за

Топ 10 Најприродни ситуации за Lexus RX 450h … и 10 други

Lexus RX450h
Lexus RX450h

Хибридните автомобили според новиот закон од 1-ви јануари подлежат на данок за возила, односно повеќе не се ослободени од акциза, како возила што придонесуваат за зачувување на животната средина. За хибридниот Lexus RX 450h, само еколошката такса чини околу 450 евра при регистрацијата. На тоа следи данок во висина на нов Yaris. Ние проверивме дали можеби нешто е сменето кај автомобилов, откако за него треба да се даде поголем придонес во државната каса. Како што можеше да се претпостави, хибридниот погон и натаму е само еден дел од совршенството што е вградено во овој луксузен крстосувач. Всушност, ништо не е сменето.

Необично е чувството да се вози автомобил, што преку ноќ, откако светот влезе во 2020 година, чини една Toyota Yaris повеќе. Според ценовникот, овој автомобил, чијшто претходник во 2005 година се впиша во историјата како прв премиум-модел со хибриден погон, чини 78.100 евра во почетното ниво. Станува збор за најпродаваната моделска серија на Lexus во светски рамки, за RX, со неговите досега три милиони продадени примероци. Во моделската изведба што пристигна во редакцијата, RX 450h вози во топ-нивото President и соодветно чини 97.900 евра. Грубо пресметано, тој чини околу 12.000 евра повеќе отколку пред 1-ви јануари.

Тоа несомнено била уште една убава владина замисла, хибридните автомобили кои бележеа раст во продажбата на македонскиот пазар во последните години, да се оптоварат со повисоки давачки и на тој начин да се зголеми приливот во државната каса. Акцизата од којашто порано беа ослободени хибридните автомобили, сега е заменета со данок за возила.

Бидејќи не можеме да зборуваме за соодветност на друго ниво, ги баравме ситуациите кои се најсоодветни за Lexus и за RX 450h

Бидејќи темата за соодветноста на новиот закон за возила ја разработивме темелно веднаш по неговото стапување во сила, а соодветноста на функционерите не е предмет на расправа на автомобилски медиум, преостанува да судиме околу тоа, кои ситуации се соодветни за Lexus RX 450h и кои се несоодветни за него. Така произлезе овој Топ 10 на „личи“ и „не личи“.

Lexus е специфична марка од повеќе аспекти, но и од овој: Не постојат предрасуди и стереотипи околу премиум марката на Toyota, како што постојат за останатите премиум марки на пазарот. За возачките и возачите на Lexus, на пример, сцената се нема изјаснето дали тие ги вклучуваат трепкачите кога тоа е пропишано, или не го прават тоа. Исто така, не е точно познато, дали одредена професија, според убедувањата на јавната сцена, искажува посебна верност кон оваа марка, како што беше случај со вработените во фирмите за обезбедување со една друга марка од премиум сегментот. Следат 20 различни ситуации, кои би требало да помогнат да се стекне вистинска претстава за Lexus. За RX 450h, исто така.

На Lexus RX 450h му личи …

… да пристигне тивко и спонтано, во средина што се подготува за важна премиера, пред театар, опера, во пријатно наелектризирана кулиса на културна манифестација. Таква е формата на каросеријата, таква е природата на автомобилот, спој меѓу традиционално и авангардно, елегантно и отмено. Тоа се нарекува совпаѓање на енергиите.

На Lexus RX 450h НЕ му личи…

да биде паркиран а) фалбаџиски, за сите намерници и ненамерници да го забележат скапиот и престижен автомобил; б) безобразно, затоа што на сопственикот му е сеедно дали возилото некому пречи или нешто попречува; в) пркосно, затоа што сите во градот знаат дека станува збор за влијателна личност и дека изречувањето каква било казна ќе биде бесмислено.

На Lexus RX 450h му личи …

… да се најде покрај реномиран ресторан, кадешто се негува врвна гастрономија или можеби во моментот гостува некоја светски прочуена и ценета национална кујна. Поважно е да се ужива во посебно подготвената храна и во соодветната услуга, отколку да се биде виден како гостин и да се направи „скапо“ селфи. Возачките и возачите на Lexus се докажани „connoisseur“, познавачи, луѓе што умеат вистински да уживаат во работите што им значат.

На Lexus RX 450h НЕ му личи…

… да се „тупне“ директно пред кафуле и пред градската шема, со едното тркало на тротоар, а другото во трева. Луѓето не ја избираат оваа марка за сите да видат дека ја возат, туку го прават тоа оти марката се надоврзува на нивниот животен стил и гледишта. Кусо, луѓето што возат Lexus прават да бидат забележани во средината поради други работи, не (единствено) поради тоа што го возат.

На Lexus RX 450h му личи …

… да се вози секое утро до работното место во компанија што привредува преку своите интелектуални ресурси. Нека биде тоа, на пример, компанија од ИТ-секторот.

На Lexus RX 450h НЕ му личи…

… да биде дел од метежот што во секој викенд се создава во скопскиот Градски Парк, во намера граѓаните барем еден ден во неделата да надишат чист парковски воздух, место вообичаената загадена воздушна маса – додека илјадници автомобили од сите страни го обиколуваат паркот со квалитетен дизелски чад, кој по некое чудо не останува покрај автомобилите и се движи точно во правец кон паркот.

На Lexus RX 450h му личи …

… во сабота, багажникот да се наполни со свежо овошје и зеленчук, директно од пазар, кај „свои“ трговци и земјоделци. Тоа е уште една манифестација на логичната спрега меѓу грижата за животната средина и внимавањето на сопственото здравје.

На Lexus RX 450h НЕ му личи…

… да се впушта во трка, да биде прв на семафор, ако треба и на самиот пешачки премин. Таков начин на постигнување сатисфакција, тука едноставно е непримерен.

На Lexus RX 450h му личи …

… возачот најспокојно да го следи текот во градски метеж, отпорен на предизвикот да искористи евентуална празнина, и место на дадениот семафор, да чека на следниот. Лесно е човек да биде релаксиран во овој автомобил, со добра звучна изолација, комотни седишта, хибриден погон на когошто метежот му е речиси како рај, интелигентна климатизација, озвучување од специјалистот Mark Levinson…

На Lexus RX 450h НЕ му личи…

… да се нуди на плац за користени автомобили. Во деновите на потрагата за нашиот Топ 10, вистина обиколивме неколку плацеви околу Скопје и на нив не забележавме ниту еден Lexus. Во целата еуфорија околу увозот на користени автомобили од странство, некој сосем заборави на издржливиот и квалитетен Lexus, кој е како измислен за пазарот на користени? Покрај тоа, Тојота Авто Центар во сите години досега има продадено сигурно повеќе од илјада примероци од својата луксузна марка на македонскиот пазар. Каде тогаш исчезнуваат користените „лексуси“, кога сопствениците ќе се решат да ги заменат со нови? Секако дека тие не исчезнуваат, туку станува збор за повисоко ниво на организација на откупот и понудата на користени возила од марката. Како се одвива тоа, најдобро знае Тони. Во Тојота. Толку за тоа.

На Lexus RX 450h му личи …

… да се најде во амбиент на убава куќа, мајсторско архитектонско достигнување. Тоа е само следно надоврзување на културниот и академскиот аспект на возачките и возачите на Lexus, на „connoisseur“, на луѓе што ги препознаваат и разбираат вредностите.

На Lexus RX 450h НЕ му личи…

… да „заглави“ на технички преглед. Бројни аспекти придонесуваат за реномето на Lexus како нерасиплива мерка. Повеќето од нив се базираат врз хибридниот погон. Од таа страна, моторот речиси никогаш не се изложува до крајно напрегање, CVT е најиздржливата сорта менувачи што постои, во електромоторот нема што да се истроши премногу во нормален век на експлоатација. Покрај тоа, поради конфигурацијата на хибридниот погон, сопирачките траат подолго. Од друга страна, ова сепак е Toyota, произведена од најдобрите мајстори што претходно работеле врз возила од матичната марка.

На Lexus RX 450h му личи …

… да се најде покрај спортски терен, нека биде тениско игралиште, на пример. Секако дека такви терени не недостигаат наоколу, за соодветно да го илустрираме примерот, но секогаш кога ќе се спомне Lexus во контекст на спорт, тешко одолеваме да објавиме уште една фотографија од … LFA!!!

На Lexus RX 450h НЕ му личи…

… да ги посетува станиците за гориво исто како што пес ги „посетува“ сите бандери по пат. Со големиот шестцилиндарец во V во овој крстосувач, се покажа уште една „најдобра“ страна на хибридниот погон. Кога ќе се слушне препознатливото брборење на V6, со нагласок на бензински V6, згора и атмосферски, без турбополнач да го придушува звукот, па уште и краткооден, возењето на овој хибриден автомобил се претвора во возачки рај. Реткост е денес да се вози 3,5-литарски бензинец и реткост е атмосверски бензинец што звучи како овој. Електромоторот се буди секогаш кога возачот ќе се „занесе“ во играњето со моторот и ќе го потсети дека треба да балансира меѓу уживање во динамиката и уживање во економичноста. Затоа, овојпат ќе дадеме уште една дефиниција за хибридниот погон: Тој е добар затоа што овозможува 3,5-литарски V6 со 262 КС (системски 313 КС) да се вози во луксузен кросовер, што е само малку покус од пет метри и по потреба може да спринтува за помалку од осум секунди до темпо сто. Притоа, потрошувачката останува на вредност од околу осум до девет литри бензин во град. Реално, тоа е убедлива причина да се обожува автомобилов.

На Lexus RX 450h му личи …

… да заминува на долги патувања, на годишен одмор, за и патувањето да биде дел од доживувањето на годишниот одмор. RX е машина за патување, меѓу другото. Тестираниот примерок е во топ нивото, Presidential, претседателски, што значи дека поседува и активно подвозје. За споредба: Некои автомобили во „народската“ класа поседуваат комфорна и спортска програма, додека Lexus RX, претседателскиот, поседува 650 програми! Со втор електромотор назад, овој автомобил вози и по снег и по кал. Понатаму, со супермодерна светлосна техника, развивана 13 години, се постигнува досега невидена флексибилност на светлата. Во основа, диодните светилки го фрлаат снопот врз огледало во форма на меч, коешто ротира до 6.000 пати во секунда, и понатаму го насочува светлото низ леќа… Тоа значи дека RX е возило што прави ноќта да стане ден, така што и тоа ограничување не постои. А, по долгите патувања, следи сместување во хотел, така што на RX 450h му личи да одмора во хотел.

На Lexus RX 450h НЕ му личи…

… да се вози по спореден пат, заради избегнување патарина. Причина за тоа не е опасноста од оштетување на возилото поради дупките на споредните патишта, кои не се одржуваат толку ажурно како автопатиштата, туку едноставно не личи. Возење заради уживање во природата, тоа е веќе друго. RX сепак е кросовер, со дваесетина сантиметри растојание од подлогата и со сосем дискретно изведена заштита на каросеријата, така што внимателното возењето по терен може да донесе нова димензија на уживањето во овој автомобил.

На Lexus RX 450h му личи …

… да биде во бујна, недопрена природа. Најголемото задоволство, и најдобриот повод да почне да се обожува хибридниот погон во Toyota и Lexus, следи откако ќе се напушти асфалтот и по некоја патека ќе се појде само малку подлабоко во шумата. Тогаш се отвораат прозорците, за да се ужива во убавината на безшумното и чисто движење со струјата во батеријата. Се слуша единствено како тркалата газат по земјата, за кога ќе се дојде до одредиштето, со чиста еколошка совест да се излезе од возилото и да се ужива во средината што го има создадено човекот. Толку филозофирање.

На Lexus RX 450h НЕ му личи…

… апсолутно не му личи да се доведува во врска со хидроцентрала, ветерница, фотоволтаици, ТЕЦ, каква било форма на производство на електрична енергија. Тој нема потреба да се приклучува на полнач, за батеријата да се наполни, затоа што хибридниот погон, развиван дваесет години во оваа автомобилска куќа, самиот си обезбедува енергија за полнење на батеријата. При секое одземање гас, запирање, сопирање, спуштање по надолнина, движење со залет, електомоторот (поточно двата електромотори во случајов) се претвора во генератор и го користи залетот на возилото, за да произведе електрична енергија и да ја наполни батеријата. Не треба да изненади кога ќе се види дека големиот RX вози само на струја и при 100 километри на час на автопат. Тоа обично трае кусо, но доволно за да се постигне примерна штедливост. Циклусот е постојан. Интелигенцијата на хибридот на Toyota Lexus) е тоа што прави овој погон да биде моќен.

На Lexus RX 450h му личи …

… да се препушти професионалец да ги отстрани и најмалите траги од користење на возилото. Тоа обично значи миење на патосниците и бришење на отпечатоците од прстите по дисплејот, воланот и средишната конзола, но пак е сосем доволно. Овој автомобил го дава најверодостојниот одговор на прашањето околу смислата на тоа што некои сервиси го нудат како деталирање. Секако, да, особено кога ќе се пушти поглед по којзнае колкуте слоеви лак врз природниот фурнир меѓу седиштата и по интарзијата што е изведена рачно од најдобрите такуми во фабриката во Мијата. Таму прашинка не смее да остане.

На Lexus RX 450h НЕ му личи…

… никако не му личи да стои пред сервис, во смисла на неговата докажана издржливост, квалитетот на изработка, супериорноста. Воедно и како заклучок на овој наш Топ 10: Човекот тежнее кон совршенство, свесен е за тоа и во многу ситуации, животни периоди, во најразлични форми, го обожува култот на совршенството. Носењето скап часовник на зглобот, на пример, не е ништо друго, освен најневина манифестација на таа желба за совршенство. Таа беспрекорно дотерана механика, во комбинација со највнимателно избрани материјали, и најважно, изработени со максимално внимание, претставува парче совршенство што човек може да го поседува и да го има покрај себе во секое време. Lexus RX 450h исто така е совршенство. Малку поголемо парче совршенство, и многу поскапо патем, но пак совршенство. Lexus го има избрано хибридниот погон поради совршенството. Иако постојат нови форми на погон, хибридот пак во одредена мерка претставува совршенство. И тоа совршенство се повторува во секој аспект на RX.

По најубавите есенски рути низ Македонија со Lexus UX

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia Sorento

Kia Sorento е тешка класа автомобил

Audi Q3 RS

Audi RS Q3 и неговите пет цилиндри