Уште еден нов Мерцедес: ГЛБ прво на струја, понатаму следат бензинците

По ЦЛА следи уште еден модел врз новата платформа ММА. Мерцедес-Бенц има големи очекувања дека новиот ГЛВ ќе донесе раст во продажбата на електрични автомобили.

Конструиран врз платформата ММА, новиот Мерцедес-Бенц ГЛБ е значително поголем во споредба со претходникот.

Серијата СУВ-модели ГЛБ на Мерцедес-Бенц досега не успеа да се издвои повеќе меѓу останатите моделски серии на штутгартската марка. Нејзината електрична изведба под ознаката Е Ку Б важи како практичен автомобил за секој ден, меѓутоа нејзиниот имиџ не блесна. ГЛБ сепак има бројни и верни обожуватели, затоа што компактни теренски модели што нудат простор за седуммина се реткост во оваа класа.

На домашниот пазар на Мерцедес-Бенц, годинава до октомври се продадени 12.100 примероди од ГЛБ, од коишто само 836 се во електричната изведба. Тоа значи дека уделот на овој модел во продажбата на Мерцедес-Бенц изнесува само 5,6 проценти, покрај 215.323 продадени Мерцедеси во Германија годинава.

За споредба, ГЛЦ во истиот период регистрирал близу 30.000 нови примероци, додека од помалиот ГЛА биле регистрирани 19.800 примероци.

Продажбата во Германија почнува во следната пролет

Мерцедес-Бенц го постави ГЛБ на новата платформа ММА и очекува дека моделот ќе даде дополнителен придонес во забрзувањето на продажбата на електрични автомобили. Платформата ММА е наменета за модели од почетокот на понудата на марката. Техниката веќе ја користат купе-лимузината ЦЛА и нејзината купе-комби изведба ЦЛА Шутинг Брејк. Таа првенствено е осмислена за модели со целосно електричен погон, но одговара и за модели со мотор со внатрешно согорување.

За споредба, новиот ГЛЦ е конструиран врз платформата МБ.ЕА, којашто е строго проектирана за електричен погон, без можност за вградување мотори. Оваа платформа ќе се користи и за поголеми модели.

Продажбата на електричниот ГЛБ се очекува да започне напролет. Хибридната изведба ќе биде понудена неколку месеци подоцна, како што беше случај со ЦЛА. Компактниот СУВ ќе се нуди и на пазарите во САД и Кина.

Струја за 260 километри за десет минути

СУВ-то не може да ја постигне аеродинамичноста на ЦЛА, меѓутоа пак располага со досег до 631 километри, што е ново мерило во класата. Благодарение на 800-волтната мрежа, при користење брз полнач со моќност од 320 киловати, за десет минути се полни енергија за 260 километри. За разлика од ЦЛА, ГЛБ може да користи и 400-волтна мрежа за полнење. Со доплата се нуди ДЦ-конвертер. Моќноста на полнење при приклучување на наизменична струја достигнува 22 киловати.

Опашот на електричниот Мерцедес-Бенц ГЛБ

ГЛБ порасна значително во новата генерација. Меѓуоскиното растојание е подолго за шест сантиметри од досегашниот Е Ку Б, а целиот автомобил е подолг за пет сантиметри, односно вкупно 4,72 метри. Патниците назад добиваат повеќе простор, целосно застаклениот покрив е стандард, исто како во ЦЛА.

Повеќе место назад

Патниците на задната клупа имаат шест сантиметри повеќе простор над глава, што е осетна промена. Третиот ред е проектиран за патници високи до 1,71 метар, што е за три сантиметри повеќе во споредба со претходникот. Со соборена трета клупа, багажникот нуди 540 литри. Напред има втор багажник, со зафатнина од 127 литри.

Автомобилот изгледа помоќно и помускулесто од претходникот, што посебно доаѓа до израз со тркалата од 20 инчи, коишто следат со доплата. Дизајнерите на Мерцедес-Бенц ја сменија филозофијата. Надворешноста на моделите на марката обично остава впечаток дека се работи за покомпактно возило, за потоа во внатрешноста да се открие дека е многу попросторно, а кај ГЛБ тоа е поинаку. Надворешноста треба точно да укаже на просторноста во кабината. Во таа насока и кровните носачи се изведени повисоко во споредба со порано.

Кокпитот на Мерцедес-Бенц ГЛБ со голем екран и МБУКС.

Кокпитот е како во ЦЛА

Исто како ЦЛА, кај ГЛБ може да се нарача предна маска со осветлена шема со ситни ѕвезди. Таа шема се повторува и во предните и задните светла. Опашот е украсен со светлечка лента по цела ширина, но за разлика од постоечките е-модели, таа продолжува надолу до браникот. Под светлечката лента се наоѓаат две помали светла, исто така со ѕвезди.

Во кокпитот нема изненадувања. По пример на ЦЛА, долж кокпитот се протега триделен дисплеј и се користат квалитетни материјали. Амбиенталното осветлување создава чувство како во луксузен салон.

ГЛБ располага со најновата изведба на инфо-забавниот систем МБУКС, со разбирање говорни команди што се темели врз вештачка интелигенција. На тој начин, освен што може да се постави цел за навигацијата, може да се побара и временска прогноза. Со апликациите се ракува исто како на телефон, а нов софтвер се вчитува преку податочен облак.

Во третиот ред има место за патници високи до 1,71 метар

Цената во Германија под 60.000 евра

ГЛБ со технологија Е Ку, исто како и хибридните модели, ќе се произведуваат во Кечкемет, Унгарија. Моделот со мотори со внатрешно согорување досега доаѓаше од Акуаскалиентес, Мексико, додека електричниот Е Ку Б доаѓаше од фабриката во Раштат.

Откако в година ќе престане производството на моделот со мотори со внатрешно согорување, под знак на прашање се става иднината на фабриката во Мексико, којашто Мерцедес-Бенц ја користи заедно со партнерот Нисан. Голема е веројатноста дека фабриката ќе се затвори. Според директорот за производство Јерг Бурцер, можно е таа да мирува привремено, додека не се префрли за производство на нов модел.

[the_ad id=”85764″]

Во Германија веќе започнаа нарачките за првите два достапни модели. ГЛБ 250+ со Технологија Е Ку, чини 59.048 евра, додека 350 4Матик со Технологија Е Ку, почнува од 62.178 евра.

Понудата ќе се прошири со подостапен модел со батерија ЛФП, и со три хибридбни изведби, истите како кај ЦЛА. Претходниот модел Е Ку Б во изведбата 250+ во Германија чинеше 53.514 евра, што значи дека новиот модел е поскап 10 %, не земајќи го предвид технолошкиот напредок.

Претходна објаваКолку заработуваат директорите во германските автомобилски фабрики
Следна објаваЕУ бара компаниите да купуваат електрични возила, БМВ и Тојота се побунија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here