за

Kia Sorento е тешка класа автомобил

Kia Sorento
Kia Sorento

По серијата впечатливи дизајни во моделското семејство на Ceed, кои повеќе ставаа нагласок на спортската нота и на допадливост од прв миг, новиот Kia Sorento покажува отмен стил и настапува со појава што влева почит.

Сцената одамна немаше покажано толкава љубопитност за изгледот на новата генерација на некој модел, како што беше случај со Kia Sorento. Од маскирани прототипи на тестирање по тркачка патека или некаде на Арктичкиот Круг, до цртежи што вешти графичари ги изведуваа врз основа на контурите на тест-прототипите, нема фаза што големиот СУВ на Корејците не ја мина во медиумите. Заслугата за тоа: Дизајнерската драма што Kia ја предизвика со лансирањето на четирите модели во моделското семејство на Ceed. На светот му стана важно како ќе изгледа нов модел на марката.

Повеќе нема одлагање, премиерата на новата генерација на Kia Sorento претстои за нешто повеќе од две недели, на 3-ти март, во вторник, на салонот на автомобили во Женева. Автомобилот на швајцарскиот штанд ќе им биде познат на посетителите на овој важен настан за браншата, затоа што производителот денес ги објави првите фабрички фотографии.

Соодветно на повисоката класа во којашто припаѓа, Kia Sorento настапува самоуверено и со сигурен стил

Дизајнерите на куќата велат дека станува збор за „префинет нагласок“. Најголемиот СУВ на Kia што се нуди на светскиот пазар – американскиот Telluride со своите пет метри е најголемиот СУВ на марката – соодветно на својата припадност во вишата класа, настапува со самоуверен и зрел дизајн. Задржана е робусноста на прретходните генерации, додадено е повеќе префинетост и елеганција. Линиите се остри, површините се чисти, тоа е уште една мајсторија на дизајнерите на куќата.

Има многу „работа“ да се откријат сите детали во дизајнот. Препознатливиот тигарски нос, како што се нарекува маската на секоја Kia, толкуван е поразлично од досега. Маската е доминантна, широка и висока, ги опфаќа дури и светлата. Тоа што на сликите ќе личи како хромирана лајсна под светлата, всушност се дневните светла. Уште еден убав детал е филигранското варирање на дебелината на хромираната лајсна над маската. Ова ќе биде уште еден автомобил на Kia, за когошто луѓе ќе се упатуваат во салон само да го погледнат.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Отстрана, сменетите пропорции прават возилото да изгледа подолго. Каросериските превиси напред и назад се скусени, меѓуоскиното растојание е продолжено. Слично како XCeed, продолжена е хаубата. Предните столбови се поместени 30 милиметри поназад во споредба со сегашниот модел. Рабовите на хаубата самите се дизајнерски елемент, но не колку страничната линија, што води од предните крила, па сé до опашот. Познат детал од ProCeed е перката зад вратите.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Храбар момент е целосното отстапување на дизајнот на опашот од „стандардите“. Светлата се вертикални, малечки и дводелни. Некако ретро, но очигледно придружено со модерни ефекти на диодните светилки. На тоа се надоврзува карактерна игра на прави или заоблени рабови и мазни површини. Изгледа сосем различно, потребно е време додека окото се навикне на новиот стил на опашот

Kia зборува за најотмено изведена кабина во свој модел досега

Целиот впечаток се заокружува со кокпитот, кој воведува нова дизајнерска шема за целата марка. Тука веќе има траги од премиум автомобил, со финиш на површините што изгледа скапо и благородно, со складни бои. Место класичен бирач кај автоматскиот менувач, се користи ротирачки контролер, а од класиката отстапуваат и командите за климатизацијата, од кои дел се изведени како сензорски полиња. Дигиталните инструменти одамна не се новитет во Kia. Овие во Sorento имаат пречник од 12,3 инчи (31,2 cm) и придружени се со средишен дисплеј од 10,25 инчи (26 cm).

New photo by Automedia MK / Google Photos

Sorento е јадрото на освежената понуда од СУВ-модели на Kia, во којашто влегуваат Seltos, Stonic, Sportage и Telluride. Во развојот на новиот модел учествуваа сите три студија на марката, во Кореја, во Европа и во САД. Платформата што се користи е комплетно нова и според производителот ветува нови стандарди во поглед на протостноста, практичноста, ефикасноста и квалитетот. Трите реда седишта остануваат нераздвоен дел од концептот на моделот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

стари електрични smart

Фанови поправаат стари електрични Smart, ги нудат за 6.500 евра

Lexus RX450h

Топ 10 Најприродни ситуации за Lexus RX 450h … и 10 други