за

Mazda CX-5 ги одушеви експертите на Auto Bild по супертестот на 100.000 km

Некои автомобили допрво се разработуваат по 100.000 километри. Тоа несомнено важи за Mazda CX-5, на којашто ниту светилка не ѝ прегоре по супертестот на Auto Bild.

Претходната генерација на Mazda CX-5 е меѓу моделите што имаат добиено највисоки оцени на супертестот на германскиот магазин Auto Bild. Само неколку безначајни забелешки на експертите беа причина јапонскиот СУВ-модел да не добие чиста 5-ка, туку 5 минус. Актуелниот CX-5 го избриша минусот.

Уредниците на магазинот Auto Bild имаа големи очекувања кога примерок од втората генерација на Mazda CX-5 им пристигна на супертест во мај 2019 година. Очекувањата беа големи, затоа што претходникот остави посебно висок впечаток на тестот и доби оцена 1-, што во нашиот систем на оценување одговара на 5-. Мали пропусти во извесната сервисна работилница на Mazda во Германија беа причина за минусот во оцената.

На германските колеги посебно им се допадна дизајнот на новиот CX-5, но и просторноста во кабината им остави добар впечаток. Од фотографите на Auto Bild буквално не можело да се дојде на ред за останатите членови на редакцијата на магазинот да ги извршува секојдневните обврски. Причината за тоа: Багажникот со правилна форма и со зафатнина од 494, односно 1.608 литри. Еден од колегите дури и преспал во возилото, поради проблемите што ни ги предизвика корона.

Компактниот СУВ-модел на Mazda доби добри оцени и поради подвозјето што работи примерно и на лош пат, и покрај стегнатата амортизација, што спречува каросеријата да се наведнува премногу во свијоци. Генерално, сите во тимот се задоволни од релаксираното возење во CX-5.

(Фотографија: AUTO BILD)

Забелешки само за седиштата: „Доколку седиштата беа со поголеми димензии, CX-5 можеше да биде патнички автомобил на годината“. Тоа што најмногу причинувало задоволство е комфорот на погонската спрега, односно единството меѓу моторот и менувачот. Дизелот работи меко и прави долгите патувања да бидат уживање. Иако автомобилот има одличен хандлинг и самото управување работи одлично, сепак не може да се очекува спортски карактер. Но, во поглед на перформансите, CX-5 нема проблем да обезбеди динамика дури и по германскиот аутобан.

Технички податоци

Mazda CX-5 Skyactiv-D 184 AWD

Мотор 4 цилиндри, дизел, турбо
Зафатнина 2191 cm3
Моќност 135 kW (184 КС) при 4000 / min
Вртежен момент 445 Nm при 2000/min
Погон На сите тркала / Автоматик 6 степени
Празно возило 1759 kg
Носивост 476 kg
Багажник 494–1608 l
Брзина 208 km/h
Потрошувачка 7,1 l D/100 km (WLTP)
Издув CO2 186 g/km

Уредниците ценат дека подобро би се почувствувале 184-те КС на дизелот, доколку класичниот автоматик имаше седми степен. Тоа би влијаело добро и врз потрошувачката. Половината литар Адблу на 1.000 километри се мошне ниска вредност, исто се прифатливи и 8,2 литри како просек на целиот тест. Но, при посилно и долготрајно притискање врз гасот, потрошувачката лесно достигнува двоцифрена вредност.

Мерни вредности на Auto Bild
Почеток на тест Крај на тест
Забрзување
0–50 km/h 2,9 s 3,0 s
0–100/-130 km/h 8,8/14,9 s 8,6/14,5 s
0–160 km/h 25,6 s 24,4 s
Меѓузабрзување
60–100 km/h 5,0 s 4,8 s
80–120 km/h 6,7 s 6,5 s
Пат на сопирање
од 100 km/h незагреани 36,6 m 35,2 m
од 100 km/h загреани 35,4 m 35,6
Внатрешна бучава
при 50 km/h 57 dB(A) 57 dB(A)
при 100 km/h 64 dB(A) 64 dB(A)
при 130 km/h 69 dB(A) 69 dB(A)
Потрошувачка на тест – CO2
7,2 l D – 191 g/km 7,2 l D – 191 g/km

По вообичаеното расклопување на автомобилот до најситен дел по завршувањето на супертестот, се потврди дека Mazda CX-5 е во совршена состојба и по 100.000 километри. Единствени траги од експлоатацијата: Десниот држач за патосникот пред возачкото седиште бил откачен и на седиштето се појавиле неколку набори. Понатаму, некои делови од пластичната облога под возилото и во поткрилата биле разлабавени и се триеле од каросеријата, но без да предизвикаат каков било проблем.

Оцени на Auto Bild за супертестот на Mazda CX-5

Издржливост

Возилото останало неподвижно 0 x 15 0
Штета на мотор / менувач 0 x 15 0
Дефектни погонски / функциски делови 0 x 5 0
Непланирана куса посета на сервис 0 x 3 0
Непланирана повеќедневна посета на сервис 0 x 5 0
Дефекти и вонредни поправки (Радио, течности итн.) 0 x 2 0
Дефектни мали делови (светилки итн.) 0 x 1 0

Квалитет во долг рок (по демонтажата)

Каросерија (конзервација, лак, теписи, облоги) 0–5 1
Мотор (Моќност, протекување, талози, траги од работа) 0–5 0
Менувач (Протекување, абење, состојба, спојка) 0–5 0
Издув (Состојба, кат., држачи, изолација) 0–5 0
Подвозје (Оски, амортизери, управување, држачи) 0–5 0
Електрика (Кабли, приклучоци, модули, осигурачи) 0–5 0

Оцена за секојдневие / Возење

Врз основа на забелешките во дневникот на возења 0–10 2
Вкупно негативни бодови 3
Оцена : 1

(Фотографија: AUTO BILD)

Проверка со ендоскоп не откри траги од корозија во надолжните носачи и во праговите. Соодветно на тоа, чиста единица (односно кај нас петка) за Mazda CX-5 по супертестот на Auto BIld. Тоа е подобро и од претходникот, што веќе се вброи меѓу најиздржливите и највалитетно изработени автомобили на супертест во магазинот.

Видеото од супертестот на моделот од претходната генерација:

>>> Тест на Аутомедиа: Mazda3 2.0 Skyactiv-G M Hybrid

тест Mazda3 2.0 Skyactiv-G M Hybrid

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Најголемиот произведувач на чипови со 5 млрд. $ профит за три месеци

Ексклузивна Toyota GRMN Yaris во 500 примероци, со 272 КС