„Најубавиот автомобил што го имам нацртано во животот.“ Главниот дизајнер на Audi, Марк Лихте, ги избра овие зборови кога марката во есента во 2018 го прикажа Audi e-tron GT concept како студија во Лос Анџелес. Две години подоцна, првиот целосно електричен гран-туризмо модел на Audi е кусо пред својата премиера како сериски модел. Тоа е вистинскиот момент, за Марк Лихте да ни објасни какво е значењето на e-tron GT.
Господин Лихте, чекањето наскоро ќе заврши. На 9-ти февруари Audi ќе го претстави e-tron GT. Дали и по седум години како главен дизајнер на марката уште Ви се возбудливи презентациите на вакви модели?
Марк Лихте: Светската премиера е волшебен момент. Тоа важи за целиот тим во Audi Design, но и за мене лично. Со претставувањето на нов автомобил завршува еден развоен процес, што обично трае четири години. Тоа е долг пат и многу работа, бројни дискусии, а честопати и тешки решенија. Но, на крајот се добива заеднички производ, на којшто сите се гордееме.
Гордост е вистинскиот збор. Со студијата навистина ги подигнавте мерилата за e-tron GT. Кои се одликите на дизајнот на автомобилот?
Лихте: Дизајнот е добар кога еден производ е естетски и во исто време функционален, кога е дел од едно непрекинато вкупно доживување. Основата за естетиката е во пропорциите: Куси каросериски превиси и долго меѓуоскино растојание, во комбинација со ниска кабина на моќна основа. Сето тоа го содржи e-tron GT.
>>> Слушнете го посебно дизајнираниот звук на Audi e-tron GT
Дали е претерано, овој автомобил да се цени како нова дизајнерска икона на Audi?
Лихте: Да, тоа несомнено. Дизајнерска икона сепак не се станува на цртачката табла. Автомобилот мора сам да се избори за овој епитет на улиците – во средина, во којашто поради наплив од извори на сензации бара се ориентација. Кај вистинските дизајнерски икони, постои една јасна карактеристика: Три линии се доволни да ги опишат, на пример, VW Beetle или Porsche 911. Тоа се примери за јасна става, јасно држење.
Каква става сака да прикаже Audi преку e-tron GT?
Лихте: Тоа несомнено е „Напредокот преку техниката“ (Vorsprung durch Technik) – или да ја цитирам новата стратегија на нашата марка: „Living Progress“. Некои модели низ историјата придонесоа многу за градењето на ова мото: A2 беше синоним за безпоштедна ефикасност, TT за формален дизајн, R8 за безкомпромисни перформанси. Прашањето кај e-tron GT не е дали тој е дизајнерска икона, туку колку веродостојно го прикажува нашето држење. Кусо: Прашањето е како тој на нов начин го толкува мотото „Напредок преку техниката“.
Во кој правец се движи овој автомобил?
Лихте: Е-tron GT е гран туризмо. Овој поим првично се користеше за спортски возила што беа наменети за трки на долги растојанија. Според тоа, GT-моделите се разликуваат од чистокрвните спортски автомобили по повисокиот комфор и по поголемата кабина. Како целосно електричен гран туризмо, e-tron GT има нов пристап, бидејќи перформансите не ги сведува на обична моќност, туку во својата форма ја вклучува и ефикасноста.
Ефикасност, како главна одлика на дизајнот. Што точно значи тоа?
Лихте: Колку е понизок отпорот на воздух, толју е подолг досегот. Оваа основна физичка законитост на електромобилноста ја претворивме во дизајнерски принцип кај e-tron GT. Формата ја следи функцијата, естетиката извира од ефикасноста. Новиот дизајнерски говор се одликува со течна линија и врвна аеродинамичност. На тој начин, дизајнот на e-tron GT претставува основа за дизајнот на идните електрични модели.
Тоа е за екстериерот. Но, како ефикасноста се пренесува во дизајнот на внатрешноста?
Лихте: Електромобилноста внесува леснотија и функционалност во внатрешноста – просторната понуда е како во повисоката класа. Надвор компактно, внатре просторно. Поради тоа, на e-tron GT му дадовме основна архитектура на скулптура, којашто покрај спортската нота што е типична за GT, со јасната насоченост кон возачот става нагласок и на одржливоста. Салонскиот автомобил од 2018 година беше пример за серискиот модел. Тој поседува сопствена линија на опрема, што целосно се откажува од кожа и место тоа со цел става нагласок на рециклирани материјали.
Спортски гран туризмо, што се базира врз ефикасност и одржливост. Дали тоа е новиот став за којшто зборувате?
Лихте: Точно така. Одржливоста почнува во умот и се прикажува преку дизајнот. На тој начин, e-tron GT наведува на мислата што ќе претставува основа на нашето разбирање на луксузот во текот на електромобилноста.