Извршната власт на ЕУ треба на 16-ти декември да претстави низа предлози, што на европскиот автомобилски сектор ќе му овозможат да добие поголема флексибилност околу поставените ограничувања за емисијата на ЦО2, како и да попушти околу забраната за нови возила со мотори со внатрешно согорување да се продаваат по 2035 година.
Пакетот мерки ќе содржи и планови за компаниските возни паркови, на коишто отпаѓаат околу 50 до 60 проценти од продажбата на нови автомобили во ЕУ.
Во писмото испратено до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и до комесарите, со 67 потписнички, се наведува дека главните пречки за пошироко прифаќање на електричните возила се високите трошоци за купување и користење, како и недоволната мрежа од полначи.
Во писмото се наведува дека строгите ограничувања ќе бидат „мошне штетни“ и дека високите трошоци ќе им остават два избори на компаниите, а тоа е, или подолго да ги задржуваат постарите возила или да купуваат помалку нови возила.
Понатаму во писмото се порачува и дека спојот од субвенции и вложување во мрежата од полначи е најбрз начин за да се поттикне продажбата на електрични возила.
Субвенциите се потребни и за пазарот на користени електрични возила, имајќи предвид дека голем број од возилата што се користат на лизинг, обично се препродаваат по две или три години.
Меѓу потписничките се Арвал, којашто е компанија за лизинг на БНП Парибас, потоа Ајвенс на Сосиете Женерал, Авис, Болт и Херц, како и некои национални здруженија за рентакар и лизинг.
[the_ad id=”85764″]
Наспроти нив, организацијата за заштита на животната средина Клима Груп ги подржува строгите ограничувања и укажува дека повеќе од 120 компании се посветени, за нивните возни паркови да се состојат само од електрични возила, како ЕДФ, Икеа, Сименс и Јунилевер.
Автомобилскиот пакет, чиешто објавување е одложено за една седмица, беше предмет на жестоко лобирање.
















