Мерцедес-Бенц почна со нарачки за новиот ЦЛА со хибриден погон

Купе-лимузината со ценето име е првa во новиот бран модели на Мерцедес-Бенц, којшто донесува 40 новитети во следните две години. ЦЛА досега беше достапен само во електрична изведба, сега стартува благиот хибрид.

ЦЛА донесува бројни новини во Мерцедес-Бенц, прв ја повлекува марката во нов дизајнерски правец и воедно е прв модел на марката, каде што софтверот се развиваше паралелно со хардверот. Тоа е трендот во целата бранша и Мерцедес-Бенц заедно со својот неразделен соперник БМВ, задолжително нагласува дека новите модели што доаѓаат од нив се „софтверски дефинирани возила“. Софверот е „новиот мотор“ во автомобилите.

Изгледот е сменет значително во споредба со претходната ЦЛА, моделот меѓу другото доаѓа со светлечка лента околу маската како стандард, меѓутоа главната игра е во внатрешноста. Таму се главни новиот оперативен систем МБ.ОС и четвртата генерација на инфо-забавниот систем МБУКС, којшто се потпира на вештачка интелигенција и Мерцедесот буквално разговара со возачките и возачите.

Во Штутгарт ценат дека со „вештачката интелигенција од Мајкрософт и Гугл, ЦЛА е поинтелигентен, поинтуитивен и поиндивидуален од кое било друго возило во својот сегмент.“

Досега беше достапна единствено електричната изведба, со ознака ЦЛА со технологија Е Ку, место според претходната практика да се користат сосем различно име и мали каросериски измени за ЕВ-моделите. Податоците за продажбата на електричниот ЦЛА уште не се објавени службено, меѓутоа според статистиката на АЦЕА, во септември биле продадени 7.302 примероци во Европа, што е значителен раст во споредба со претходникот, со 5.072 возила во истиот месец лани. Почнувајќи со испораки кон завршетокот на јули, ЦЛА во моментов е 4-ти најпродаван Мерцедес-Бенц во Европа, по ГЛЦ, ГЛА и А-Класа, а пред ЕКуА, ГЛЕ и Ц-Класа.

Големите бројки во продажбата секако дека ќе дојдат со стартот на изведбата со благ хибриден погон. Таа е воедно и следниот голем новитет на Мерцедес-Бенц што се очекува на македонскиот пазар.

На 6-ти ноември почнуваат нарачките ширум Европа

Моторот на моделот со благ хибриден погон е 1,5-литарски четирицилиндарец, што е сосем нов, во три степени на моќност со 156, 163 или 190 КС. Освен изведбата со преден, се нуди и изведба со погон на сите тркала. Ценовникот во Германија почнува од 46.243 евра.

Единствената разлика меѓу елеткричниот и бензинскиот ЦЛА е во маската. Хибридот поседува класична маска со трикрака ѕвезда во средина и ситни хромирани ѕвезди по решетката.

Просторна внатрешност со благородни материјали, со стакло, кожа и метал, и секако со супер-скрин.

Електромоторот располага со моќност од 22 киловати (30 КС) и при бавен градски сообраќај може самостојно и чисто на струја да го „вози“ ЦЛА. При залет на отворено, електромоторот може да го потпомага одржувањето на брзината до темпо од 100 километри на час, секако на рамен пат. Рекуперацијата, односно претворањето на залетот во струја за полнење на батеријата, дејствува во сите осум степени на пренос и може да генерира со најмногу 25 киловати.

Поаѓањето е на струја, префрлувањето од електричен во хибриден или целосно бензински погон се одвива неосетно.

Елеткромоторот може да ја задвижува лимузината самостојно, затоа што е вграден во самото ѕвоно на 8-степениот менувач со двојна спојка 8Ф-еДЦТ. Енергијата доаѓа од батерија со 48 волти, со капацитет од 1,3 кВч.

Нов 4-цилиндарски турбо-бензинец од фамилијата ФЕЈМ со милерова постапка на согорување

Мерцедес-Бенц наведува дека моторот е од сопствен развој и користи милеров циклус, познат најдолго од моторите што Тојота ги користи за своите хибридни модели. Суштината е во тоа што вшмукувачките вентили се затвораат кусо пред долната мртва точка, што на крајот води до значително скусување на потрошувачката на гориво. Степенот на компресија изнесува 12:1.

Моторот М 252 е од модуларната фамилија ФЕЈМ (Фемили оф Модулар Енџинс). Меѓу главните одлики е алуминиумскиот блок со кошулки на цилиндрите што се обложени со Нанослајд, заради намалување на триењето, потоа издувната гранка што делумно е интегрирана во самата глава и турбополнач со сегментна турбина. Бројни детали се преземени од шестцилиндарскиот М 256.

Во стандарната опременост влегува приспособлив темпомат Дистроник, а со опција може да се нарача МБ.Драјв Асист, којшто меѓу другото изведува самостојно престројување на возилото кога кусо ќе се повлече рачката на трепкачите во соодветната насока.

Панорамскиот покрив исто така е стандард во секој ЦЛА, по целата должина, од ветробранот до задното стакло. Воланот се враќа на класиката.

Опција се светла Милтибим, коишто се распознаваат јасно по графиката во форма на ѕвездата на Мерцедес-Бенц. Светлата се поврзани со светлечка лента. Истата шема се повторува назад.

Претходна објаваНа европските производители им претстои година на заздравување на бизнисот
Следна објаваДодека браншата стравува од криза од микрочипови, Донгфенг Мотор сам си ги развива и произведува

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here