. Во некои подрачја од сензориката се применуваат и два сосем различни системи, за автопилотот да се увери во точноста на податоците што пристигаат. Тоа значи дека паралелно се применуваат оптички концепт, ултразвук, радио бранови и друго.
Во краен случај, возачот може во секое време да ја преземе контролата над возилото. Доколку во вонредна ситуација, возачот не реагира во рок од десет секунди, тогаш автопилотот проценува дека возачот во моментот има медицински проблем и го насочува возилото кон помошната лента, без притоа да се загрози сообраќајот зад возилото.
Позиционирање прецизно до сантиметар
Точната позиција на Mercedes опремен со Drive Pilot се одредува преку најпрецизен систем за позиционирање, што е значително подобар од обичните GPS-системи. Покрај лидар, камера, радарски и ултразвучни сензори, се користи и дигитална карта со висока резолуција. Со тридимензионално осликување на патот и на средината, се добива најпрецизна информација за геометријата на патот, за сообраќајните знаци и за состојбата на патот. GPS системот мери со прецизност од еден метар, мапите на Mercedes работат со прецизност од еден сантиметар. Мапите се меморирани во компјутерски центри и постојано се ажурираат.