Мерцедес-Бенц за врвниот резултат на ЦЛА: „Не се грижиме само за безбедноста на патниците, туку на сите учесници“

Организацијата Еуро НКАП веќе соопшти дека новиот ЦЛА е најбезбедниот автомобил што го тестирала лани, сега следат изјавите од раководството на Мерцедес-Бенц.

ЦЛА во моментов е главната ѕвезда на Мерцедес-Бенц, со наслов на Автомобил на 2026 година во Европа, како и со најдобар резултат на краш-тестовите лани.

Мерцедес-Бенц е на местото што му припаѓа отсекогаш. Откако организацијата Еуро НКАП, што поттикнува постојан напредок во безбедноста, претходно соопшти дека новиот ЦЛА постигнал најдобри резултати од сите автомобили на краш-тестовите лани, директорите во Штутгарт потсетија дека и во 2024 година, на германската марка ѝ припадна врвното место во поглед на безбедноста, со новата Е-Класа.

Марката со сребрената ѕвезда истражуваше на полето на безбедноста уште во 1950-те години и ги постави мерилата што во основа важат до денес, со првата серија краш-тестови во 1959 година, со генерацијата В 111, тогашна С-Класа. И тоа е дел од традициите на Мерцедес-Бенц.

За денешното ниво на безбедноста на Мерцедес-Бенц посведочи конзорциумот Еуро НКАП, најмеродавна и независна институција за ова подрачје, којашто во почетокот на годината соопшти дека новиот ЦЛА, во неговата електрична изведба е најбезбеден од сите автомобили што во 2025 година ја минале строгата серија од најразлични тестови на Еуро НКАП, со најмногу освоени бодови.

Купе-лимузината, што освен во електрична, наскоро ќе почне да се испорачува и во хибридната изведба, постигна врвни резултати во четирите главни категории на тестовите на Еуро НКАП: Во безбедноста на возрасни патници, заштитата на деца во возилото, заштитата на пешаци и велосипедисти, како и во делотворноста на системите за асистенција.

Главниот инженер на Мерцедес-Бенц, Јерг Бурцер, во соопштението по овој повод напомена дека ЦЛА е целосно нова конструкција и поседува безбедносна опрема што е дел од генот на Мерцедес. За освојувањето на насловот за најбезбеден автомобил на тестовите за безбедност лани, Бурцер посочува дека со тоа „повторно се нагласува долгогодишната експертиза и залагањето на Мерцедес-Бенц во безбедноста на возилата.“

Новиот ЦЛА победи поголеми и потешки модели што беа на тест во Еуро НКАП во минатата година

Директорот за безбедност и истражување незгоди во Мерцедес-Бенц АГ, проф. др. Пол Дик, изјави: „Не само што сакаме да ги заштитиме патниците во Мерцедес-Бенц, туку и сите учесници во сообраќајот.“ Според професорот, за тоа придонесе и развојот на најсовремени системи за безбедност и асистенција.

Штугарт уште еднаш потсетува: Мерцедес-Бенц си зема обврска, секогаш да го понуди најбезбедниот автомобил во својата класа

Новите системи за асистенција што се вградуваат стандарно можат да спречат различни сценарија на судури. Доколку судирот е неизбежен, во тој случај зоните на гмечење, цврстата и крута патничка кабина и безбедносните системи, конструирани се за опасноста од тешка повреда да се сведе на најмала можна мера.

Во 2026 година, Мерцедес-Бенц одбележува 140-годишнина од патентирањето на првиот автомобил во историјата. ЦЛА уште рано даде најдобар почеток на славеничката година на марката со сребрената ѕвезда.

Претходна објаваДонгфенг лани ја зголеми продажбата во Европа за 137 проценти
Следна објаваЕлектричен Форд со новите субвенции во Германија се купува 11.000 евра поевтино

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here