Нова класа пристига во понудата на Mercedes-Benz. Денес светот речиси првпат ја виде новата T-Class. Речиси, затоа што станува збор за луксузирана изведба на Mercedes-Benz Citan, а тоа значи и на Renault Kangoo. Моделот е наменет за купувачи што сакаат голема слобода во поглед на приспособливоста и просторноста на своето возило, значи во основата сакаат т.н. комби со висок покрив, меѓутоа пак им значи автомобилот да има нешто екстра.
Сцената речиси рефлексно одговара кога ќе се спомне Mercedes-Benz Citan. Првата генерација на моделот беше практично доработка на постоечкиот Renault Kangoo. Во втората генерација на моделот, германското-француското партнерство заеднички го развиваше моделот. Ако првиот Citan беше Renault, тогаш овој е исто толку Renault, колку што е Mercedes. Но, зошто воопшто Штутгарт мораше да нуди модел што е „туѓ“ во понудата на марката со сребрената ѕвезда.
Многу е едноставно, менаџерите на Mercedes-Benz секако дека не погрешиле. Во гамата на Mercedes-Benz Vans – значи тоа е посебна марка доставни возила покрај автомобилската Mercedes-Benz Cars, во рамките на Mercedes-Benz Group AG – постојат големците Vito и Sprinter. Штом веќе марката е толку моќна во делот на доставните возила, нормално е нејзината понуда да се заокружи со модел што е нормално да го имаат сите големоволуменски производители – компактно доставно возило од рангот на Caddy, и на самиот Renault Kangoo. Бидејќи самостојно производство на модел во овој сегмент денес е рамно на бизнис-лудост, затоа што тој модел би бил прескап за воопшто да конкурира на пазарот, Mercedes-Benz реши да го дели моделот со друг производител. Така бидна првиот Citan. Тогаш соработката со Французите уште беше во зародиш, до денес се сменети многу нешта.
Сменети се навистина. Mercedes-Benz уште одамна најави дека Citan ќе го понуди во премиум изведба што во понудата од модели ќе биде паркирана тркало до тркало со лимузините и СУВ-моделите на марката. Таа изведба е T-Class. Штутгарт вели дека тоа е премиум мал ван за активен животен стил. Автомобилов е подготвен и за три детски седишта на задната клупа. Исто толку е подготвен просторот и за спортисти, за нивната опрема. За велосипед што комотно се сместува во кабината. Голема предност на T-Class се и лизгачките врати.
Директорот Маријаст Гајсен, Mercedes-Benz Vans, за денешната премиера ќе каже: „Со новата T-Class ја збогатуваме нашата понуда со вистински премиум мал ван, што спојува просторна понуда и функционалност, со стил и комфор, како ниту еден модел во овој сегмент“
За T-Class да биде светнат исто колку лимузините на Mercedes-Benz – односно за разлика од храбриот и работлив Citan – предната маска стандардно е хромирана, исто како што куќиштата на ретровизорите, рачките на вратите и предниот браник се лакирани. По желба, на праговите може да се најдат плочки со натпис Mercedes-Benz, а опција се и тркала од 17 инчи. Посебност во појавата дава бојата рубелит-црвена со металик ефект.
Со простор за пет патници, T-Class е долга 4.498 милиметри, широка 1.859 милиметри и висока 1.811 милиметри. Наскоро ќе следи продолжена верзија за седум патници.
Наследство од Citan е нискиот под. За гајба да се натовари во багажникот, таа треба да се подигне 56 сантиметри над земја. За споредба, таа вредност кај VW Touran изнесува 62 сантиметри, додека кај комбилимузините е над 70 сантиметри. Лизгачките врати од обете страни се радост за дечињата и практично решение во тесен простор. Рамката на вратата е широка 614 mm, a висока 1.059 mm.
Задната клупа стандардно се соборува и се добива речиси целосно рамен под. Кој цени дека тоа му одговара повеќе, може место задниот поклопец да се нарача двокрилна врата. За да не пречат при товарање, вратите може да се отворат за 180 степени.
Квалитетот на завршната изработка, според производителот е на ниво на A-Class и на целото моделско семејство околу неа. MBUX со дисплеј од 7 инчи се стандард, заедно со поврзување со телефон, мултифункциски волан, клима и стартување на мотор на копче. Во изведбите Style и Progressive се вградува и амбиентално осветлување.
Во почетокот ќе се нуди по еден дизел и бензински мотор, во две варијанти на моќност. Опција е 7-степен менувач со двојна спојка
Модел | T 160 d | T 180 d | T 160 | T 180 | |
Цилиндри | Конструкција | R4 | |||
Зафатнина | cm³ | 1.461 | 1.332 | ||
Моќност | kW/КС | 70/95 | 85/116 | 75/102 | 96/131 |
при | 1/min | 3.750 | 3.750 | 4.500 | 5.000 |
Вртежен момент | Nm | 260 | 270 | 200 | 240 |
при | 1/min | 1.750 | 1.750 | 1.500 | 1.600 |
Потрошувачка WLTP | l/100 km | 5,3 – 5,9 | 5,5 – 5,9 | 6,7 – 7,2 | 6,6 – 7,3 |
CO2 WLTP | g/km | 138 – 154 | 144 -154 | 153 – 162 | 150 – 165 |
0-100 km/h | s | 15,1-15,3 | 13,2-13,6 | 14,7 | 11,6-12,85 |
Брзина | km/h | 164-165 | 175-177 | 168 | 183-184 |
T-Class ќе има посебно место во понудата на Mercedes-Benz во целосно електричната изведба. Mercedes-Benz преку стратегијата „Амбиција 2039“ има за цел да постигне целосна неутралност во поглед на емисијата на СО2 од своите возила. До крајот на годинава, марката ќе нуди по еден целосно електричен модел во секој сегмент во којшто е присутна. Од 2025 година, сите комплетно нови моделски семејства ќе се нудат исклучиво со електричен погон.
Дел од оваа стратегија ќе биде и EQT, целосно електрична верзија на T-Class, покрај eVito, eSprinter, EQV и товарната изведба eCitan.
За работа да е, ѕвезда да носи: Новиот Mercedes Citan во Мак Аутостар