за

Електричен Lexus RZ следи по 24 години од хибридниот Lexus RX

Раздвижено е деновиве меѓу новите електрични СУВ-модели од големите производители. По вчерашната премиера на Mercedes EQS SUV, денес следи Lexus RZ 450e, прв електричен модел на марката врз платформа што е развиена само за него.

Lexus не вози првпат 100% на струја, затоа што таа чест прв ја имаше Lexus UX 300e, како посебна изведба, што лани во јануари им се придружи на постоечките хибридни и бензински верзии на кросоверот. Lexus RZ 450e посебен е по тоа што е конструиран врз платформа што тој нема да ја дели со модел со конвенционален или хибриден погон. RZ е модел што ја означува пресвртницата во луксузната марка на Toyota.

Автомобилите на Toyota и Lexus прво имаа мотори како сите други, потоа добиваа електромотор како помош за моторот, на новите генерации модели им останува само електромоторот. Може и два електромотори, заради погон на сите тркала. Тоа е еволуцијата во автомобилскиот свет, тоа што во 1998 година беше RX 400h, како прв хибриден модел на Lexus, сега во 2022 година е RZ 450e, прв електричен модел на Lexus врз сопствена платформа.

Луксузната марка на Toyota веднаш порачува дека разликата не е само во електричниот погон, туку и во сите останати подрачја, како дел од филозофијата „Lexus Electrified“. Дел од истата, секако, претставува и уживањето во возењето. Додавањето на тој важен фактор, што Тојота Сити го води како техничка архитектура TNGA, доведе до тоа јапонската компанија во последните години да бележи раст што е далеку над просекот во браншата.

Сакаме да ја искористиме електрификацијaта, за перформансите на нашите возила да ги направиме уште подобри и да можеме на идните генерации да им понудиме вистинско уживање во возењето Lexus

Такаши Ватанабе, главен инженер во Lexus

RZ 450e ја користи истата техника со Toyota bZ4X, што и Тојота Авто Центар веќе го најавува во Македонија, меѓутоа вообичаено се става екстра вредност во луксузот. Јапонците се толку комотни со новиот модел, што како опција нудат и управување „преку жица“, заедно со волан во форма на јарем. Тоа е официјалното име што Lexus го користи за оваа специфична форма на волан, англиски Yoke, односно според македонскиот речник, дрвена направа во која се впрегнуваат два вола за орање. Тука секако дека нема волови за погон, туку има по еден електромотор на секоја оска, што соработуваат вредно во новиот систем за погон на сите тркала Lexus DIRECT4.

Каросеријата што е конструирана посебно за електричен погон се одликува со висока цврстина, ниско тежиште и долго меѓуоскино растојание. Со менувањето на погонот се сменија и традиционалните каросериски обележја, на пример, маската, што инаку е мошне препознатлива за марката. Во кабината влегува повеќе светлина и дизајнот го нагласува тоа. Toyota сето тоа го опишува со два јапонски збора, омотенаши за гостопримливост и такуми за врвна занаетчиска вештина.

Електромобилноста и грижата за животната средина не се сведуваат само на погонот, туку се внимава за нулта емисија на СО2 во секој дел од работењето на компанијата, вклучувајќи ја и енергијата за производство, како и рециклирањето и набавката на суровини. За таа цел се воведени и нови процеси во престижната фабрика Мотомачи.

RZ е почетна точна на остварувањето на планот на Toyota, до 2030 година да продава исклучиво електрични возила во Западна и Централна Европа. Резервациите веќе стартуваат, испораката следи во јануари 2023 година

Изгледот се издвојува од останатите модели, но пак се почитуваат начелата на Next Chapter-дизајнот на Lexus. Дизајнерите го нарекуваат концептот „seamless E-motion”, којшто го оддава моќниот карактер и способноста за силно забрзување на RZ. Разликите се најголеми во маската. Хаубата се спушта ниско и отворите за воздух се сведени на најмала можна мера. Маската Diabolo во форма на вретено, кај RZ е толкувана во три димензии, односно нејзината форма се провлекува долж каросеријата на возилото.

Дизајнерите имале слобода за уште повеќе да ги нагласат крилата. Опцијата за двобојна каросерија ја опфаќа и хаубата, којашто може да биде во црна боја, исто како покривот. Светлата се мошне тенки, дневните светла го создаваат препознатливото L за Lexus.

Долгото меѓуоскино растојание од 2,85 метри, исто со bZ4X, заедно со клинестата силуета на каросеријата, ги нагласува ниското тежиште на возилото и рамномерната распределба на тежината врз оските. Тркалата стандардно имаат пречник од 18 инчи, со опција се добиваат 20 инчи. Назад е впечатлив дводелниот кровен спојлер, којшто го издолжува автомобилот и внесува впечаток за стабилност.

Светлечката лајсна долж задниот поклопец преоѓа во заштитен знак на Lexus. Kaj RZ се забележува вниманието горниот и долниот дел од лентата да бидат колку е можно потенки.

Главниот инженер Такаши Ватанабе при развојот на RZ го постави принципот на „The Natural“. Целта беше да се постигне природно чувсто во возење и на тој начин да се подобри квалитетот на возењето. Со таа идеја е понуден и опционалниот систем за управување „One Motion Grip“, кошто овозможува едноставно и природно управување. Посебно се внимавало возачот во сите услови на возење да добива солидна повратна информација во управувањето и да има прецизна контрола врз возните својства.

Поради практично безшумниот погон, сите движења од подвозјето би се чувствувале многу поинтензивно и би го нарушиле чувството. Против несаканите звуци се грижи нова верзија на системот за активна контрола на звукот, којашто преку звучниците испушта поништувачки тонови во кабината.

Предниот електромотор располага со 150 kW, задниот 80 kW, што дава системска моќност од 230 kW, односно 313 КС 

RZ е прв Lexus со новиот систем DIRECT4, што ги контролира погонските модули на обете оски. Распределбата на вртежниот момент меѓу предната и задната оска може за неколку милисекунди да се промени од 0:100 до 100:0, зависно од подлогата и од условите на возење. Тоа е ексклузивен систем на Lexus.

Батеријата располага со 96 ќелии, со вкупен капацитет од 71,4 kW. Како што беше посочено за Toyota bZ4X, батеријата е конструирана за и по 10 години да задржи 90% од капацитетот. За тоа да се постигне е користено непроценливото искуство на Lexus во хибридниот погон. За досегот уште нема официјална вредност, единствено се наведува дека RZ со полна батерија ќе мине над 400 километри.

Посебност на RZ е ниската потрошувачка на енергија, којашто со вредност од 18,1 kWh прави новиот Lexus да биде меѓу најефикасните електрични модели на пазарот.

Опцијата за управување „One Motion Grip“ е една од главните новини во RZ. Не постои механичка врска и нема класичен управувачки столб. Наредбите од воланот се пренесуваат преку кабел до единицата за електрично управување со тркалата. Lexus тврди дека системот реагира брзо и прецизно, без вибрации од подлогата. На тоа доаѓа и самостојно коригирање на правец при силен страничен ветер, како и беспрекорно држење правец на патишта со накосен профил.

Заедно со „воланот со жица“ доаѓа и нов волан во форма на јарем. Од средишната до крајната лева или десна положба на тркалата е потребно воланот да се заврти за само 150 степени. Нема потреба за воланот да се префаќа при остро вртење. Формата е заслуга на такуми-шоферите на Toyota. Тоа се врвни „мајстори“ на возењето. Со воланот се подобрува и прегледноста на патот, и секако, врз инструментите. Соодветно на тоа и инструментите се поместени повисоко и понапред. Така погледот не мора да се привикнува при префрлување од патот врз инструментите.

Кокпитот на Lexus RZ е развиван според принципот на тазуна, јапонски збор што го опишува минималниот напор што на јавачот му е потребен за да го контролира коњот. Со Yoke-воланот уште повеќе се нагласува тазуна. Целиот кокпит е дизајниран минималистички, да не го одзема вниманието и во исто време да обезбеди едноставно ракување. Ново чувство внесува изобилството од светлина низ големите прозорци.

Новина во Lexus е стаклениот покрив што може да се затемнува со помош на електрика, благодарение на посебниот слој што воедно спречува пресилно загревање на кабината. Со тоа е обезбедено дека и клима уредот нема да се оптоварува премногу, и со тоа да ја троши енергијата во батеријата.

Моќно делува и фактот што Lexus вградува радијатори во RZ. Станува збор за грејни тела што се наоѓаат на висина на колената на возачот и совозачот, вградени во арматурната табла. Тие се дополна на грејачите во седиштата и во воланот, со задача за брзо да ги згрејат патниците. Потоа се одржува температурата, Lexus цени дека тоа е исто како ќебе врз нозете. Тоа е уште една мерка за смалување на потрошувачката.

Новиот инфо-забавен систем Lexus Smart Connect работи побрзо и поелсен е за ракување, а има и низа нови функции за поврзување и за поефикасно планирање на патувањето. Системот дебитираше во Lexus NX и се базира врз навигација со помош на податочен облак. Асистент „Hey Lexus“ не недостига, исто како и вчитување нов софтвер „Over-the-Air“.

Целата галерија од Lexus RZ 450e можете да ја погледнете на нашиот профил на фејсбук

https://www.facebook.com/Automedia.mk/posts/471476924691692

По најубавите есенски рути низ Македонија со Lexus UX

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes EQS SUV: Најпретставителните 20 бројки за најлуксузниот СУВ

Виртуелно низ 160-те години на Opel