за

Lexus стартува со првиот приклучен хибрид и му се радуваме во Македонија

Прво 100 километри со енергијата во батеријата, а потоа класично за Lexus и Toyota, со хибриден пoгон. Првиот хибрид со „штекер“ на Lexus има привилегија во Македонија.

Точно на 1-ви јануари 2000 година, македонските автомобилски власти ја направија веројатно најголемата неправда кон чистиот автомобилски погон во земјата, откако и хибридниот погон на Toyota и Lexus подлегна на акциза, тогаш преименувана во данок за возило. Во меѓувреме, Lexus има нов NX, а тој се нуди и во изведба со приклучен хибриден погон NX 450h+, што значи 50% ослободување од акциза. Тоа се повеќе илјади евра сочувани во џебот.

Мали зафати беа доволни, за корпорацијата Toyota со својата матична марка и со луксузната марка Lexus да фати чекор со приклучниот хибриден погон. Разликата меѓу погонот на Toyota, што цел свет го познава, и приклучниот хибриден погон, лежи во тоа што кај вториов постои приклучок за надворешно полнење на батеријата. Соодветно и батеријата располага со поголем капацитет. Други разлики, нема.

Значи, единствено што требаше да се преземе, беше вградување „штекер“ и додавање уште неколку батериски ќелии плус. Тоа што на новаците во хибридниот погон им стана јасно откако и тие почнаа да нудат комбинација од мотор и електромотор, беше созданието дека не е сé во хардверот, туку има многу и во софтверот. Начинот како интелигенцијата на возилото раководи со ангажирањето на бензинецот и електромоторот е клучното кај хибридниот погон.

New item by Automedia MK / Google Photos

Најавата за почетокот на продажбата на новиот Lexus NX, Јапонците ја почнуваат со следните зборови: „Можеби е премногу едноставно да се претпостави дека сите нови автомобили со приклучен хибриден погон се исти.“ Нема потреба да се продолжува, каде води образложението на оваа најава во соопштението од Lexus.

Lexus NX 450h+ е првиот приклучен хибриден погон на јапонската марка. Нормално дека нејзините инженери повторно успеаја да извлечат повеќе од погонот. Пред повеќе од 15 години, тие го имаа првиот СУВ со хибриден погон, историскиот и легендарен Lexus RX 400h.

Додека останатите марки се мачат да извлечат 30-40 реални километри со енергијата во батеријата во СУВ од оваа класа, Lexus NX 450h+ минува меѓу 70 и 74 километри на струја, според реалната норма WLTP. Овие вредности важат доколку се комбинира и возење на отворено. Во случај кога се вози во град, со полнење на батеријата при секое запирање и забавување, досегот тогаш се искачува на 89 до 97 километри.

New item by Automedia MK / Google Photos

Градот е средина во којашто е најважно автомобилите да загадуваат најмалку. На отворено, СУВ-моделот од компакт класата и пристојно одомаќен модел во својот сегмент на македонскиот пазар – од времето пред властите да се посрамотат со укинувањето на привилегиите за хибридниот погон – може да вози на струја најбрзо до 135 km/h.

Искуството на Toyota и Lexus во хибридниот погон, што е подолго од 20 години, се покажува и во приклучниот хибриден погон

Ако батеријата не се приклучува на полнач, Lexus NX 450h+ ќе продолжи да си вози со класичниот хибриден погон на корпорацијата, а тоа значи дека пак ќе биде во предност. Повеќето од конкурентските модели, откако ќе се испразни батеријата, продолжуваат да возат само со бензинскиот мотор. Јапонците пресметале дека Lexus NX 450h+ во реален хибриден погон ќе троши 23 до 30% помалку гориво од конкурентите со „фиктивен“ хибриден погон.

New item by Automedia MK / Google Photos

Погонската спрега ја сочинува познатиот 2,5-литарец од Camry, RAV4, Highlander и од уште цела низа модели на Lexus, во комбинација со електромотор и литиум-јон батерија од 18,1 kWh – тоа е уште една предност на моделот. При користење полнач со 32 А, со сопствениот полнач од 6,6 kW во возилото, батеријата се полни за 2,5 часови. На оваа комбинација се придружува уште електромотор за задната оска, којшто сочинува интелигентен погон на сите тркала.

New item by Automedia MK / Google Photos

Во споредба со претходниот NX 300h, чисто хибридниот модел од четвртата генерација, сега со ознака NX 350h, помоќен е за 24% и располага со 244 КС. Спринтот е скусен на 7,7 секунди, што е подобрување од 15 проценти.

Lexus NX во текот на следната година го очекуваат во Тојота Авто Центар. Секако дека ќе биде најинтересно околу цената. Според груба пресметка на Аутомедиа, доколку основицата изнесува 50.000 евра, Lexus NX 450h со приклучен хибриден погон ќе биде ослободен од преку 5.000 евра акциза.

>>> Топ 10 Најприродни ситуации за Lexus RX 450h … и 10 други

Lexus RX450h
Lexus RX450h

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Porsche и Ericsson тестираат приватна 5G-мрежа

Како Ford Model T ги уби електричните автомобили