Производителите на автомобили „во општа паника“ поради недостигот од ретки метали и минерали

Кина го ограничи извозот на ретки метали и минерали, како галиум, германиум, графит, но и на машини за преработка на минерали.

Франк Екард е извршен директор на фабрика за производство на магнети од Германија и во изминативе седмици е преплавен со телефонски повици. Производителите на автомобили и нивните добавувачи се гневни и бараат алтернативни извори за снабдување со магнети, за коишто владее хроничен недостиг, откако Кина го ограничи извозот.

Екард бил известен дека фабрики може да ја прекинат работата во средината на јули, доколку не се обезбеди снабдување со магнети. „Целата автомобилска индустрија е во општа паника,“ цени Екард, извршен директор на Магносфер, со седиште во Тројсдорф, Германија. „Тие ќе платат која било цена.“

Автомобилските менаџери повторно се најдоа во своите „воени штабови“, загрижени дека строгата контрола на Кина врз извозот на ретки метали и минерали, за изработка на магнети, што се клучни за производство на автомобили, може да предизвика запирање на производството.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, на 6-ти јуни соопшти дека кинескиот претседател Си Џинпинг дозволил ретки метали и минерали да се извезуваат во САД. Претставници од САД треба да се најдат на преговори со нивните кинески колеги во Лондон на 9-ти јуни.

Индустријата е загрижена дека ситуацијата со ретките метали може да прерасне во трет глобален шок врз ланецот на набавки во последните пет години.

Кусокот од полупроводници го оневозможи производството на милиони автомобили во периодот меѓу 2021 и 2023 година. Пред тоа, фабриките мируваа со недели, поради пандемијата од ковид во 2020 година.

Овие кризи доведоа до јакнење на ланците на набавки во браншата.

Директорите се посветија на создавање резерви од клучните компоненти и го ставија под знак на прашање принципот на достава на компоненти до фабриките непосредно пред нивното вградување во автомобили, што навистина штеди пари, но ги остава без залихи кога ќе настапат кризи.

Екард вели дека „никој не извлекол поука од минатото,“ раководејќи се по бројните телефонски повици што ги добива.

Кинеската доминација во снабдувањето со ретки метали и минерали ѝ остава малку избор на индустријата

Овојпат, додека се стега тесното грло во снабдувањето со ретки метали, индустријата нема други опции, поради тоа што Кина владее со пазарот. Судбината на производствените линии за автомобили е препуштена на неколку кинески бирократи, коишто мораат да прегледуваат стотици барања за дозвола за извоз.

Неколку фабрики на добавувачи за автомобилската бранша во Европа веќе запреа со работа, кризата понатаму ќе продолжи да се продлабочува, предупреди здружението на добавувачи за автомобилските фабрики КЛЕПА.

„Порано или подоцна, сите ќе се соочат со истото,“ вели генералниот секретар на КЛЕПА, Бенџамин Кригер.

Денешните автомобили користат ретки метали во бројни компоненти, од ретровизори, звучници, преку пумпи за гориво и бришачи, до сензори за протекување гориво и сензори за сопирачки.

Кина контролира 70 проценти од ископот на ретки метали и минерали, 85 проценти од преработувачките капацитети и околу 90 проценти од производството на легури што содржат ретки метали и магнети, порачуваат од консултантската куќа Аликс Партнерс.

Во едно електрично возило во просек се користи околу половина килограм ретки метали и минерали, односно половина од таа количина кај возилата со обичен погон, пресметува Светската Агенција за Енергетика.

Кина и во минатото има воведувано рестрикции, вклучувајќи го спорот со Јапонија во 2010 година, кога го запре извозот на ретки метали.

Јапонија мораше да најде други добавувачи, за во 2018 година, на Кина да ѝ останат само 58 проценти од увозот на ретки метали.

[the_ad id=”85764″]

Производителите на автомобили се обидуваат да се осамостојат од увозот на магнети од Кина, па дури и развиваат магнети во коишто не се користат суровини од Кина. Но, сите тие обиди се неуспешни, затоа што продукцијата е мала.

БМВ, Џенерал Моторс, ЗФ и Борг Варнер се обидуваат да ја смалат зависноста од ретки метали

Производителите на авотмобили, меѓу кои Џенерал Моторс и БМВ, како и главните добавувачи како ЗФ и Борг Варнер развиваат електромотори во коишто се користи незначителна количина ретки метали, но не можат да постигнат доволно голема продукција што ќе ги покрие трошоците.

Зависноста на производителите на автомобили од Кина не завршува со ретките метали. Во извештајот на Европската Комисија за 2024 година, стои дека Кина контролира преку 50 проценти од светската испорака на 19 клучни суровини, меѓу кои манхан, графит и алуминиум. Експертите порачуваат, „ова е само предупредување.“

ИЗВОРАутомотив Њуз Европа
Претходна објаваВолво вгради вештачка интелигенција во безбедносниот ремен
Следна објаваКина најавува договор со ЕУ околу царините за електрични автомобили

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here