за ,

Како Ford Model T ги уби електричните автомобили

Ако ги прашате сопствениците на Tesla, кој го измисли електричниот автомобил, тие без колебање ќе кажат дека тоа е Илон Маск. Историјата сепак нé враќа до 19-от век.

Не е за чудење тоа што многумина уште се сомничави околу електричните автомобил. Сепак живееме во свет што без задршка пали горива од фосилно потекло и што одамна има заборавено, дека пред бројни децении уште се водела жестока трка за тоа, кој вид на погон ќе се пробие најшироко на пазарот. Тогаш победи бензинот, денес победува електричниот погон.

Денешните салони на автомобили, најразличните саеми за нова технологија, претставуваат своевидна оставштина од времето кога во светските метрополи се одржувале големи изложби, на коишто најголемите пронаоѓачи ги претставувале своите најнови изуми пред јавноста. На тие важни настани, меѓу другото се претставувале и возила што како погон ско гориво користеле високоексплозивна јаглена прашина, петролеј, дрво, па дури и гравитација. Историјата помни и обид да се постави светски брзински рекорд со возило со погон на мешавина од динамит, ТНТ и глицерин.

Не изненадува тоа што обидот завршил безуспешно. Тоа ни го пренесува духот на тогашните времиња. Во почетокот на минатиот век, парниот погон и батериите имаа исто толку голема шанса да се пробијат на пазарот, колку што имаше бензинот. Пред изумителите да откријат дека бензинот може да се користи како погонско гориво во возилата, тој се продавал во аптека, во мали шишенца. Народот, меѓу другото, тогаш го користел бензинот и како делотворно средство против вошки.

Првиот американски претседател Рузвелт бил голем љубител на возилата со парен погон, но тие биле многу сложени и баснословно скапи. Во историјата се спомнува дека Doble-Detroit Model F чинел колку два автомобили Rolls-Royce.

Првото електрично возило било гледано по улиците на Париз, но неговиот пронаоѓач имал големи маки околу пантентирањето на својот изум

Електричните возила биле подостапни и попрактични. Изумителот на првото возило со електричен погон, базирано врз трицикл и изработено во 1881 година, имал големи проблеми околу патентирањето на својот изум. Густав Труве на крајот се откажал и ја применил својата идеја во електричен чамец.

Електричниот погон на Труве навел други пронаоѓачи да работат на идејата. За многу кусо време, електричните автомобили станале надмоќни над сé останато по патиштата. Во 1899 година, првиот автомобил што надминал брзина од 100 километри на час, користел електричен погон.

Возачот на тој автомобил е Камил Јенаци, еден од најуспешните тркачи во тоа време, познат како Црвениот Ѓавол, по бојата на неговата брада. Белгискиот возач загинал во незгода во 1913 година, откако било пукано во него, додека тој се криел зад грмушка, произведувајќи звуци на диво животно. Кобната незгода се случила додека Јенаци бил на лов со своите пријатели.

Меѓу 1896 и 1939 година, индустријата броела неверојатни 565 производители на електрични автомобили во десетина држави ширум светот. Најголемиот дел биле мали работилници, но е неоспорно дека сите имаат заслуга за тогашниот подем на електричниот погон. Меѓу нив, секако се брои и првиот автомобил конструиран од генијалниот Фердинанд Порше (во видеото во продолжение), кого што светот го познава и по „бубата“, како и по спортската марка Porsche. Во тоа време и во Лондон се возеле електрични такси возила.

Првите мотиризирани такси возила во Лондон користеле електричен погон

Близу 80 такси возила во Лондон, во црна и жолта боја, уште во 1900-та година служеле во возниот парк на London Electric Cab Company. Овие возила меѓу патниците биле познати како колибри, поради препознатливиот звук. Електричните такси возила сепак не уживале толку висока популарност во градот на Темза, затоа што поради тешките батерии, возилата се движеле бавно и до одредиштето се стигнувало побрзо со традиционалниот превоз, со коњска запрега.

Погонот на струја напредувал подобро во Америка. На преодот во новиот милениум, 40% од возилата користеле парен погон, 38% биле електрични, додека само 22% користеле бензин. Во 1914 година, само во Њујорк сообраќале повеќе од 2.000 електрични автомобили. Меѓу најпознатите модели од тоа време се спомнуваат Morris & Salom Electrobat. На 5-та Авенија постоел возен парк од 40 камиони со електричен погон во служба на Lord & Taylor, најстарата стоковна куќа во Америка.

Европа била помалку одушевена од електричниот погон, со исклучок на највисоките општествени кругови. Англиската кралица Александра уживала да се вози во City & Suburban Electric Phaeton на благородничкиот имот во Сендрингам во Норфолк.

Илон Маск вистински им оддаде почит на заслугите на Никола Тесла со именувањето на својата автомобилска марка по еден од најголемите пронаоѓани на сите времиња

Оспорено големиот американски изумител Томас Едисон тогаш најавувал револуција во електричните автомобили и надминување на проблемите околу тежината, досегот и долгото полнење, со помош на неговата „чудесна батерија“. Но, таа никогаш не го здогледа светлото на денот. Електриката сепак беше повеќе домен на еден друг изумител од тоа време, на Никола Тесла.

Споменик на Никола Тесла на Нијагарините Водопади; Електроцентралата го снабдува Њујорк со електрична енергија

Хенри Форд сигурно не го направи тоа со намера да го уништи електричниот погон, меѓутоа е факт дека неговиот избор да користи бензински мотор, место електричен мотор, во својот ефтин, но добар Model T, доведе токму до тоа. Со повеќе од 15 милиони произведени примероци, Хенри Форд со својот Model T го смени светот.

Светот сега се менува повторно. Електричниот погон сé повеќе станува секојдневие во уличната слика.

>>> Електричниот автомобил што Америка го имаше, но не го сакаше

 

GM EV1

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Lexus стартува со првиот приклучен хибрид и му се радуваме во Македонија

Автомобилот француски, фабриката германска: DS 4 од Риселсхајм